Сите свои грижи остави ги на Јехова
“Смирете се под крепката рака Божја, за да ве воздигне, кога ќе дојде времето. Сите ваши грижи оставете ги на Него, зашто Он се грижи за вас“ (1. ПЕТРОВО 5:6, 7).
1. Како може грижата да влијае врз нас, и како може тоа да се илустрира?
ГРИЖАТА може силно да влијае врз нашиот живот. Таа може да биде споредена со атмосферските пречки кои понекогаш прекинуваат некоја прекрасна мелодија што се слуша на радио. Ако нема мешање на радиобрановите, можеш да уживаш во угодните звуци и тие можат да те смират. Меѓутоа, крчењето поради пречките може да ја расипе дури и најубавата мелодија и да предизвика раздразнетост и незадоволство. Грижата може да има сличен ефект врз нашето спокојство. Таа може толку да нѐ притисне што не ќе можеме да се грижиме за животоважните работи. Всушност, „тагата [тегобната грижа, НС] во срцето го притиска човекот“ (Изреки 12:25).
2. Што рекол Исус за „животните грижи“?
2 Исус Христос зборувал за опасноста вниманието да ни биде одвратено со претерана грижа. Во своето пророштво за последните денови, тој поттикнал: „Пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, и грижа за овој свет [животните грижи, НСнов], за да не ве затече оној ден ненадејно; оти тој ќе дојде како примка за сите што живеат по целата земја; бидете будни во секое време и молете се, за да го избегнете сето она, што ќе настане, и да се исправите пред Синот Човечки“ (Лука 21:34-36). Исто како што прејадувањето и прекумерното пиење можат да создадат мрзлива умствена состојба, така и оптовареноста со „животните грижи“ може да направи да ја изгубиме умствената способност работите да ги гледаме во право светло, кое може да има трагични последици.
Што е грижата
3. Како се дефинира ‚грижата‘, и кои се некои од нејзините причинители?
3 ‚Грижата‘ се дефинира како „болно или исплашено умствено неспокојство, обично поради некое претстојно или очекувано зло“. Таа е „плашлива загриженост или интерес“, како и „ненормално и поразително чувство на исплашеност и страв, кое честопати е обележано со физиолошки знаци (како потење, напнатост и забрзан пулс), поради сомневање во реалноста и природата на опасноста, како и сомневање во себеси во поглед на личната способност да се излезе на крај со неа“ (Webster’s Ninth New Collegiate Dictionary). Според тоа, грижата може да биде сложен проблем. Некои од нејзините бројни причинители се болеста, стареењето, стравот од насилство, губење на работата и преокупираноста со доброто на семејството.
4. а) Што е добро да запомниме во врска со луѓето и нивните грижи? б) Што може да се стори ако имаме некаква грижа?
4 Јасно е дека постојат различни степени на грижа, како што има и различни услови или околности кои можат да ја предизвикаат. Сите луѓе не реагираат еднакво на една иста ситуација. Според тоа, треба да сфатиме дека иако некоја работа не нѐ вознемирува нас, таа може да предизвика голема загриженост кај некој наш сообожавател на Јехова. Што да се стори ако грижата стигне дотаму што не можеме да се сконцентрираме на хармоничните и прекрасни вистини од Божјата Реч? Што ако станеме толку обземени од грижа што не сме во можност да се сосредоточиме на спорните прашања за Јеховината сувереност и христијанската беспрекорност? Можеби не сме во состојба да ги промениме нашите околности. Наместо тоа, треба да побараме библиски мисли кои ќе ни помогнат да излеземе на крај со непотребната загриженост предизвикана од мачните животни проблеми.
Постои помош
5. Како можеме да постапуваме во склад со Псалм 55:22 (НС)?
5 Кога на христијаните им е потребна духовна поддршка и кога се оптоварени со грижи, тие можат да црпат утеха од Божјата Реч. Таа дава сигурно водство и нуди многу гаранции дека не сме сами како Јеховини лојални слуги. На пример, псалмистот Давид пеел: „Фрли го своето бреме на Јехова, и тој самиот ќе те поткрепи. Никогаш нема да дозволи праведникот да се поколеба“ (Псалм 55:22, НС). Како можеме да постапуваме во склад со овие зборови? Така што сите наши грижи, немири, стравувања и разочарувања ќе ги оставиме на нашиот небесен Татко полн со љубов. Тоа ќе ни даде чувство на сигурност, како и смиреност во срцето.
6. Што може да постигне молитвата за нас, според Филипјаните 4:6, 7?
6 Редовната искрена молитва е неопходна ако сакаме нашето бреме, вклучувајќи ги и сите наши грижи, да ги фрлиме на Јехова. Тоа ќе ни донесе внатрешен мир, бидејќи апостол Павле напишал: „За ништо не грижете се, туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност изјавувајте ги пред Бога своите барања, и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исуса Христа“ (Филипјаните 4:6, 7). Неспоредливиот ‚мир Божји‘ е невообичаена смиреност што ја уживаат Јеховините предадени слуги дури и во најискушувачките ситуации. Таа произлегува од нашиот близок личен однос со Бог. Кога молиме за свет дух и дозволуваме тој да нѐ поттикнува, ние не сме ослободени од сите животни проблеми, туку се радуваме на мирот како плод на духот (Лука 11:13; Галатјаните 5:22, 23). Не сме совладани од грижите, затоа што знаеме дека Јехова прави сиот негов верен народ да ‚живее без опасност‘ и нема да дозволи да се случи нешто што би ни нанело трајна штета (Псалм 4:8).
7. Каква улога играат христијанските старешини во помагањето да излеземе на крај со грижата?
7 Сепак, што ако нашата загриженост потрае, иако медитираме за Библијата и истрајуваме во молитва? (Римјаните 12:12). Наименуваните старешини во собранието се исто така Јеховина подготовка за наша духовна помош. Тие можат да нѐ утешат и да ни помогнат така што ќе ја употребат Божјата Реч и ќе се молат со нас и за нас (Јаков 5:13-16). Апостол Петар ги повикал другите старешини да го пасат Божјето стадо доброволно, ревносно и на примерен начин (1. Петрово 5:1-4). Овие мажи се искрено заинтересирани за нашето добро и сакаат да ни бидат од помош. Се разбира, за да извлечеме полна корист од помошта на старешините и добро да напредуваме во духовен поглед во собранието, сите ние треба да го применуваме Петровиот совет: „Вие, помладите, покорувајте им се на свештениците [постарите мажи, НС]; а сите, пак, покорувајте се еден на друг и здобивајте се со понизност, бидејќи ‚Бог им се противи на горделивите, а на смирените им дава благодат‘“ (1. Петрово 5:5).
8, 9. Каква утеха може да се добие од 1. Петрово 5:6-11?
8 Петар додал: „Смирете се под крепката рака Божја, за да ве воздигне, кога ќе дојде времето. Сите ваши грижи оставете ги на Него, зашто Он се грижи за вас. Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да го проголта; спротивете му се со тврда вера, знаејќи дека такви страдања ги снаоѓаат и вашите браќа по светот. А Бог на секоја благодат, Кој ве повика за Својата вечна слава во Исуса Христа, Сам, по вашето кратко страдање [самиот ќе му стави крај на вашето обучување, НС], да ве усоврши, укрепи и направи непоколебливи. Нему слава и власт во веки веков. Амин!“ (1. Петрово 5:6-11).
9 Колку е утешно да се сфати дека можеме ‚сите наши грижи да ги оставиме на Бог, зашто Он се грижи за нас‘! А ако некои наши грижи потекнуваат од Ѓаволовите обиди да го уништи нашиот однос со Јехова, така што ќе ни донесе прогонство и други страдања, зарем не е прекрасно да знаеме дека сѐ ќе заврши добро за чуварите на беспрекорноста? Да, откако малку сме пострадале, Богот на секоја незаслужена доброта ќе му стави крај на нашето обучување и ќе нѐ зацврсти и зајакне.
10. На кои три особини, коишто можат да ни помогнат да ја смириме загриженоста, алудира 1. Петрово 5:6, 7?
10 Првото Петрово послание 1Пе 5:6, 7 алудира на три особини кои можат да ни помогнат да излеземе на крај со грижите. Едната е понизноста, т.е. ‚понизноста на умот‘ (НС). 1Пе 5 Стих 6 завршува со изјавата „кога ќе дојде времето“, укажувајќи на потребата од стрпливост. 1Пе 5 Стих 7 покажува дека можеме со доверба да ги оставиме сите наши грижи на Бог, ‚зашто Он се грижи за нас‘, и тие зборови нѐ охрабруваат да имаме безусловна доверба во Јехова. Затоа, да видиме како понизноста, стрпливоста и безусловната доверба во Бог можат да ни помогнат да ја смириме грижата.
Како може да помогне понизноста
11. Како може понизноста да ни помогне да излеземе на крај со грижите?
11 Ако сме понизни, ќе признаеме дека Божјите мисли се далеку понадмоќни од нашите (Исаија 55:8, 9). Понизноста ни помага да го признаеме нашиот ограничен умствен домет во споредба со Јеховиниот сеопфатен видик. Тој гледа работи кои ние не ги увидуваме, како што е покажано во случајот со праведниот Јов (Јов 1:7-12; 2:1-6). Ако се понизиме „под крепката рака Божја“, ја признаваме нашата пониска положба во однос на Севишниот Суверен. Тоа, пак, ни помага да излеземе на крај со околностите коишто тој ги дозволува. Нашите срца може да копнеат по итно олеснување, но бидејќи Јеховините особини се во совршена рамнотежа, тој прецизно знае кога и како да дејствува во наша корист. Затоа, како мали деца, понизно да се држиме за Јеховината моќна рака, уверени дека тој ќе ни помогне да излеземе на крај со нашите грижи (Исаија 41:8-13).
12. Како може да се одрази на грижата за материјалната сигурност понизното применување на зборовите од Евреите 13:5?
12 Понизноста вклучува спремност да се примени советот од Божјата Реч, кој често пати може да ја намали загриженоста. На пример, ако нашата загриженост дошла поради длабока вмешаност во материјалните тежнеења, би било добро да размислиме за Павловиот совет: „Немојте да бидете среброљупци и задоволувајте се со она, што го имате. Зашто Сам Он [Бог] рекол: ‚Нема да те оставам, ниту, пак, ќе те напуштам‘“ (Евреите 13:5). Откако понизно го примениле ваквиот совет, мнозина се ослободиле од голема загриженост околу материјалната сигурност. Иако нивната финансиска состојба можеби не се подобрила, таа повеќе не доминирала со нивните мисли и со тоа да им нанесе духовна штета.
Улогата на стрпливоста
13, 14. а) Каков пример дал Јов во поглед на стрпливата истрајност? б) Што може да стори за нас стрпливото чекање на Јехова?
13 Изразот „кога ќе дојде времето“ во 1. Петрово 5:6 укажува на потребата од стрплива истрајност. Понекогаш некој проблем трае подолго време и тоа може да ја зголеми загриженоста. Особено тогаш работите треба да ги препуштиме во Јеховини раце. Ученикот Јаков напишал: „Блажени се оние што претрпеа. Сте чуле за трпението на Јов и узнавте каков крај му даде Господ, затоа што Господ е многумилостив и се смилува на него“ (Јаков 5:11). Јов доживеал економска пропаст, му умреле десет деца, настрадал од одвратна болест и бил погрешно оптужен од лажни утешители. Извесен степен на загриженост би бил нормален под такви околности.
14 Во секој случај, Јов бил примерен во стрпливата истрајност. Ако доживуваме тежок испит на верата, можеби, како и тој, ќе мораме да чекаме олеснување. Но Бог дејствувал во негова корист, и конечно го ослободил Јова од неговото страдање и изобилно го наградил (Јов 42:10-17). Ако стрпливо чекаме на Јехова, така ќе се развие нашата истрајност и ќе се открие длабочината на нашата оддаденост кон него (Јаков 1:2-4).
Имај доверба во Јехова
15. Зошто треба безусловно да му веруваме на Јехова?
15 Петар ги поттикнал соверниците да ги ‚остават сите свои грижи на Бог, зашто Он се грижи за нив‘ (1. Петрово 5:7). Според тоа, можеме и треба да имаме безусловна доверба во Јехова. Во Изреки 3:5, 6 се вели: „Надевај се на Господа од сѐ срце и не се потпирај врз твојот разум. По сите свои патишта размислувај за Него, и Он ќе ти ги покаже твоите патеки“. Поради искуството во минатото, на некои, кои се исполнети со грижа, тешко им е да имаат доверба во други луѓе. Но, сигурно имаме причина да имаме доверба во нашиот Творец, самиот Извор и Одржувач на животот. Дури и ако за некоја работа немаме доверба во нашата лична реакција, можеме секогаш да се ослониме на Јехова дека ќе нѐ ослободи од нашите неволји (Псалм 33:18, 19; 35:9; 55:3, 4).
16. Што рекол Исус за грижата околу материјалните работи?
16 Да имаме доверба во Бог подразбира да го слушаме неговиот Син, Исус Христос, кој поучувал за она што го научил од својот Татко (Јован 7:16). Исус ги подбудил своите ученици да ‚си собираат богатства на небото‘ на тој начин што ќе му служат на Јехова. Но, што е со материјалните потреби, вклучувајќи ги храната, облеката и покривот над главата? „Немојте да се грижите“, советувал Исус. Тој истакнал дека Бог ги храни птиците и прекрасно ги облекува цвеќињата. Зарем не се човечките слуги повредни од нив? Се разбира дека се. Затоа, Исус поттикнал: „Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата [Божјата] правда, и сѐ ова ќе ви се придаде“. Тој продолжил: „И така, немојте да се грижите за утре, зашто утрешниот ден ќе се грижи за своето [следниот ден ќе си има свои грижи, НС]“ (Матеј 6:20, 25-34). Да, потребно ни е јадење, пиење, облека и покрив над главата, но ако имаме доверба во Јехова, нема да бидеме непотребно загрижени околу овие работи.
17. Како би можеле да ја илустрираме потребата најнапред да го бараме Царството?
17 За да го бараме најнапред Царството, мораме да имаме доверба во Бог и да ги држиме нашите приоритети во исправен ред. Еден нуркач без апарат за дишење може да се нурне под површината на водата во потрага по школка со бисер. На овој начин тој заработува за своето семејство. Навистина, висок приоритет! Но, што е тоа што е уште поважно? Воздухот! Тој мора редовно да изнуркува за повторно да ги наполни своите бели дробови. Воздухот има повисок приоритет. Слично на тоа, можеби мораме на некој начин да бидеме вклучени во овој систем на ствари за да го добиеме она што е неопходно за живот. Меѓутоа, духовните работи мораат да бидат на прво место затоа што од нив зависи самиот живот на нашето семејство. За да избегнеме непотребна загриженост поради материјалните работи, мораме да имаме безусловна доверба во Бог. Освен тоа, ако сме „секогаш богати во делото Господово“, тоа може да ни помогне да ја смириме загриженоста, бидејќи „радоста Јеховина“ се покажува како наша тврдина (1. Коринтјаните 15:58; Неемија 8:10, НС).
Продолжи да ги оставаш своите грижи на Јехова
18. Каков доказ постои дека навистина ќе ни помогне ако сите наши грижи ги оставиме на Јехова?
18 За да останеме јасно сосредоточени на духовните работи, мораме да продолжиме да ги оставаме сите наши грижи на Јехова. Секогаш имај на ум дека тој навистина се грижи за своите слуги. Да илустрираме: Поради неверноста на својот сопруг, една христијанка била толку загрижена што не можела да спие. (Спореди Псалм 119:28, НС.) Меѓутоа, кога ќе си легнела, ги оставала сите свои грижи на Јехова. Му го излевала своето срце на Бог, кажувајќи му за болката што таа и нејзините две ќеркички ја поднесувале. Откако ќе се исплачела, барајќи помош во усрдна молитва, секојпат успевала да заспие, бидејќи имала доверба дека Јехова ќе се погрижи за неа и нејзините деца. Оваа библиски разведена жена сега е среќно омажена за еден старешина.
19, 20. а) Кои се некои од начините на кои можеме да се бориме против загриженоста? б) Што треба да продолжиме да правиме со сите наши грижи?
19 Како Јеховин народ, имаме различни начини на кои можеме да се бориме против грижата. Особено е корисно ако се применува Божјата Реч. Ја имаме богатата духовна храна што ни ја дава Бог преку „верниот и разумен роб“ (НС), вклучувајќи ги корисните и освежувачки статии што излегуваат во Стражарска кула и Разбудете се! (Матеј 24:45-47). Ја имаме поддршката од Божјиот свет дух. Многу ни помагаат и редовните и усрдни молитви. Наименуваните христијански старешини се исто така подготвени и спремни да дадат духовна помош и утеха.
20 Нашата понизност и стрпливост се многу корисни во справувањето со грижата што може да нѐ обземе. Особено важно е да се има безусловна доверба во Јехова, зашто нашата вера се изградува додека ја примаме неговата помош и водство. А верата во Бог може да нѐ сочува да не станеме непотребно вознемирени (Јован 14:1). Верата нѐ тера да го бараме најнапред Царството и да останеме вработени во Господовото радосно дело, кое може да ни помогне да излеземе на крај со загриженоста. Таквата активност прави да се чувствуваме сигурни меѓу оние кои ќе ги пеат Божјите фалби во сета вечност (Псалм 103:33). Затоа, да продолжиме да ги оставаме сите наши грижи на Јехова.
Како би одговорил?
◻ Како може да се дефинира грижата?
◻ На кои начини можеме да се бориме против грижата?
◻ Како можат понизноста и стрпливоста да ни помогнат да ја смириме загриженоста?
◻ Зошто е животоважно да се има безусловна доверба во Јехова кога се бориме против грижата?
◻ Зошто треба да продолжиме да ги оставаме сите свои грижи на Јехова?
[Слика на страница 24]
Знаеш ли зошто Исус рекол: „Немојте да се грижите“?