Подобар свет — зарем е само сон?
ДА СИ бил следбеник на маздаизмот кој го проповедал иранскиот пророк Зороастер, ќе си го чекал денот кога Земјата ќе се врати во својата првобитна убавина. Ако си живеел во стара Грција, можеби би сонувал да стигнеш на идиличните Острови на среќата или да го видиш враќањето на Златната епоха што ја опишал поетот Хезиод во осмиот век пр. н. е. Гуарани индијанците во Јужна Америка можеби сѐ уште трагаат по Земјата без зло. Ти живееш денес и можеби се надеваш, светот ќе се подобри благодарение на некоја политичка идеологија или на современата еколошка свесност.
Златната епоха, Островите на среќата, Земјата без зло — тоа се само некои од многуте имиња земени за да се опише истата желба, надежта за еден подобар свет.
Овој свет, нашиов свет — секако не е едно идеално место. Брутален растечки криминал, братоубиствени војни со беспримерно насилство, геноцид, рамнодушност спрема страдањето на другите, сиромаштво и глад, невработеност и недоволно солидарност, еколошки проблеми, неизлечиви болести кои погодуваат милиони — бескраен, се чини, е списокот на денешниве јадови. Еден италијански новинар, кога размислувал за војните кои од неодамна се водат, рекол: „Прашањето кое природно се појавува е: Дали непријателството е најсилното чувство на нашето време?“ Земајќи ја предвид ситуацијата, сметаш ли дека, да се тежнее кон нешто друго, нешто подобро — е реално? Или таквото тежнеење е само копнеж по Утопија, сон кој никогаш нема да се оствари? Живееме ли ние во најдобриот од сите можни светови?
Ова не е нешто ново. Луѓето со векови сонувале за свет во кој ќе владее слога, правда, напредок и љубов. Со времето, голем број филозофи ги развиле своите идеи за идеални држави — подобри светови. Но, за жал, никогаш не можеле да објаснат како овие светови успешно би функционирале.
Можат ли да нѐ научат нешто овие стовековни списоци на сништа, утопии и тежнеења на човекот по подобро општество?
[Слика на страница 3]
Дали е овој најдобриот од сите можни светови?