Успешна кампања на сведочење во Грција
ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ во Грција долго време се соочуваат со противење. Некои полициски, судски и владини службеници ги прогонуваат Сведоците, често пати поради притисок од страна на грчкото православно свештенство. Понекогаш, како оправдување им беше грчкиот закон за антипрозелитизам, а понекогаш, пак, библиски втемеленото одбивање на Сведоците да одат во војна или да прифатат трансфузија на крв (Исаија 2:2-5; Дела 15:28, 29).
Во обидот да го зголемат разбирањето на чесните власти во Грција, околу 200 Сведоци кои грчката влада ги признава како религиозни слуги, како и некои Сведоци кои се припадници на правната професија, неодамна беа ангажирани во една кампања ширум земјата. Тие нудеа една посебно наменета брошура, со наслов Јеховините сведоци во Грција, како и книгата Jehovah’s Witnesses—Proclaimers of God’s Kingdom (Јеховини сведоци — објавители на Божјето Царство). Исто така, обезбедија пакет документи кои покажуваа дека нема оправдана законска основа за прогонување на Јеховините сведоци. Сведоците посетија шефови на полициски станици, градоначалници, јавни обвинители и други службеници.
Каков беше одѕивот? Стотици добри искуства. Разгледај некои од нив.
Командирот на една полициска станица во северна Грција им изразил добредојде на браќата и рекол: „Ве познавам веќе подолго време, . . . и се восхитувам на вашиот ред. . . . Не се согласувам со законот за прозелитизам и, кога би зависело од мене, јас би го укинал“.
Командирите на различни полициски станици во многу градови дале вакви коментари: „Ве пофалувам за социјалната служба што ја вршите“. „Вашата заедница никогаш нема работа со полицијата; вие вршите едно социјално дело.“ „Со вас немаме апсолутно никакви проблеми. Ние ве почитуваме и ве цениме.“
Во Пиреј, еден висок службеник во безбедносната полиција со солзи во очите им рекол на браќата дека умее по име да му се моли на Јехова Бог преку Исус Христос. Уште повеќе ги изненадил Сведоците кога им рекол дека знае оти тие очекуваат извесно прогонство пред Армагедон и дека се надева оти Бог ќе го употреби него за да им помогне во тоа време! Тој ја прифатил поканата од браќата за понатамошни дискусии!
Одѕив кај службениците во владата
Во врска со книгата Објавители, еден градоначалник од Тесалија рекол: „Таа заслужува место во општинската библиотека — и тоа прво место!“ Потоа тргнал неколку книги од една полица и таму ја ставил книгата Објавители така што да може да се гледа нејзината корица.
Во северна Грција еден градоначалник срдечно ја поздравил посетата од браќата и рекол: „Вие сте најдобрите луѓе какви што би сакал да имам во мојата општина“. Еден љубезен градоначалник во северна Евбеја им рекол на браќата: „Јас сум бивш воен офицер. Ама вам — вам многу ви се восхитувам“. Одушевено се согласил со точките што ги изнеле Сведоците. Кога му покажале збирка книги издадени од Друштвото Стражарска кула, рекол: „Ако ви ветам дека ќе ги прочитам сите нив, дали ќе ми ги дадете?“ Тие одговориле: „Се разбира — ваши се!“ Тој бил воодушевен и со тешко срце ги пуштил браќата да си заминат.
Во едно предградие на Атика, еден градоначалник со задоволство ја прифатил литературата што му ја понудиле браќата и ги замолил да продолжат да му носат публикации од Друштвото. На заминувањето, тој им рекол: „Луѓето се многу разочарани од политичарите и ја бараат правата вистина на некое друго место. Сигурен сум дека отсега па натаму ќе бидете многу зафатени, бидејќи вие ја имате вистината“.
Одѕив кај јавните обвинители
Браќата кои посетиле еден заменик јавен обвинител во северна Грција, се сеќаваа: „Тој беше импресиониран од нашите публикации и од презентацијата, како и од напорите што ги правиме за да се осигураме дека нашите луѓе нема да бидат беспомошни кога ќе се соочат со сериозното спорно прашање за трансфузија на крв. На крајот ни заблагодари и срдечно нѐ пофали што презедовме иницијатива да го посетиме и да го информираме. Подоцна дознавме дека пред четири години тој повикал полиција и наредил да бидат уапсени двајца браќа кои биле во служба на подрачјето“.
Двајца Сведоци адвокати кои ги посетувале канцелариите на јавните обвинители во Атина, биле изненадени кога виделе како им приоѓа еден познат и надалеку почитуван постар јавен обвинител. Тој ги тргнал настрана и им рекол дека законот против прозелитизам нема никаква основа и дека создава збрка во грчкиот судски систем. Им се заблагодарил со едно срдечно ракување.
Еден јавен обвинител во северна Грција бил мошне пријателски настроен и зел литература. Кога прелистал низ страниците на книгата Questions Young People Ask—Answers That Work (Младите прашуваат — Делотворни одговори), бил вчудовиден кога ја видел разноликоста на поглавјата во содржината. Забележал: „Она што го обработува оваа книга не сум го видел досега во православието“.
Еден јавен обвинител од Беотија признал дека во минатото имал издавано наредби да им се даде крв на Сведоците против нивната волја. Но, откако браќата разумно дискутирале со него за таа работа, тој изјавил: „Во иднина, никогаш повеќе нема да издадам таква наредба!“ Одлучил секогаш кога ќе се работи за Јеховините сведоци да биде консултиран локалниот Одбор за контактирање со болниците за да можат да бидат испитани сите алтернативи за крвта. Радо ја зел книгата Младите прашуваат.
Одѕив кај библиотекарите
Материјалот им бил презентиран и на многу библиотекари. Во една библиотека во Атина, еден учтив библиотекар зел литература и прокоментирал: „Многу добро сторивте што ни донесовте ваши книги, затоа што повеќето од книгите што ги имаме во нашава библиотека се против вас. . . . Еден поп беше многу бесен кога ги виде вашите книги во библиотеката. . . . Не е важно. Треба да се чујат сите страни“.
Еден службеник во една општинска библиотека на Крит, кој ги запознал Јеховините сведоци во еден воен логор, им рекол на браќата дека бил импресиониран од одбивањето на Сведоците да учествуваат во војна. Тој постојано се прашувал: ‚Зошто треба овие луѓе да страдаат?‘ Зел литература од браќата и за нивната текушта кампања рекол: „Вие направивте извонредна работа, но ова требаше да го направите пред повеќе години. . . . Во Грција постојат големи предрасуди“. Ги замолил браќата по кратко време пак да го посетат.
Во текот на оваа посебна кампања, браќата дадоа над 1.000 примероци од книгата Објавители, 1.600 брошури Јеховините сведоци во Грција, како и стотици книги и списанија. Што е уште поважно, тие разговараа лице в лице со стотици грчки службеници. Верните Јеховини слуги во Грција и ширум светот сега се надеваат дека искрените власти во Грција ќе заземат понепристрастен став спрема Јеховините сведоци.