Готската Библија — едно извонредно достигнување
ГОТИТЕ биле конфедерација од германски племиња кои веројатно потекнувале од Скандинавија. Во првите векови од нашата ера мигрирале кон југ дури до Црно Море, реката Дунав и истурените воени граници на Римската империја.
Првото книжевно дело кое воопшто било напишано на некој германски јазик била Готската Библија. Денес, од овој превод постојат само фрагменти. Меѓутоа, тој останува особен и скапоцен превод на Светото писмо. Зошто?
Улфила — мисионер и преведувач на Библијата
Преведувачот на оваа Библија е Улфила, познат уште по своето готско име Вулфила. Според историчарот Филосторгиј, Улфила бил потомок на заробеници кои во нападот на Готите биле одведени во Кападокија, денес дел од источна Турција. Роден е околу 311. н. е. На околу триесет години го закалуѓерил Евзебиј од Никомедија и бил обучен да делува како мисионер меѓу Готите.
„За да ги поучи и намножи своите преобратеници“ — вели историчарот Вил Дјурант — „тој стрпливо ја превел од грчки на готски целата Библија освен Книгите Царства“ (The Age of Faith). Денес, освен фрагмент од книгата Неемија, единствените преживеани манускрипти од Готската Библија се делови од Христијанските Грчки списи.
Готскиот не бил пишан јазик. Улфила затоа морал да се соочи со преведувачки предизвик кој изискувал извонредна досетливост. Древните црковни историчари му го припишале пронаоѓањето на готската азбука од 27 знаци темелени главно на грчкиот и латинскиот алфабет. Не само тоа, The New Encyclopædia Britannica забележува дека „ја измислил и германската христијанска терминологија, која, во извесна мерка, се користи и денес“.
Раната историја на Готската Библија
Улфила го завршил преводот пред 381. н. е., а умрел две или три години подоцна. The Encyclopedia Americana ја потврдила распространетоста на неговото дело меѓу народот изјавувајќи дека „преводот главно го користеле Готите кои мигрирале во Шпанија и Италија“. Навистина, судејќи според бројот на преживеаните фрагменти се чини дека биле изработени многу примероци од оваа Готска Библија. Веројатно, неколку манускрипти биле направени во скрипториумите на Равена и Верона во областа каде што Готите го основале своето царство. Скрипториумите биле простории во манастирите каде што биле пишувани и умножувани манускриптите.
Готите како народ престанале да постојат околу 555. н. е., откако византискиот цар Јустинијан I повторно ја освоил Италија. Тоне Клеберг вели дека, по нивното изумирање, „готскиот јазик и традиција во Италија исчезнале, едвај оставајќи некаква трага. Манускриптите на готски повеќе никого не го интересирале. . . . Во голема мера биле раздвоени и изгребани за да се отстрани ракописот. За пишување на нови содржини, повторно почнал да се користи скапиот пергамент“.
Преживеани манускрипти
Некои од овие манускрипти не биле во потполност избришани така што оригиналниот ракопис сѐ уште можел некако да се прочита. Неколку од овие палимпсести, како што се наречени, се пронајдени и дешифрирани. За забележување е што познатиот Кодекс Аргентеум, кој ги содржи четирите Евангелија по редоследот Матеј, Јован, Лука и Марко, останал неоштетен.
Се смета дека овој извонреден кодекс потекнува од скрипториумот во Равена на почетокот на шестиот век н. е., а се нарекува Кодекс Аргентеум (Сребрена книга) затоа што е напишан со сребрено мастило. Страниците од пергамент се обоени пурпурно што укажува дека веројатно бил наменет за царска употреба. Првите три редови од секое Евангелие, како и почетокот од секој пасус, се украсени со златни букви. Имињата на писателите на Евангелијата исто така се појавуваат во златни букви на врвот под четирите паралелни „лакови“ поставени на дното од секоја колона од ракописот како референца за паралелните пасуси од Евангелијата.
Обновување на готскиот библиски текст
По исчезнувањето на готскиот народ, скапоцениот Кодекс Аргентеум исчезнал. Не се знаело каде е сѐ додека не излегол на виделина во средината на 16. век во манастирот Верден, близу Келн (Германија).
Во 1569 бил издаден готски превод на Господовата молитва, што го привлекло вниманието кон Библијата од којашто бил земен. Името Кодекс Аргентеум за прв пат било отпечатено во 1597. Од Верден, овој манускрипт дошол во царската уметничка збирка во Прага. Меѓутоа, кон крајот на Триесетгодишната војна во 1648, победничките Швеѓани го однеле заедно со другото богатство. Од 1669 овој кодекс постојано се наоѓа во Универзитетската библиотека во Упсала (Шведска).
Кодекс Аргентеум првобитно имал 336 листови од кои 187 се во Упсала. Во 1970, во Шпаер (Германија) бил откриен уште еден лист — последната страница од Марковото евангелие.
Од времето кога кодексот се појавил, научниците почнале да го проучуваат ракописот за да го откријат значењето на мртвиот готски јазик. Германскиот научник Вилхелм Штрајтберг ги собрал сите расположиви манускрипти и претходни обиди на обнова на текстот и во 1908 ја издал „Die gotische Bibel“ (Готската Библија) на грчки со готски текст од спротивната страница.
Денес, за оваа Готска Библија се заинтересирани главно научниците. Меѓутоа, фактот што била препишана и ценета на почетокот од преведувањето на Библијата сведочи дека желбата и одлуката на Улфила биле Божјата Реч да ја преведе на она што тогаш било современ јазик. Исправно сфатил дека само на таков начин готскиот народ можел да се надева да ја разбере христијанската вистина.
[Извор на слика на страница 9]
Со љубезна дозвола на Uppsala University Library, Шведска