ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w93 15/11 стр. 23-27
  • Проповедање од село до село во Шпанија

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Проповедање од село до село во Шпанија
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Поднаслови
  • Законското признавање го поттикнува сведочењето на село
  • ‚Распрашајте се кој е достоен‘
  • Библиски читатели спремно реагираат
  • Надвладеани се предрасудите
  • Копање во Библијата по вистината
  • Прекрасна жетва
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
w93 15/11 стр. 23-27

Проповедање од село до село во Шпанија

ИСУС ХРИСТОС патувал „од град до град и од село до село поучувајќи и продолжуваше на својот пат за Ерусалим“ (Лука 13:22, НС). За да ја извршат својата служба, Исус и неговите ученици проповедале не само „од град до град“ туку и од „село до село“. Иако полесно би им било да се сосредоточат на градовите, тие не ги одминувале ни многуте села во внатрешноста на земјата.a

Јеховините сведоци во Шпанија се соочија со предизвикот со кој се соочил Исус. Сѐ до 1970-ите, огромни недопрени селски подрачја чекаа за жетва (Матеј 9:37, 38). Стотици села во дождливите планини на северот, сувите централни рамнини и крајбрежниот дел никогаш не беа достигнати со пораката за Царството.

Јеховини сведоци во Шпанија беа одлучни да не штедат напори за да ја однесат добрата вест и во овие подрачја. Но, зошто морале да чекаат толку долго луѓето во овие предели за да ја слушнат пораката за Царството? И како реагирале на пораката?

Законското признавање го поттикнува сведочењето на село

Делото на Јеховините сведоци во Шпанија се забрани откако заврши граѓанската војна во 1939 година. Во текот на 1950-ите и 1960-ите, ревните Сведоци со претпазливост проповедаа во градовите, каде нивното присуство помалку можеше да се забележи. Кога делото конечно се легализира во 1970, Шпанија имаше приближно 10.000 објавители на Царството. Од нив, речиси сите живееја во градовите и поголемите места, но селата во Шпанија исто така требаше да ја чујат пораката за Царството. Кој можеше да се соочи со ваквиот предизвик?

Во 1970-ите, се презеде акција за, со добрата вест, да се достигнат сите подрачја на овој полуостров. Скоро секој месец, од 1973 до 1979, во Наша служба за Царството, месечно службено издание за собранијата на Јеховините сведоци, излегуваа посебни известувања кои ја истакнуваа потребата во различни делови од земјата. Голем број спремни и соодветни семејства се оѕваа на повикот и доброволно служеа таму каде што потребата беше поголема.

Типичен пример се Розендо и жена му Луси. Двајцата биле испратени како специјални пионери (полновремени проповедници на Царството) во едно рибарско село во северозападна Шпанија, а потоа кога станале родители одлучиле да останат на подрачјето. „Морам да признаам дека минавме низ многу тешки времиња“ — се сеќава Розендо. „Тешко беше да се најде световна работа, но сметавме на Јеховината помош и никогаш не сме биле гладни или без покрив над главата. Сигурно дека сето тоа се исплаќаше.“ Со текот на годините можеле да помогнат да се формираат четири собранија на ова подрачје од Шпанија.

‚Распрашајте се кој е достоен‘

Исус им рекол на своите ученици ‚да се распрашаат‘ кој е достоен во секој град или село (Матеј 10:11). Во селските подрачја на Шпанија, распрашувањето изискува марливост и претприемливост, како што ни открива Ангел, еден брат од Алкој (Аликанте). Штотуку ги завршил посетите на некои домови во селото Масијас, кога слушнал кукурикање на петел. Си помислил: „Ако има петел, мора да има и куќа — куќа што не сме ја забележале“. Откако разгледал наоколу, Ангел пронашол една патека која водела преку гребенот на една стрмнина и на крајот завршувала до една осамена куќа.

На овој чифлик живееле Хозе и Долорес, телесни брат и сестра на околу 60 годишна возраст. Внимателно слушале и веднаш ја прифатиле понудата за библиска студија. Меѓутоа, не било лесно да се студира со овие понизни луѓе, со оглед на тоа што не знаеле да читаат и да пишуваат, а сѐ морало да им се преведува од шпански на валенсиски јазик кој единствено го разбирале. Освен тоа, се соочиле со големо противење од страна на соседите. И покрај овие потешкотии, и Хозе и Долорес напредувале во вистината, иако за да ги посетувааат состаноците морале долго да патуваат преку планините. На крајот, напредувале до крштение и двајцата и понатаму му служат верно на Јехова.

Розендо и Луси, кои порано ги спомнавме, се присетуваат како една парализирана жена, во некоја изолирана куќа близу Моања, северозападна Шпанија, ја прифатила вистината. Се викала Марија. Кога првиот пат разговарала со Сведоците, не умеела да чита и пишува и била врзана за кревет како последица на полиомиелит во детството. Нејзината куќа се наоѓала на скоро 2 километри од најблискиот пат. Сепак, била желна да ја студира Библијата и нејзината одлука да му служи на Јехова набргу станала очигледна. Марија научила да чита и пишува и почнала да ги посетува состаноците, благодарение на заедничките напори на собранието. Браќата ја носеле 200 метри од нејзината куќа до еден неасфалтиран пат каде внимателно ја ставале во автомобил. Наспроти противењето од страна на нејзината фамилија на почетокот, таа напредувала до крштение. Поради самодовербата што ја стекнала преку духовниот напредок, таа денес знае да вози автомобил кој е специјално прилагоден за неа и заврши курс за основно образование. „Секаква жртва се исплаќа кога може да им се помогне на вакви луѓе како што е Марија“ — објаснува Розендо.

Библиски читатели спремно реагираат

Во 1970-ите, Библијата за прв пат ѝ стана достапна на пошироката јавност во Шпанија. Многу Шпанци си купија примерок и некои почнаа да ја читаат. Пилар од Медина дел Кампо (Ваљадолид) веќе ја читала Библијата кога Јеховините сведоци дошле прв пат во нејзиниот град, во 1973. Затоа што била католик, се плашела да земе литература од Сведоците, но мошне сакала да ја разбере Библијата. Поради тоа, се согласила неделно да разговара со нив за да ѝ одговорат на нејзините библиски прашања.

Добро употребувајќи ја литературата што ја издало Друштвото Стражарска кула, сестрата пионерка која ја посетувала Пилар можела да ѝ одговори на многуте прашања. Импресионирана од она што го сознала, после неколку недели Пилар се согласила на библиска студија со книгата Вистина која води до вечен живот. Пред да се заврши студијата со книгата Вистина, ја прочитала целата Библија и се уверила дека ја нашла вистината. Станала првиот Сведок во Медина дел Кампо во кој денес има прекрасна Царска сала и собрание од 63 објавители.

Шпанските Сведоци сѐ уште пронаоѓаат луѓе кои се „свесни за своите духовни потреби“ (НС) и кои редовно ја читаат Библијата трудејќи се да ја разберат Божјата волја (Матеј 5:3). Пепи, бивша католичка која некогаш го изучувала катехизмот во парохијата Зумаја (северна Шпанија), проповедала во соседното село кога ја сретнал парохискиот свештеник.

„Пепи, си го трошиш времето“ — ѝ рекол свештеникот. „Во ова село Ициар има само двајца луѓе — една брачна двојка — кои се духовно настроени. Останатите одат в црква од обичај.“

„Па“ — одговорила Пепи — „ако постојат само двајца луѓе кои се духовно настроени, тие ќе станат Јеховини сведоци.“

Пепи продолжила со нејзиното проповедање од куќа до куќа, заедно со другите Сведоци, сѐ додека селото не било обработено. И, секако, во една изолирана куќа браќата го пронашле брачниот пар кој го спомнал свештеникот. Тие ја читале Библијата, но не ја разбирале. Жедно прифатиле библиска студија, бргу напредувале и се крстиле во април 1991.

Некои чесни луѓе дознале за вистината едноставно така што ја читале самоиницијативно литературата која се темелела на Библијата која ја издало Watch Tower Society. На пример, Сведоците од Алмаден (Сиудад Реал) проповедале во малото гратче Сируелас (Бадахоз) кога пронашле една госпоѓа која внимателно ја слушала нивната порака. Поради нејзиниот видлив интерес, ѝ понудиле домашна библиска студија. Меѓутоа, таа одбила образложувајќи им дека еден постар господин веќе ѝ дава библиска поука. Уште неколку луѓе на ова подрачје го споменале истото. Љубопитноста кај браќата пораснала и тие се распрашале за овој постар господин. Ја добиле неговата адреса и отишле да го посетат.

Колку се изненадиле кога дознале дека овој човек, кој се викал Фелипе, во Мадрид ја добил книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата. Откако ја прочитал целата, Фелипе сфатил дека е лично одговорен самиот да ја споделува добрата вест со своите соседи. Така ја користел книгата и на своите соседи им давал библиски поуки. Браќата се погрижиле да студираат со него. Жената со која тој ја студирал Библијата исто така прифатила студија. Иако е на 80-годишна возраст и со слабо здравје, Фелипе добро напредува во вистината.

Надвладеани се предрасудите

Селското подрачје создава извесни проблеми карактеристични за таа средина. Религиозните традиции и празноверието најчесто имаат големо влијание и повеќето луѓе кои живеат на село имаат вкоренето сомневање кон некоја „нова религија“. Некои селани особено се осетливи на тоа што ќе мислат нивните соседи и роднини ако тие ја сменат својата религија. Но, моќта на Божјата Реч може да ги надвладее таквите проблеми и да го промени животот. Така се случило во рибарското село Кангас де Морацо во северозападна Шпанија.

Роберто, родум од ова село, заминал на море на 14-годишна возраст бидејќи бил желен за независност. Животот како морнар на еден трговски брод го одвел во друштво на други такви млади морнари кои биле тешки пијаници и кои користеле дроги за да ги преживеат долгите часови самотија на море. Набргу и Роберто станал тежок пијаница и наркоман.

Со текот на времето, се вратил дома но не бил во состојба и не сакал да се откаже од своите лоши навики. За да ја финансира својата зависност од дрога, станал крадец и завршил шест пати в затвор поради различни причини. Кога имал 18 години, испил смртоносна комбинација од вино и транквилизатори. Лекарите му го спасиле животот, но веќе не можел да ги користи рацете и нозете. Болницата ја напуштил како квадриплегичар. И покрај тоа што бил врзан за количка, не престанал да се дрогира. Се разочарал од религијата и дрогирањето му се чинело како единственото нешто за кое вредело да се живее — сѐ додека три години подоцна не го посетиле Јеховини сведоци.

Спознанието за библиските пророштва кои се исполниле, му помогнало на Роберто да го надвладее својот скептицизам. Срдечното добредојде кое го доживеал во Царската сала го уверило дека вистинската религија всушност ги збогатува животите на луѓето. Во временско раздобје од девет месеци, Роберто ја надвладеал зависноста од дрога и се крстил. И покрај тешката инвалидност, осум години служи како пионер. Последниве две години е собраниски старешина. Франциско, еден од неговите поранешни другари, бил толку импресиониран од промените во Робертовиот живот што и тој станал Сведок и сега е слуга помошник. Значајните промени кои ги направил овој наркоман кого веќе го сметале за неизлечив, помогнаа луѓето во ова место повеќе да ја ценат природата на нашето дело. Една жена дури го донела својот млад син наркоман во Царската сала за Сведоците да го излечат.

Копање во Библијата по вистината

Општо гледано, селаните имаат такво ценење за вистината од кое световно мудрите можат да се засрамат (1. Коринтјаните 1:26, 27). Аделина, срамежлива средовечна жена, е една од таквите кои имаат ценење. Својата католичка вера ја сфаќала мошне сериозно. Не пропуштала утро, а да не се помоли на коленици, изречувајќи по неколку „Оче наш“ и „Здраво Маријо“. Своите молитви секој ден во неделата му ги упатувала на друг „светец“ — за да се осигура дека барем некои молитви ќе бидат сослушани.

Кога Аделина почнала да ја студира Библијата, истата таа ревност ја насочила кон нејзината новопронајдена вера. Дури и нејзината срамежливост не ѝ претставувала препрека, иако првиот пат кога требало да отидат во Царската сала, нејзе и на нејзиниот сопруг им требале десет минути да соберат храброст да влезат. Меѓутоа, кога веќе еднаш влегла, внимателно слушала. Во една прилика дознала за Илјадагодишната влада на Христос. Оваа тема ја фасцинирала и кога се вратила дома сакала уште да чита за тоа во својата Библија. Но, ниту таа, ниту нејзиниот сопруг не знаеле каде се наоѓа таа информација, иако сметале дека се спомнува некаде во книгата Откровение. Таа ноќ, Аделина почнала да го чита Откровението и читала сѐ додека конечно не стигнала до 20-ото поглавје во раните утрински часови.

Во една друга прилика, Аделина дознала дека е прикладно сопругот да ја застапи својата сопруга во молитва. Иако сакал да се моли, нејзиниот сопруг не знаел што треба да каже во молитва. Истата ноќ, Аделина одлучила да побара упатство во Библијата. Во два часот наутро го разбудила маж ѝ за да му каже дека го пронашла Матеј 6. поглавје кое го обработува предметот на молитва во поединости. Откако ги прочитал Исусовите поуки, нејзиниот сопруг конечно изрекол молитва за нив двајцата. Денес, и Аделина и нејзиниот сопруг се Сведоци на Јехова.

Прекрасна жетва

Откако скоро 25 години ревните слуги на Јехова сведочат на село, добрата вест во Шпанија ја слушнале во секое ќоше. Така било и во првиот век во Мала Азија кога ‚словото Господово се распространило по целиот крај‘ (Дела на св. апостоли 13:49). Со тоа илјадници луѓе од селските подрачја реагирале поволно.

Во Шпанија, како и во други земји, да се проповеда темелно во селските подрачја навистина изискува стрпливост и самопожртвуваност. Но, бидејќи Божјата волја е „сите луѓе да се спасат“, Јеховините сведоци се среќни додека ги бараат оние кои имаат ценење (1. Тимотеј 2:4). И, како што претходните искуства покажуваат, Јехова богато ги наградил напорите да се проповеда од село до село во Шпанија.

[Фуснота]

a Јосиф пресметал дека Галилеја сѐ на сѐ имала 204 „градови и села“, опишувајќи ја како крај со „мошне многу села“.

[Карта на страница 23]

(Види во публикацијата)

ФРАНЦИЈА

ПОРТУГАЛИЈА

ШПАНИЈА

БАЛЕАРСКИ ОСТРОВИ

КАНАРСКИ ОСТРОВИ

[Извор на слика на страница 24]

Вилас, Лерида

[Извор на слика на страница 24]

Пуебла де Санабриа, Замора

[Извор на слика на страница 25]

Казарабонела, Малага

[Извор на слика на страница 25]

Синуес, Уеска

[Извор на слика на страница 26]

Лекеитио, Бискај

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели