Еден главатар размислува за својата иднина
ЕДЕН западноафрикански главатар бил многу сакан и високо почитуван во својата заедница. На својот 78-ми роденден, неговите пријатели, семејството и другите кои сакале да му пожелат сѐ најдобро, се собрале за да му честитаат. Во говорот, главатарот избрал една необична тема за таква пригода. Зборувал за тоа, како тој си го замислува животот после смртта.
Рекол дека после гробот „има еден нов свет без измама, завист и алчност“. Го опишал како свет „обвиен во мистерија“, населен само со праведните, кои ќе соработуваат со Бог.
Ваквите верувања се вообичаени меѓу луѓето низ цела Африка. Според африканската традиционална религија, смртта не е крај на животот, туку само една промена — едно преминување за живот во духовното царство. Се вели дека при смртта лицето преминува од видливиот во невидливиот свет. Како дух, поединецот тогаш навлегува во областа населена со неговите или нејзините претци.
Многумина Западноафриканци веруваат дека претците, или духовите на претците, ја осигуруваат благосостојбата на своите семејства на Земјата. Книгата West African Traditional Religion наведува: „Не постои остра поделба на влијанието помеѓу членовите на заедницата кои се сѐ уште овде на Земјата и оние кои се на другиот свет. Кога биле овде на Земјата, [претците] биле старешини на своите семејства. Сега, кога се невидливи за нас, тие сѐ уште се старешини во светот на духовите. Не престануваат да се интересираат за општото добро на своите семејства“.
Според тоа, стариот главатар спомнат на почетокот се надевал дека ќе им се придружи на своите претци и дека ќе работи заедно со нив во духовното царство. Тој рекол: „Цврсто сум уверен во живот после смртта и во можноста да продолжам да служам како старешина или главатар — дури и после смртта“.
Меѓутоа, поради она што главатарот го рекол понатаму, весникот Sunday Times коментирал дека тој „не изгледал сосема убеден“ во задгробниот живот. На насобраното мноштво му рекол дека слушнал за некоја книга која зборувала за живот после смртта. Главатарот ја барал таа книга цели пет години. Толку бил загреан за неа што понудил награда од околу 1.500 американски долари на оној што ќе му донесе еден примерок.
Главатарот можел да си заштеди и време и труд само да го свртел вниманието на една книга која може лесно да се најде. Тоа е книга достапна за секого, која не потекнува од човек, туку од Творецот на сите луѓе (1. Солунјаните 2:13). Таа книга е Библијата. Што вели таа за живот после смртта?