Објавителите на Царството известуваат
Вистинските христијани ќе бидат прогонувани
ОД ВРЕМЕТО на Авел па наваму, многу Јеховини слуги поднеле прогонување поради својата вера (Лука 11:49-51). Тоа не изненадува, бидејќи Библијата предупредува дека „сите, што сакаат да живеат побожно во Христа Исуса, ќе бидат гонети“! (2. Тимотеј 3:12). Според тоа, во преку 25 земји денес, Јеховините сведоци се под забрана и поднесуваат прогонства.
Во една земја, каде што Јеховините сведоци не само што се забранети туку и прогонувани од страна на религиозните елементи, преку 12.000 објавители на добрата вест продолжуваат ревносно да работат, проучувајќи ја Библијата со преку 15.000 лица. Се разбира, нивното проповедничко дело го вршат на еден незабележителен начин. Нивните христијански состаноци главно ги одржуваат по домовите и затоа се внимателни кога покануваат заинтересирани лица на таквите состаноци.
Владата неодамна зазеде поблаг став спрема Сведоците, кои сега поголемиот дел од нивното дело го вршат без агресивно мешање. Меѓутоа, разни религиозни групи го искористиле своето влијание да предизвикаат неволја.
Во еден град, една разбеснета толпа од околу 200 религиозни фанатици се упатиле кон една куќа во која околу 50 Јеховини сведоци одржувале собраниски состанок. Некои во толпата носеле камења и извикувале религиозни пароли. Очигледно имале намера да ги нападнат Сведоците и да ја разурнат куќата. Верските водачи сигурно извесно време посматрале како се одржуваат состаноци и чекале прав момент да ги нападнат. Токму кога толпата сакала да влезе во куќата, пристигнале 15 полицајци кои му наредиле на мноштвото да се разотиде. Сведоците биле изненадени бидејќи никој од нив немал време да ја извести полицијата.
Но во други прилики, противниците биле поуспешни. Повеќе Сведоци биле изведени пред суд и осудени на затворска казна. Еден судски случај бил нерешен повеќе години и тужителите очигледно изгубиле интерес за него. Меѓутоа, локалните свештеници го подбуцнале случајот и тој повторно бил изведен на суд, а на Сведокот му била изречена затворска казна.
Во едно друго место, група Сведоци се состанале во приватна куќа за да ја одржат Господовата вечера. Подоцна истата вечер, неколку полицајци го уапсиле домаќинот и старешината кој го водел состанокот. Во полициската станица сурово биле претепани. Повеќе часа биле брутално сослушувани. Еден од Сведоците ја поднел и тортурата да биде затворен во бунар со студена вода.
Зошто полицијата извршила таков напад? И овој пат, една група верски фанатици, со помош на локалните свештеници, стоела зад полициската акција. Подоцна шефот на полицијата открил дека апсењата биле направени без негова согласност. Било поднесено извинување, а за поединците кои биле одговорни за тепањата, биле преземени дисциплински мерки.
Јеховините сведоци низ целиот свет продолжуваат да ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство, па дури и кога се соочени со насилничко противење. Тие го следат Исусовиот совет: „Ете, Јас ве праќам како овци меѓу волци: бидете мудри како змии и незлобни како гулаби“ (Матеј 10:16).
[Слика на страница 31]
Авел е првиот кој бил прогонуван