Достигнување на сите видови луѓе во денешна Атина
КОГА апостол Павле ја посетил Атина околу 50 година н. е., градот сѐ уште бил еден важен трговски центар, иако повеќе не ја уживал славата на своето класично минато. Едно историско дело наведува: „[Атина] и понатаму била духовната и уметничка метропола на Грција, како и многу пожелно место за посета, за учените и богаташите од таа ера“.
Додека бил таму, Павле веројатно имал можност да им проповеда на Евреи, пагански Атињани и на луѓе од многу различни места. Како спремен и вешт учител, во еден говор тој рекол дека Бог им дал ‚на сите живот и дишење‘, дека тој ‚од една крв го создал сиот род човечки‘ и дека ‚треба сите луѓе да се покајат‘ бидејќи Тој ќе му суди „на светот“ (Дела 17:25-31).
Едно разновидно подрачје
Во последниве децении, Атина повторно стана град кој ги привлекува луѓето од сите страни на светот. Дипломати и воен кадар пристигнале како дел од странските мисии. Млади луѓе од Африка и од Средниот Исток престојуваат како студенти на универзитетот. Таму се сјатиле емигрантски работници од Африка, Азија и од земјите на Источна Европа. Има и многу Филипинци, како и други народи од Југоисточна Азија, кои дошле да бараат работа како куќни помошници. А има и постојан прилив на бегалци од соседните земји и од кризните подрачја низ целиот свет.
Оваа ситуација претставува предизвик за локалните проповедници на добрата вест за Царството. Повеќето од привремените жители зборуваат англиски, но некои го знаат само својот мајчин јазик. Овие луѓе се со разно културно и религиозно потекло. Помеѓу посетителите, можеш да наидеш на наводни христијани, муслимани, хиндуси, будисти, анимисти, агностици и атеисти. Јеховините сведоци мора да учат како да ги прилагодат своите презентации за да одговараат на различното потекло на овие луѓе.
Бидејќи многумина од овие новодојдени поминале низ тешки ситуации, тие честопати имаат прашања за смислата на животот и за изгледите за иднината. Некои имаат високо ценење за Библијата и немаат тешкотии да го прифатат она што таа го вели. Мнозинството на ова разновидно подрачје се понизни, кротки и гладни за вистината. Тие се чувствуваат послободни да ја бараат вистината бидејќи се далеку од своите семејства и од домашната средина.
Во 1986 било формирано првото англиско собрание за да удоволи на потребите на ова подрачје. Порастот бил извонреден. Во текот на изминатите пет години биле крстени околу 80 нови лица. Како резултат на тоа, во Атина било формирано едно арапско и едно полско собрание, а еден извесен период постоела и една француска група. Некои од англиското собрание се преселиле за да им помогнат на другите вакви собранија и групи во Солун на север, во Хераклион, Крит и на Пиреј, пристаништето на Атина. Дали би сакал да се сретнеш со некои од странците кои ја запознале вистината во Атина?
Доаѓаат пожелните работи од народите
Томас се родил во Асмара (Еритреја) и пораснал како предан католик. На 15-годишна возраст отишол во манастир. Тој го прашал игуменот: „Како е можно еден Бог да е три Бога?“ Игуменот одговорил: „Затоа што во врска со духовните работи ние го прифаќаме она што го вели папата. Пред сѐ, ова е една мистерија, а ти си премногу млад за да го сфатиш тоа“. После пет години служење во манастирот, Томас си заминал, разочаран и исфрустриран од постапките и учењето на црквата. Па сепак, тој не се откажал од својата потрага по вистинскиот Бог.
Еден ден, кратко по неговото преселување во Атина, на својата врата тој нашол еден примерок од списанието Стражарска кула, со насловна страна: „Здравјето и среќата, можат да се постигнат“. Го прочитал неколку пати. Во истото списание, тој прочитал дека би требало најпрво да го бараме Царството и неговата праведност (Матеј 6:33). Томас клекнал на колена и го замолил Бог да му покаже како да го прави тоа, ветувајќи: „Ако ми покажеш како да го барам твоето Царство, ќе ти посветам шест месеци од мојот живот за да научам како да ти служам“. Четири недели после тоа, двајца Сведоци тропнале на неговата врата. Томас веднаш прифатил библиска студија и десет месеци подоцна бил крстен. Тој вели: „Јехова навистина одговори на мојата молитва и ми ја даде можноста да бидам еден од неговите Сведоци. Сега, неговата љубов ме поттикнува во мојот живот најпрво да го барам неговото Царство и праведност“.
Додека проповедале од врата до врата, двајца други Сведоци наишле на едно странско име до ѕвончето.
„Што сакате?“, се слушнал еден женски глас на интерфонот.
Едната од Сведоците рекла дека се обидуваат да најдат луѓе кои зборуваат англиски и кои се заинтересирани за Библијата.
„Од која религија сте вие?“, прашала госпоѓата.
„Ние сме Јеховини сведоци.“
„Еј, супер! Качете се на последниот спрат.“
Така и сториле, а кога се отворила вратата од лифтот, таму стоел еден многу крупен човек, со прилично негативен став. Но, жената викнала одвнатре:
„Пушти ги нека влезат. Сакам да разговарам со нив“.
Госпоѓата им кажала на Сведоците дека патувала околу светот со спортскиот тим на нејзиниот сопруг и дека само еден ден пред тоа, се молела да ги најде Јеховините сведоци. Така, веднаш била започната библиска студија. Бидејќи нивното време за престој во Грција било ограничено, била договорена библиска студија трипати неделно. Книгата Живеј засекогаш била завршена за само десет недели.
Следната спортска сезона пак ги довела во Грција. Сопругата ја обновила студијата и покажала извонреден напредок. После неколку месеци, таа им се придружила на Сведоците во делото на проповедање како некрстен објавител и набргу ја започнала својата прва библиска студија. Со кого? Со нејзиниот сопруг, кој бил многу импресиониран од Сведоците и од промените кај својата сопруга.
Ален, син на еден протестантски пастор, пораснал во Јужна Африка. Уште од најраната младост бил убеден дека Библијата е инспирирано откровение од Бог. Незадоволен од својата религија, тој се свртел кон филозофија и политика, но ова предизвикало да се чувствува попразен од кога и да било. Откако се преселил во Грција, неговото чувство на празнина се зголемило. Мислел дека неговиот живот е без смисла и дека се наоѓа на пат кој не води никаде.
Една ноќ се случило нешто посебно. „Клекнав на колена и го отворив моето срце пред Бог“, раскажува Ален. „Со солзи на жалење поради мојот начин на живот, го преколнував Бога да ме одведе до неговите вистински следбеници. Му ветив дека ќе чекорам во светлото на неговото водство“. Истата недела, тој отишол во една продавница и започнал муабет со сопственичката на продавницата, која била Сведок. Тој разговор се покажал како вистинска пресвртница во животот на Ален. „Во деновите кои следеа видов како се срушија верувањата кои ги негував порано: тројство, пеколен оган и бесмртност на душата — сите, чисто небиблиски учења“. Во Салата на Царството, еден брачен пар Сведоци му понудиле да ја проучуваат Библијата со него. Тој прифатил и покажал голем напредок. „Вистината предизвика да плачам од среќа“, се присетува Ален, „и таа ме ослободи.“ Една година подоцна се крстил. Денес тој е радосен што служи како слуга помошник во локалното собрание.
Елизабет е од Нигерија и таму била во потрага по Бог во различни цркви, но останала незадоволна. Она од што најмногу се згрозила била науката за вечно мачење во пеколен оган. Кога дошла во Атина заедно со своето семејство, двајца Сведоци заѕвониле на нејзината врата и била започната библиска студија. Таа била восхитена кога научила дека Бог не ги мачи луѓето, туку дека ја нуди надежта за вечен живот на една рајска Земја. Во тоа време била трудна со нејзиното четврто дете, кое сакала да го абортира. Тогаш нучила од Библијата за Јеховиното гледиште за светоста на животот. Сега таа има една прекрасна ќерка. Елизабет напредувала многу брзо и наскоро се крстила. Иако има четири деца и целодневно вработување, таа е во состојба да биде помошен пионер скоро секој месец. Благословена е со тоа што нејзиниот сопруг почнал да ја проучува Библијата. Таа вели: „Конечно го пронајдов вистинскиот Бог и вистинското обожавање, благодарејќи му на Јехова и на неговата организација која е исполнета со љубов“.
Многумина од луѓето на ова разновидно подрачје се достигнати во службата на улица, но потребна е истрајност за да се поттикне нивниот интерес. Ова било случај со една млада жена по име Салеј од Сиера Леоне. Еден Сведок ѝ дал еден трактат, ја зел нејзината адреса и се договорил да ја посети некој. Салеј била заинтересирана и прифатила библиска студија, но поради притисокот на работа и другите тешкотии, студијата не била одржувана редовно. Тогаш таа ненадејно се преселила без да ја даде својата нова адреса. Сестрата била упорна, барајќи ја на старата адреса, а со текот на времето Салеј испратила порака за сестрата да ја посети во нејзиниот нов дом.
Овој пат студијата станала многу поредовна иако Салеј била во последните месеци од нејзината бременост. По раѓањето на бебето, Салеј станала некрстен објавител. Ако сето ова звучи некако едноставно, не било баш така. Во 6.30 часот таа треба да биде спремна за полчасовно возење со автобус за да го однесе бебето во градинка, на што после следи уште еден час возење со автобус до работа. По работата, како чистачка, таа се враќа дома. На состаноците навечер, или кога оди во служба на проповедање, таа патува уште по еден час со автобус и тоа само во еден правец, и покрај противењето од нејзиниот сопруг. Додека му покажувала љубов и стрпливост, таа напредувала до точката на предание и крштевање. А што е со нејзиниот сопруг? Тој го посетил Споменот на Христовата смрт и прифатил библиска студија.
Благословени со добри резултати
За повеќето од овие луѓе, престојот во Атина е привремен. Многумина се враќаат во своите земји од кои потекнуваат за да ја споделат добрата вест со своите роднини и пријатели. Други се преселуваат во разни Западни земји каде што продолжуваат да му служат на Јехова. Оние кои остануваат во Грција уживаат добри резултати, сведочејќи им на своите сонародници кои исто така емигрирале таму. Во други случаи, пак, семето на вистината дало плод дури откако посетителите се преселиле во друга земја и стапиле во контакт со Сведоците.
Сето ова потврдува дека Јехова не е пристрасен. Тој прифаќа луѓе од секој народ кој се плаши од него и ја сака праведноста (Дела 10:34, 35). За ваквите луѓе слични на овци, нивното преселување во друга земја поради материјална корист резултирало со далеку поголеми благослови отколку што очекувале — спознание за вистинскиот Бог, Јехова, и неговото ветување за вечен живот во еден праведен нов свет. Да, Јехова навистина богато ги благословил напорите да се достигнат луѓето кои зборуваат странски јазик во денешна Атина!
[Слики на страница 16]
Луѓе од многу земји ја слушаат добрата вест во Атина