Да се извлече корист од секојдневното читање на Библијата
„Среќен е човекот кој . . . наоѓа радост во законот Јеховин, и со придушен глас го чита ден и ноќ“ (ПСАЛМ 1:1, 2, НС).
1. а) Каков впечатлив натпис стои на печатницата на главното седиште на Друштвото Стражарска кула? б) Како ќе извлечеме корист ако лично го земеме при срце советот?
„СЕКОЈДНЕВНО ЧИТАЈ ЈА БОЖЈАТА РЕЧ, БИБЛИЈАТА.“ Овие зборови напишани со големи букви, стојат на зградата во Бруклин (Њујорк), во која Библиското и трактатно друштво Стражарска кула печати Библии и библиска литература. Овој совет не е наменет само за луѓето од светот кои го гледаат натписот. Јеховините сведоци сфаќаат дека и тие треба да го земат при срце. Оние кои редовно ја читаат Библијата и лично ја применуваат, извлекуваат корист од поуките, укорите, исправките и воспитувањето во праведност што таа го дава (2. Тимотеј 3:16, 17).
2. Како ја нагласил брат Расел важноста на читањето на Библијата?
2 Јеховините сведоци многу ги ценат своите помагала за проучување на Библијата, вклучувајќи ја и Стражарска кула, и редовно ги користат. Но, знаат дека ниту едно од нив не може да ја замени самата Библија. Уште во 1909 година, Чарлс Тејз Расел, првиот претседател на Библиското и трактатно друштво Стражарска кула, им напишал на читателите на списанието Стражарска кула: „Никогаш не заборавајте дека Библијата е нашиот Стандард и дека помагалата што ни се дадени од Бог се само ‚помагала‘, а не замена за Библијата“.
3. а) Како влијае „словото Божјо“ врз оние што се изложени на него? б) Колку често Беријците го читале и го проучувале Писмото?
3 Вдахновеното Писмо има длабочина и сила што ги нема ниту една друга книга. „Словото Божјо е живо и дејствува и е поостро од секаков меч со две острици; и навлегува до разделување на душата и духот, до зглобовите и мозокот, и ги проценува мислите и намерите на срцето“ (Евреите 4:12). Ученикот Лука срдечно ги пофалил Беријците, нарекувајќи ги „поблагородни“. Тие не само што горливо ја примиле речта што ја проповедале апостол Павле и неговиот помошник Сила туку и ‚секој ден го испитувале Писмото‘ за да одредат врз која библиска основа се поучувани (Дела 17:11).
Да се чита секојдневно
4. Што покажува Писмото за тоа колку често мораме да ја читаме Библијата?
4 Самата Библија не кажува конкретно колку често мораме да ја читаме. Меѓутоа, го забележува Јеховиниот совет за Исус Навин кој требало ‚да ја чита книгата на законот ден и ноќ со придушен глас‘ за да постапува мудро и да има успех во извршувањето на своите задачи дадени од Бог (Исус Навин 1:8, НС). Таа ни кажува дека секој што владеел како цар над древниот Израел требало да ги чита Писмата ‚во сите денови на својот живот‘ (5. Мојсеева 17:19). Понатаму наведува: „Среќен е човекот кој не одел на советот на злобните . . . Туку наоѓа радост во законот Јеховин, и со придушен глас го чита ден и ноќ“ (Псалм 1:1, 2, НС). Исто така, Евангелието што го запишал Матеј ни кажува дека Исус Христос, кога ги отфрлил Сатановите настојувања да го искуша, цитирал од вдахновените Хебрејски списи и рекол: „Напишано е — ‚Не само од леб ќе живее човекот, а и од секој збор што излегува од устата на Бога‘“ (Матеј 4:4). Колку често ни треба физичка храна? Секој ден! Секојдневното земање на духовна храна е уште поважно бидејќи тоа влијае врз нашите изгледи за вечен живот (5. Мојсеева 8:3; Јован 17:3).
5. Како може секојдневното читање на Библијата да ни помогне ‚да постапуваме достојно за Бога‘ кога ни се наметнуваат испити на верата?
5 Секој од нас треба секојдневно да се зајакнува со Божјата Реч. Секој ден — дома, на работа, во училиште, на улица, кога пазаруваме, во нашата служба — ни се наметнуваат предизвици на верата. Како ќе постапиме со нив? Дали библиските заповеди и начела брзо ќе ни дојдат на ум? Наместо да нѐ охрабрува да се потпираме на самите себе, Библијата предупредува: „Кој мисли дека стои, нека гледа да не падне“ (1. Коринтјаните 10:12). Секојдневното читање на Библијата ќе ни помогне ‚да постапуваме достојно за Бога, угодувајќи Му во сѐ Нему‘, наместо да му дозволиме на светот да нѐ втисне во својот калап (Колосјаните 1:9, 10; Римјаните 12:2).
Потреба да се чита Библијата секогаш одново
6. Зошто е корисно да се чита Библијата секогаш одново?
6 Читањето на Библијата многу се разликува од читањето на белетристика. И најпопуларната белетристика е наменета за еднократно читање; кога човек еднаш ќе ја дознае приказната и нејзиниот крај, нема потреба повторно да ја чита книгата. За разлика од тоа, сеедно колку пати сме ја прочитале Библијата, ќе извлечеме голема корист ако го сториме тоа повторно (Изреки 9:9). За еден остроумен човек, Писмото секогаш добива ново значење. Пророштвата во врска со последните денови му стануваат уште повпечатливи во светлината на она што го видел, чул и лично го искусил во последните месеци (Даниил 12:4). Како што го проширува своето искуство во животот и се соочува со проблеми, така остроумниот читател на Библијата попотполно го сфаќа советот што можеби некогаш го читал само површно (Изреки 4:18). Ако се разболи сериозно, библиските ветувања за отстранувањето на болката и обновувањето на здравјето, за него попримаат значење длабоко како никогаш порано. Кога ќе умре некој близок пријател и член на семејството, ветувањето за воскресението станува уште подрагоцено.
7. Што ќе ни помогне кога ќе преземеме нова одговорност во животот, и зошто?
7 Можеби ти лично си ја читал Библијата и со години си ги применувал нејзините совети. Но можеби сега преземаш нова одговорност во животот. Дали планираш да стапиш во брак? Дали ќе станеш родител? Дали ти е доделена во собранието одговорност како старешина или слуга помошник? Дали си станал полновремен евангелизатор, со додатни прилики за проповедање и поучување? Колку само би ти користело да ја прочиташ уште еднаш целата Библија, имајќи ги на ум овие нови одговорности! (Ефесјаните 5:24, 25; 6:4; 2. Тимотеј 4:1, 2).
8. Како можат променетите околности да ни покажат дека треба да научиме повеќе за работите за кои сме мислеле дека веќе ги знаеме?
8 Можеби во минатото добро си ги покажувал плодовите на духот (Галатјаните 5:22, 23). Сепак, променетите околности можеби те соочиле со потребата да научиш многу повеќе за овие божествени особини. (Спореди Евреите 5:8.) Еден поранешен патувачки надгледник, кој сметал дека е неопходно да ја напушти специјалната служба за да се грижи за своите остарени родители, вели: „Обично мислев дека доволно добро ги покажувам плодовите на духот. Сега се чувствувам како почетник“. Исто така, сопрузите и сопругите, чиишто брачни партнери страдаат од сериозна физичка или емоционална болест, може да утврдат дека, додека лично се грижат за нив, стресот понекогаш им предизвикува реакции што ги обесхрабруваат. Редовното читање на Библијата е извор на голема утеха и помош.
Кога да се чита Библијата
9. а) Што ќе му помогне на еден многу зафатен човек да најде време за секојдневно читање на Библијата? б) Зошто читањето на Божјата Реч е посебно важно за старешините?
9 Се разбира, за луѓето кои се веќе многу зафатени, пронаоѓањето време да се прави нешто додатно и редовно, претставува предизвик. Меѓутоа, може да ни послужи Јеховиниот пример. Библијата открива дека тој ги прави работите во ‚определено време‘ (1. Мојсеева 21:2; 2. Мојсеева 9:5; Лука 21:24; Галатјаните 4:4). Ако сфатиме колку е важно редовното читање на Божјата Реч, ќе определиме време за тоа во својот дневен временски план (Ефесјаните 5:15-17). Старешините посебно треба да одвојат време за редовно читање на Библијата со цел советот што ќе го дадат да биде јасно темелен на библиските начела, а духот што го покажуваат да ја одразува „мудроста, што иде одозгора“ (Јаков 3:17; Тит 1:9).
10. Кога наоѓаат време за читање на Библијата оние што секој ден го прават тоа?
10 Многумина кои успеале да имаат програма за лично читање на Библијата, читаат рано наутро пред да почнат со дневните активности. Други увидуваат дека се поспособни во друго време да го прават тоа доследно. Библиските аудиокасети (таму каде што ги има) им помагаат на оние што секој ден патуваат, добро да го искористат времето по патот, а некои Сведоци ги слушаат додека извршуваат рутински куќни работи. Програмите кои успешно ги применуваат различни Сведоци од Европа, Африка, Северна Америка, Јужна Америка и Ориентот, прикажани се на страници 20 и 21, под насловот „Кога ја читаат и каква корист имаат“.
11. Како може да се постигне секојдневно да се чита Библијата, дури и ако се има мошне малку време?
11 Она што е најважно, не е времето што ќе го посветиш на своето читање на Библијата во која и да е прилика, туку редовноста со која го правиш тоа. Можеби сметаш дека е корисно да читаш по час или повеќе одеднаш, при што додатно ќе истражуваш и потемелно ќе се задлабочиш во материјалот. Но, дали временскиот распоред ти дозволува да го правиш тоа редовно? Наместо да дозволиш деновите да минуваат без воопшто да ја читаш Библијата, зарем не би било подобро секој ден да читаш по 15 минути, па дури и по 5? Реши се да ја читаш Библијата секојдневно. Потоа, надополни го читањето со подлабоко истражување кога ќе можеш.
Различни пристапи кон читањето на Библијата
12. Каква програма за читање на Библијата имаат новите членови на бетелската фамилија и студентите во Гилеад?
12 Има многу начини на кои може да се чита Библијата. Корисно е да се чита од 1. Мојсеева до Откровение. Од сите членови на светската бетелска фамилија, кои служат во главното седиште или во една од подружниците на Друштвото, се бара да ја прочитаат целата Библија во текот на првата година од својата бетелска служба. (Тоа обично подразбира да се прочитаат три до четири поглавја, зависно од нивната должина, или четири до пет страници на ден.) Студентите на Библиската школа Гилеад на Стражарска кула мораат, исто така, да ја прочитаат Библијата од корица до корица пред да дипломираат. Ова се бара со надеж дека секојдневното читање на Библијата ќе им стане дел од животот.
13. Која цел им се препорачува на новокрстените Сведоци?
13 Корисно е ако новокрстените Сведоци си постават за цел да ја прочитаат целата Библија. Во 1975, во времето кога еден млад човек од Франција се подготвувал за крштевање, еден старешина го прашал дали има конкретна програма за читање на Библијата. Оттогаш тој ја чита целата Библија секоја година, обично правејќи го тоа наутро пред да појде на работа. Во врска со резултатите, тој рекол: „Многу подобро го запознав Јехова. Можам да видам како е поврзано со неговата намера сето она што тој го прави и како реагира кога ќе се појават пречки. Гледам дека Јехова е истовремено и праведен и добар во сите свои постапки“.
14. а) Што е неопходно за да започнеш со трајна програма за лично читање на Библијата? б) Што може да ни помогне да го запомниме општиот опис на секоја библиска книга што ја читаме?
14 Дали си ја прочитал целата Библија? Ако не, сега е добро време да започнеш. Направи си конкретна програма, а потоа придржувај се за неа. Одреди колку страници или колку поглавја ќе читаш секој ден, или само одреди колку време ќе читаш и кога. Нема секој да ја прочита целата Библија за една година, но она што е важно е да се чита Божјата Реч редовно и секојдневно, ако е воопшто можно. Додека ја читаш Библијата, можеби ќе увидиш дека употребата на извесни прирачници помага да ти се втисне во умот општиот опис на материјалот. Ако има на вашиот јазик Insight on the Scriptures (Увид во Писмото), тогаш пред да почнеш да читаш одредена библиска книга, разгледај го краткиот опис на нејзините врвни точки, што е даден во Insight.* Посебно забележи ги насловите дадени со масни букви во описот. Или, на сличен начин употреби го поопширното резиме дадено во книгата “All Scriptures Is Inspired of God and Beneficial” („Сето Писмо е од Бог инспирирано и корисно“).a
15. а) Кои предлози, дадени на страници 16 и 17, можат да ти помогнат да го подобриш своето читање на Библијата? б) На која важна работа треба да ѝ посветиме поголемо внимание наместо да направиме ритуал од читањето на извесен број страници?
15 Последователното читање на Библијата е корисно, но немој да станеш ритуален читател. Не читај извесен број страници секој ден само за да речеш дека ја читаш Библијата еднаш годишно. Како што е покажано во рамката „Предлози за подобрување на твоето читање на Библијата“ (страници 16 и 17), има многу начини на кои можеш да ја читаш Библијата и да уживаш во неа. Без оглед на методата што ја користиш, погрижи се да ги храниш и умот и срцето.
Сфати ја смислата на она што го читаш
16. Зошто е важно да одвоиме време за да медитираме за она што го читаме?
16 Кога ги поучувал своите ученици, Исус нагласил колку е важно да го разберат тоа што им го кажува. Она што било битно, не било интелектуалното сфаќање, туку ‚разбирањето со срцето‘ преку кое би го примениле и во својот живот (Матеј 13:14, 15, 19, 23). За Бог е важно каков е човекот одвнатре, а тоа се покажува со срцето (1. Царства 16:7; Изреки 4:23). Така, освен што ќе се увериме дека разбираме што велат библиските одломки, треба и да медитираме за нив, размислувајќи за нивната примена во животот (Псалм 47:9; 1. Тимотеј 4:15).
17. Од кои агли можеме да медитираме за она што го читаме од Писмото?
17 Настојувај да ги препознаеш основните начела во библиските извештаи за да можеш да ги примениш во ситуациите со кои се соочуваш. (Спореди Матеј 9:13; 19:3-6.) Додека читаш и медитираш за Јеховините чудесни особини, искористи ја таа прилика да го зајакнеш својот личен однос со него, да развиеш во себе силно чувство на божествена оддаденост. Кога читаш изјави за Јеховината намера, размисли што да сториш ти за да постапуваш во склад со неа. Кога ќе прочиташ директен совет, наместо да си речеш: ‚Го знам ова‘, прашај се: ‚Дали го правам тоа што се кажува?‘ Ако го правиш, прашај се: ‚На кој начин да го правам тоа уште „повеќе“?‘ (1. Солунјаните 4:1). Додека учиш за Божјите барања, забележи ги исто така библиските вистинити примери на оние кои живееле, како и на оние кои не живееле во склад со овие барања. Размисли зошто тие го избрале таквиот начин на постапување и каков им бил исходот (Римјаните 15:4; 1. Коринтјаните 10:11). Кога читаш за животот на Исус Христос, запомни дека Исус е оној кому Јехова му доверил царска власт над целата Земја; искористи ја приликата да го засилиш во себе копнежот по Божјиот нов свет. Исто така, анализирај ги начините на кои можеш уште поцелосно да го имитираш Божјиот Син (1. Петрово 2:21).
18. Како можеме да го урамнотежиме своето читање на Библијата со употребата на студискиот материјал што го добиваме преку ‚верниот и разумен роб‘?
18 Се разбира, читањето на Библијата не треба да ја потисне употребата на извонредниот студиски материјал што ‚верниот и разумен роб‘ ни го дава на располагање. И тоа е дел од Јеховината подготовка — и тоа многу драгоцена (Матеј 24:45-47, НС). Погрижи се редовното читање на самата Реч Божја да заземе истакнато место во твојот живот. Ако е воопшто можно, „СЕКОЈДНЕВНО ЧИТАЈ ЈА БОЖЈАТА РЕЧ, БИБЛИЈАТА“.
[Фуснота]
a Издадено од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула, Њујорк, Инк.
Како би одговорил?
◻ Зошто е корисно секој ден по малку да се чита Библијата?
◻ Зошто треба да ја читаме Библијата секогаш одново?
◻ Кое е добро време за секојдневно читање на Библијата во твојот временски распоред?
◻ Што може да внесе разновидност во твојата пограма за читање, додека ја читаш Библијата повторно?
◻ Зошто е многу важно да медитираме за она што го читаме?
[Рамка на страници 16 и 17]
Предлози за подобрување на твоето читање на Библијата
1) Многу луѓе ги читаат книгите на Библијата по редоследот по кој тие вообичаено се отпечатени, од 1. Мојсеева до Откровение. Можеш исто така да ги читаш и по редоследот по кој тие првобитно биле напишани. Задржи на ум дека Библијата е збирка од 66 инспирирани книги, една божествена библиотека. Наместо едноставно да го следиш редоследот по страници, можеби ќе сакаш, како за промена, да читаш некои од книгите кои ја прикажуваат историјата, потоа некои кои се изразито пророчки, а после некои кои се писма со совети. Прави забелешки за она што си го прочитал, и погрижи се да ја прочиташ целата Библија.
2) Откако си прочитал еден дел од Писмото, прашај се што открива тоа за Јехова, за неговата намера и за неговиот начин на вршење на работите; како би требало тоа да влијае на твојот живот; како би можел да го примениш истото за да му помогнеш на некој друг.
3) Користејќи ја како водич табелата „Главни настани од Исусовиот живот на Земјата“, објавена под насловот „Исус Христос“ во Insight on the Scriptures — Увид во Писмото (исто и во “All Scripture Is Inspired of God and Beneficial” — „Сето Писмо е инспирирано од Бог и корисно“), прочитај ги едно по друго паралелните извештаи за секој дел од Евангелијата. Дополни го ова со осврт на соодветни делови од книгата Најголемиот човек кој некогаш живеел.
4) Кога го читаш извештајот за животот и службата на Павле од Дела на апостолите, прочитај ги и поврзаните инспирирани писма. Така, кога се спомнуваат разни градови или подрачја каде што проповедал Павле, застани и прочитај ги писмата што подоцна ги напишал до сохристијаните во тие места. Ќе биде од помош и да ги следиш неговите патувања на една карта, како што е картата на крајот од Библијата на македонски јазик.
5) Кога ќе читаш од 2. Мојсеева до 5. Мојсеева, прочитај го и писмото до Евреите, за да добиеш објаснување за многуте пророчки примери. Под „Закон“ во Insight on the Scriptures, провери во табелата „Некои карактеристики на Заветниот закон“.
6) Кога ги читаш пророчките книги, земи си време да ја испиташ поврзаната историска позадина во Библијата. На пример, кога ја читаш книгата на Исаија, испитај што е кажано на други места за царевите Озија, Јоатам, Ахаз и Езекија, кои се спомнати во Исаија 1:1 (4. Царства, поглавја 15-20; 2. Летописи, поглавја 26-32). Или, кога ги читаш Агеј и Захарија, земи си време да го испиташ она што се наоѓа во книгата на Ездра.
7) Избери си една книга од Библијата, прочитај дел од неа, на пример, едно поглавје, и потоа истражувај, користејќи го Индексот на публикациите на Стражарска кула или компјутерската Библиотека на Стражарска кула, доколку се достапни на твојот јазик. Примени го материјалот во твојот живот. Користи го во говорите и во службата на проповедање. Потоа, премини на друг дел.
8) Ако има публикација на Стражарска кула која дава коментар на некоја библиска книга или на дел од неа, кога ќе го читаш тој дел од Библијата, постојано осврнувај се на таа публикација. (На пример: за Песна над песните, Стражарска кула од 1 декември 1957 година, страници 720-734 [англ.]; за Језекиил, книгата “The Nations Shall Know That I Am Jehovah”—How?; за Даниил, “Your Will Be Done on Earth” или Our Incoming World Government—God’s Kingdom; за Агеј и Захарија, Paradise Restored to Mankind—By Theocracy!; за Откровение, Revelation—Its Grand Climax At Hand!)
9) Додека читаш, провери некои од паралелните стихови. Забележи ги 320-те стихови од Хебрејските списи кои се директно цитирани во Христијанските грчки списи и стотиците други пасуси на кои е направен осврт, а забележи ја и примената која е дадена. Паралелните стихови укажуваат на исполнувањата на пророштвата запишани во Библијата, на биографските и географските детали и на сличните мисли кои можат да ги појаснат изразите кои можеби тешко ги разбираш.
10) Користејќи го изданието со референции на New World Translation, доколку е достапно на твојот јазик, прегледај ги фуснотите и статиите од додатокот кои се однесуваат на она што го читаш. Ова го покажува темелот за толкувањата кои се употребени, како и другите начини на кои можат да се преведат важни изрази. Можеби ќе сакаш да го споредиш и преводот на одредени стихови со други преводи на Библијата.
11) Откако ќе го прочиташ секое поглавје, напиши сосем кратко резиме за главната идеја на тоа поглавје. Искористи го тоа како темел за подоцнежен осврт и медитирање.
12) Додека ја читаш Библијата, означи ги избраните стихови кои особено сакаш да ги запомниш или препиши ги на картички и стави ги таму каде што ќе можеш да ги гледаш секој ден. Запомни ги и медитирај за нив; примени ги. Не се обидувај да запомниш премногу одеднаш, можеби само еден или два стиха секоја недела; потоа, при следното читање на Библијата, одбери си други.
[Слики на страница 15]
Дали ја читаш или ја слушаш на касети Библијата секој ден?