ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w94 1/11 стр. 23-27
  • Помагање на нашата фамилија верници во Босна

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Помагање на нашата фамилија верници во Босна
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
  • Поднаслови
  • Залудни напори?
  • Пристигнување во Травник
  • На пат кон Зеница
  • Враќање дома
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
w94 1/11 стр. 23-27

Помагање на нашата фамилија верници во Босна

ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ немаат удел во политичките конфликти (Јован 17:16). Меѓутоа, следејќи го Павловиот совет да прават добро, ‚а најмногу на нивната фамилија верници‘, тие спремно снабдуваат помош за нивните сохристијани во подрачјата растргнати со војна (Галатјаните 6:10, Beck). Како што се приближуваше зимата 1993/94, Сведоци од Австрија и Хрватска ги ризикуваа своите животи за да ѝ помогнат на својата фамилија верници во Босна. Следи нивниот извештај.

Од март до октомври 1993, немаше никакви шанси да се испратат пратки со помош за Босна. Меѓутоа, на почетокот од октомври властите навестија дека можеби би можело да се транспортираат артикли. Но, ова сѐ уште ќе биде опасен потфат бидејќи се водеа жестоки борби на сите фронтови во Босна.

Сепак, во вторник на 26. октомври 1993, нашите камиони заминаа од Виена, натоварени со 16 тони храна и дрво за огрев за сохристијаните во Босна. Ги носевме нашите конгресни значки за идентификација.

По пристигнувањето на хрватско-босанската граница, бевме спроведени до една воена база каде што камионите беа темелно претресени. Нашето барање да патуваме низ српска територија беше одбиено. Ќе биде дозволен премин само преку централна Босна — токму низ борбената зона.

Залудни напори?

Додека воената придружба нѐ водеше од една контрола до друга, слушавме продорни детонации од тенкови и артилерија. Во текот на ноќта, патувавме низ шума, во придружба на два тенкови и еден џип. Нашите камиони ползеа низ предната борбена линија! Добро напредувавме сѐ до утрото, кога над нашите глави профучија истрели, па моравме да се засолниме зад еден рид. По некое време пукањето запре и ние го продолживме нашето патување.

Кога пристигнавме во еден логор, командирот нѐ запраша кои сме и што сакаме. „Вашиот потфат е осуден на пропаст“, рече тој откако ја изложивме нашата намера. „Немате шанси безбедно да излезете надвор од логорот, дури ни за неколку стотици метри. Во земјата владее толкав глад што луѓето ќе ве нападнат и ќе ве опљачкаат“. Тој нѐ убедуваше да свртиме и да се вратиме назад.

Дали нашите напори беа „осудени на пропаст“? Дали беше залудно да се очекува дека ќе можеме да патуваме низ подрачја растргнати со војна, во кои владее глад, а сепак да ги сочуваме артиклите и нашите животи? Требаше да се донесе сериозна одлука. Веќе ги слушавме артилериските истрели и оглушувачките експлозии на бомбите. Додека преноќивме со војниците, можевме да видиме дека тие се спремни за суровоста на битката. Носеа панцирни кошули и беа тешко вооружени. Дури и куварот носеше митралез на грбот. А ние бевме по кошули, со врски и значки! Дали беше паметно да продолжиме?

Пристигнување во Травник

Изгледа, нашата единствена надеж беше да преговараме со третата страна во оваа војна. Следното утро запрашавме една млада жена дали знае каде да го најдеме главниот штаб на оваа група. „Не е далеку“, рече таа. „Одете само низ шумата и ќе наидете на една зграда која порано беше болница“. Бевме нестрпливи да отидеме. Војниците беа вчудовидени што се осмеливме да го напуштиме логорот невооружени.

Поранешната болница беше во урнатини, но еден офицер беше таму. Се согласи да ни помогне, советувајќи нѐ да разговараме прво со неговиот заповедник. Тој нѐ поведе со својата искршена кола и возеше со голема брзина по должината на борбената линија. Запревме пред зградата каде што нѐ прими заповедникот, во една мрачна соба.

„Минатата ноќ сакавме да отвориме оган на вас“, рече тој. „Што сакате?“

„Ние сме Јеховини сведоци и сакаме да им доставиме помош на нашите браќа.“

Тој беше прилично изненаден и импресиониран, бидејќи четири недели ниту еден конвој со помош не се осмелил да ризикува во Босна. Откако бевме темелно претресени, ни беше дадена писмена потврда. Претходната ноќ мислевме дека немаме шанси да го продолжиме нашето патување, а сега можевме да продолжиме, без придружба!

Возевме низ шума, поминувајќи една по друга контрола, а повремено возевме и долж борбената линија. И покрај опасноста, безбедно стигнавме во Травник. Еден војник кој слушна дека идеме, отрча до една куќа каде што беа собрани нашите браќа. „Стигнаа вашите луѓе со камионите!“, извика тој. Можете да си ја претставите нивната радост. Растоваривме храна во куќата, проговоривме неколку зборови, и веќе требаше да продолжиме. Се стемнуваше, а пред нас лежеше едно опасно патување, долго 32 километри.

На пат кон Зеница

Низ шумата нѐ водеше една придружна кола, која возеше со голема брзина. Некој рече дека никогаш нема да успееме да стигнеме до Зеница, но успеавме. Се чинеше како тежок мрак да се беше надвил над градот. Немаше никакви светла ниту возила по улиците. Зеница беше опколена од сите страни, што резултираше со голем глад и очај.

Додека возевме по улицата, видовме нешто неочекувано — две христијански сестри како сведочат! Разбравме дека претходниот ден на нивниот состанок било решено браќата да одат во шума и да бараат храна, бидејќи резервите биле потрошени. Стигнавме токму на време! Во четири часот наутро растоваривме еден од камионите, додека немаше никој на улицата.

Следниот ден се најдовме со еден генерал, кој беше прилично изненаден што сме успеале да стигнеме до Зеница. Се распрашувавме за патувањето до нашата следна цел — Сараево.

„Со месеци никој не се осмелил да оди таму со камион“, рече генералот. На крај ни даде дозвола да патуваме преку планините. „Но, ви велам, тешко е да се успее“, предупредуваше тој. „Се сомневам дека вашите камиони се доволно јаки за да издржат до вашата цел.“

Генералот не претеруваше. Кога бевме на само 40 километри од Сараево, моравме да направиме заобиколување од 140 километри низ шума! Никогаш нема да го заборавиме возењето од Зеница преку Сараево до Јабланица кое траеше три денови и две ноќи, честопати со брзина од само 5 километри на час. „Патот“ беше една патека направена од оклопни возила. Возевме преку страшни карпи и дупки. Често моравме да возиме без светла, а во две прилики нашите камиони скоро ќе се слизнеа по несигурните ридови. Еден воен камион, кој го следеше нашиот конвој, ги запали светлата само за момент и веднаш беше изрешетан. Одвреме навреме требаше да поправаме оштетени мостови и да лепиме гуми.

Кога пристигнавме во предградието на Сараево, побаравме да разговараме со надлежниот генерал. Додека чекавме, на улицата видовме еден камион како вози десет трупови и една вреќа со глави; војниците преговараа околу предавањето на труповите — навистина една непријатна глетка која нѐ натера да копнееме по денот кога војната ќе прекине (Исаија 2:4).

Во 10.00 часот конечно добивме дозвола еден од нас да разговара со генералот и со неговите високи офицери, во една темна просторија осветлена само со свеќа.

„Кои сте вие?“, праша генералот.

„Ние сме Јеховини сведоци. Сакаме да им доставиме храна на нашите соверници во Сараево.“

„Дали знаете дека има многу Јеховини сведоци во Сараево?“

„Да, затоа и сме овде.“

Тогаш генералот го спомна името на еден Сведок. „Го познавате ли?“

„Да, тој е наш пријател.“

„Тој е и мој пријател“, рече генералот. „Одевме заедно на училиште. Откако стана Сведок, го ценам дури и уште повеќе. Тој стори многу за вас. Ве молам, кажете ни нешто повеќе за Јеховините сведоци.“

Следеше едночасовна дискусија по која беа врачени повеќе од дванаесеттина списанија. После втората средба, генералот се согласи да направи посебни подготовки за да биде доставена помошта до сараевските браќа.

Ова не беше мал потфат. Околу 30 лица, вклучувајќи и некои кои не беа Сведоци, ги растовараа пакетите од кои секој тежеше по околу 27 килограми. Тие работеа од 20.00 до 5.00 часот во две ноќи — вкупно 18 часа. Еден старешина известува дека неговите соседи биле толку многу восхитени од напорите за доставување на помош, што и тие клекнале заедно со браќата и му заблагодариле на Јехова! Се разбира, и тие добија нешто храна.

Претстави си ја радоста на нашите браќа кога примија 11.000 килограми помош! Ситуацијата беше очајна. Локално, 1 килограм брашно чини помеѓу 450 и 1.000 германски марки (300 и 660 американски долари). Една вреќа дрва чини околу 400 марки (260 долари), а еден литар дизел гориво чини 30 марки (20 долари).

Се чинеше како да бевме наградени за секоја опасност со која се соочивме по патот. Бевме восхитени додека ја гледавме радоста на нашите браќа во моментот кога ја примија оваа помош. Тоа беше едно искуство кое тие, а и ние, нема никогаш да го заборавиме. Но, сега требаше да почнеме да мислиме на предизвикот за враќање дома.

Враќање дома

„По кој пат да се вратиме дома?“, го прашавме генералот.

„По истиот по кој дојдовте“, одговори тој.

Бевме истоштени, со малку гориво и без резервни гуми. Почна да врне дожд, па не можевме да патуваме по калта. Го прашавме генералот дали може да одиме на југ.

„Таму се водат жестоки борби“, рече тој. „Дури ни глувче не може да помине оттаму.“ Меѓутоа, по некое време се предомисли. „Обидете се“, рече. „На крајот на краиштата, успеавте да стигнете до овде.“

Едниот камион требаше да го оставиме таму, а неговото гориво да го поделиме помеѓу другите три камиони. Заминавме на полноќ и повторно возевме низ шума.

Нашето патување назад не беше без проблеми. Наидовме на еден воен камион кој лежеше бочно, делумно попречувајќи го мостот по кој требаше да преминеме. Забележавме дека, ако извадиме само едно од неговите тркала, ќе има доволно место да се помине.

Му се обративме на еден вооружен војник. „Може ли да го извадиме тркалото, а потоа, откако ќе го преминеме мостот, повторно да го намонтираме?“

„Ако го допрете тркалото, тогаш мојата пушка ќе си има работа со вас“, одговори војникот, нишанејќи со неговото оружје.

Си рековме, можеби ќе биде подобро да свариме кафе и да му понудиме и на војникот еден филџан. Неколку часа му раскажувавме за меѓународните конгреси во 1991, како оној што се одржа во Загреб. После тоа, неговиот став омекна и тој ни дозволи да го извадиме тркалото.

На Јабланица, еден од нас зборуваше со командирот за патот по кој сакавме да патуваме. Не можеше да верува во она што го слушаше. „Сакате да одите преку долината на Неретва?“

Со право беше вознемирен. Бреговите на долината на Неретва се заземени од различни војски. Тие постојано пукаат едни на други. Во должина од скоро 16 километри патот е несигурен. „Ете таква е ситуацијата“, рече генералот, „и сѐ уште сакате да минете од таму?“

Откако ја одмери работата, генералот рече дека можеме да одиме, но само ако сме во придружба од службени лица. Меѓутоа, овие службени лица се колебаа да појдат со нас! На крај, ги замоливме да стапат во врска со другата страна и да ги известат за нашето поминување. Следното утро ќе одиме без придружба.

Со големи букви ги излепивме нашите камиони дека носат хуманитарна помош. Откако се помоливме, се спуштивме во долината. Се договоривме да не ја зголемуваме брзината ако почне да се пука, за да не предизвикаме сомнение.

Го преминавме мостот од другата страна на реката и продолживме по другата долина, поминувајќи покрај животински мрши и демолирани камиони и тенкови. Ненадејно, на патот забележавме мини кои ни оневозможуваа да поминеме. Затрубивме неколку пати додека двајца војници не ѕирнаа од зад карпата. „Кои сте вие? Што сакате“, прашаа тие.

Откако се идентификувавме, ги замоливме ако сакаат да ја расчистат улицата и тие се согласија. Конечно, стигнавме на другата страна.

Војниците кои беа таму се изненадија кога нѐ видоа. Излегоа полека од нивните скривалишта, приоѓајќи му на камионот со пушките вперени директно во нас. Им ги покажавме нашите пропусници, заедно со регистарските таблички кои ги бевме симнале од безбедносни причини додека возевме низ воената зона.

„Никој не ве очекувал“, рече еден војник. „Како сте можеле да поминете?“

Наспроти нашето барање, никој на овие истурени положаји не бил известен дека доаѓаме! Офицерот продолжи: „Чкрапалата на пушките ни беа затегнати и само што не почнавме да пукаме“.

Прашавме зошто не го сториле тоа.

„Немам поим“, одговори војникот. „Сигурно таква ви била судбината. Но, кога ве гледавме преку двогледот, го видовме натписот ‚хуманитарна помош‘, па не знаевме што да правиме со вас. И така, значи успеавте.“ Подоцна, му упативме на Јехова срдечна молитва на благодарност за неговата заштита.

Иако нивните околности се сурови, духот на нашите босански браќа и сестри инспирира. Тие ги делат материјалните ствари кои ги поседуваат исто како и многуте зборови на вера и охрабрување. Во Зеница има 40 активни Сведоци, вклучувајќи и 2 специјални пионери, 11 помошни пионери и 14 новокрстени лица. А 65-те Сведоци плус 4-те помошни пионери кои сѐ уште се наоѓаат во Сараево, водат 134 библиски студии. Сведоците просечно минуваат 20 часови секој месец, зборувајќи им на другите за добрата вест на Божјето Царство.

Навистина, Јеховините сведоци сочинуваат една фамилија верници ширум светот. Тие доброволно ги ризикуваат своите животи за да им сторат добро на оние кои се поврзани со нив во верата — дури и на оние кои никогаш порано не ги сретнале. Зошто? Затоа што ги сакаат. Исус Христос рекол: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13:35). Несомнено, ова беше случај и со нашата фамилија верници во Босна.

[Карта/слики на страница 24]

(Види во публикацијата)

Јадранско Море

АВСТРИЈА

СЛОВЕНИЈА

УНГАРИЈА

ХРВАТСКА

БОСНА

Травник

Зеница

Сараево

СРБИЈА

[Слики]

Доставување на помош во Босна и Херцеговина

[Слика на страница 26]

Провлекување покрај превртениот камион

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели