Моќта на љубезниот збор
„Колку љубезниот збор го освежува срцето што е потиштено од грижа!“ (Изреки 12:25, Knox).
ХРИСТИЈАНИТЕ не се имуни на несреќи. Одвреме навреме и тие доживуваат грижи поради тоа што живеат во овие ‚тешки времиња‘ (2. Тимотеј 3:1).
Кога се доживуваат такви неволји, голем благослов е да се слушнат љубезни зборови од некој лојален пријател! „Пријателот сака во секое време и како брат ќе се јави во време на неволја“, вели Библијата (Изреки 17:17). За верниот човек Јов било познато дека бил ваков пријател. Дури и Елифаз за него рекол: „Кога некој ќе се препнеше, слаб и уморен, твоите зборови го охрабруваа да се исправи“ (Јов 4:4, Today’s English Version).
Меѓутоа, кога и на Јов му било потребно охрабрување, Елифаз и неговите придружници не му се обратиле со љубезни зборови. Тие го обвинувале Јов за неговата несреќа, сакајќи да кажат дека веројатно направил некој таен грев (Јов 4:8). The Interpreter’s Bible коментира: „Она што му е потребно на Јов е искрено сочувство кое доаѓа од срце. Но, тој добива низа совршено ‚точни‘ и совршено величествени религиозни клишеа и морални фрази“. Кога Јов го сослушал говорот на Елифаз и неговите придружници, се почувствувал толку разжалостен што бил присилен да извика: „До кога ќе ја мачите душата моја? До кога ќе ме измачувате со зборови?“ (Јов 19:2).
Никогаш не треба да предизвикаме некој Божји слуга да воздивнува од болка поради нашите непромислени, нељубезни зборови. (Спореди 5. Мојсеева 24:15.) Една библиска изрека предупредува: „Она што го зборуваш ќе ти го зачува или ќе ти го уништи животот; затоа мораш да ги прифатиш последиците од твоите зборови“ (Изреки 18:21, TEV).
Увидувајќи ја моќта на говорот, да го следиме примерот на апостол Павле. Кога бил во Македонија, тој ‚со многу зборови ги охрабрувал оние кои биле таму‘ (Дела 20:2, НС).