‚Само едно ливче можело како ѕвезда да ја пробие темнината‘
ДЕНЕС, преводите на Библијата се достапни речиси насекаде. Но, битката за Библијата често пати била прашање на живот и смрт.
Вендел Прајм во книгата Fifteenth Century Bibles напишал: „Триесет години по пронаоѓањето на печатењето, инквизицијата зела полн замав во Шпанија. Од 342.000 луѓе кои биле осудени од страна на инквизицијата во оваа земја, 32.000 биле живи изгорени. Она што ги довело до маченичкиот оган била Библијата. Инквизицијата, како смртоносна машинерија, подеднакво била ужасна и во Италија, како во северна така и во јужна. Надбискупите, потпомогнати од инквизицијата, биле оган што гори како за Библијата така и за нејзините читатели. Нерон некои христијани ги направил ‚светлина на светот‘ така што наредил да се изгорат сошиени во вреќи и полиени со катран, употребувајќи ги како факели за осветлување на неговите сцени на оргии. А по улиците на европските градови на кладите гореле Библии. Но, Библијата не била како нејзините читатели кои можеле да бидат осиромашени, соголени, мачени, осакатени и отфрлени. Дури и само едно ливче кое преживеало можело како ѕвезда да ја пробие црнината на оваа темнина“. (Нагласено од нас.)
Ова што писателот Прајм го опишува всушност се однесува на примерок од страница на Библијата кој овде е репродуциран. Се работи, поточно, за колофон, односно последната страница од книгата со посвета која го идентификува преведувачот. Двете паралелни колони на врвот се завршните стихови од Апокалипсата или книгата Откровение.
Во врска со оваа книга, The Cambridge History of the Bible наведува: „Преводот на каталонската Библија од Бонифациј Ферер била отпечатена во Валенсија 1478; сите достапни примероци биле уништени од страна на инквизицијата пред 1500, но едно ливче преживува во хиспанистичката заедница на американската библиотека“. (Нагласено од нас.)
Вендел Прајм исто така забележал: „За ужасените свештеници не постоеле добри Библии, туку само изгорени Библии. Овие ‚свети пламени‘ ќе биле далеку почести и посилни ако имале повеќе Библии за горење. Во многу места немало клади за Библијата само затоа што властите биле толку марливи што повеќе немале Библии за да ги изгорат“. Наспроти таквите интензивни напори да се искорени Библијата која била наменета за обичниот народ, многу примероци останале неуништени. Прајм додал: „Библиите ги зачувале или така што ги изнесувале надвор со прогонството или ќе ги сокриеле како скапоцен камен или метал кој се крие во време на неволја и опасност“.
Божјиот пророк Исаија напишал: „Секоја плот е трева . . . Тревата се суши, цвеќето свенува, а словото на нашиот Бог останува вечно“ (Исаија 40:6, 8). Низ вековите, мноштво љубители на Библијата и многу храбри преведувачи многу ризикувале и многу пострадале заради Божјата Реч. Сепак, нејзиното сочувување никогаш не би можело да се осигура само со човечки напори. За тоа што Библијата е сочувана, ние му благодариме на Авторот на Библијата, Јехова.
[Извор на слика на страница 7]
Со љубезна дозвола на The Hispanic Society of America, New York