Прашања од читателите
Дали би било исправно да се прими вакцина или некоја друга медицинска инјекција што содржи албумин добиен од човечка крв?
Всушност, секој христијанин мора сам да одлучи.
Божјите слуги со право сакаат да бидат послушни на налогот да се воздржуваат од крв, што е запишан во Дела 15:28, 29. Според тоа, христијаните нема да јадат неискрвавено месо ниту производи како што се крвавиците. Но, Божјиот закон важи и во областа на медицината. Јеховините сведоци носат со себе документ во кој пишува дека одбиваат ‚трансфузија на крв, комплетна крв, црвени крвни зрнца, бели крвни зрнца, крвни плочки или крвна плазма‘. Тогаш, што е со серумските инјекции кои содржат сосема мала количина крвни протеини?
Сведоците веќе одамна увиделе дека тоа е работа на лична одлука во согласност со нечија библиски школувана совест. Ова беше истакнато во рубриката „Прашања од читателите“, во Стражарска кула од 1. јуни 1990 (англ.), во која стана збор за серумските инјекции што лекарите им ги препорачуваат на оние што се изложени на одредени болести. Активните состојки на ваквите инјекции сами по себе не се крвна плазма туку антитела од крвната плазма на оние што развиле отпорност. Некои христијани кои сметаат дека со чиста совест можат да примат такви инјекции, забележале дека антителата што се наоѓаат во крвта на бремената жена преминуваат во крвта на бебето во нејзината утроба. Во статијата беше споменато ова, како и фактот дека дел од албуминот преминува од бремената жена на нејзиното бебе.
Многумина сметаат дека ова е значајно, бидејќи некои вакцини кои не се приготвени од крв можат да содржат релативно мала количина албумин од плазмата што била користена или, пак, додадена за да ги стабилизира состојките на препаратот. Во моментов, мала количина албумин се користи и во инјекциите на синтетичкиот хормон ЕПО (еритропоетин). Некои Сведоци примиле ЕПО инјекции бидејќи тие можат да го забрзаат создавањето на црвени крвни зрнца и на тој начин да ги ослободат лекарите од чувството дека е потребна трансфузија на крв.
Во иднина можеби ќе почнат да се употребуваат други медицински препарати кои вклучуваат релативно мала количина албумин, бидејќи фармацевтските компании усовршуваат нови продукти или, пак, ги менуваат хемиските формули на оние што веќе постојат. Затоа христијаните можеби сакаат да размислат дали албуминот е дел од вакцината или од некоја друга инјекција што ја препорачува лекарот. Ако се сомневаат или имаат причина да веруваат дека албуминот е вклучен како состојка, можат да се распрашаат за тоа кај лекарот.
Како што е забележано, многу Сведоци не одбиле да примат инјекција што содржи мала количина албумин. Сепак, секој што сака поподробно да ја испита ситуацијата пред да донесе лична одлука, би требало повторно да ги разгледа информациите изнесени во рубриката „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 1. јуни 1990 (англ.).