Подигање морални деца — дали тоа е сѐ уште можно?
„СЕГА живееме во едно многу комплексно општество, во една многу хетерогена култура, каде нема еден изедначен кодекс за моралот“, забележува Роберт Глосоп од Ваниерскиот институт за семејството во Отава (Канада). Со каков резултат? Еден извештај во весникот The Toronto Star вели: „Тинејџерските бремености, насилството кај младите и тинејџерските самоубиства се во пораст“.
Проблемот се шири и надвор од границите на Северна Америка. Бил Дајмон, директор на Центарот за човечки развој на универзитетот Браун во Род Ајленд (САД), ги проучувал овие проблеми во Британија и во други европски нации, како и во Австралија, Израел и Јапонија. Тој укажува дека црквите, училиштата и другите институции попуштаат во давањето водство на младите. Нашата култура, верува тој, „го изгубила осетот за она што им е потребно на децата за да го обликуваат карактерот и компетенцијата“. Наведувајќи експерти за родителство кои поучуваат дека „стегата е опасна за здравјето и благосостојбата на децата“, Дајмон не отстапува од тоа дека ова е „рецепт за подигање своеволни, непослушни деца“.
Што е тоа што им е потребно на младите денес? Нив постојано им е потребно воспитување полно со љубов кое ги исправа умот и срцето. На различни млади потребен им е различен вид стега. Кога е мотивирана од љубов, стегата честопати може да се пренесе со резонирање. Затоа, во Изреки 8:33 (НС) ни е кажано да ја ‚слушаме стегата‘. Но, некои ‚со зборови нема да се научат‘. За нив можеби ќе биде потребна погодна казна за непослушноста, применета во исправна мерка (Изреки 17:10; 23:13, 14; 29:19). Давајќи ја таа препорака, Библијата не поддржува ќотек во лутина или сурово тепање, што може да му остави модрици и да го повреди детето (Изреки 16:32). Наместо тоа, едно дете треба да разбере зошто е исправано и да осети дека тоа е затоа што родителот е со него, на негова страна. (Спореди Евреите 12:6, 11.)
Таков практичен и здрав библиски совет е истакнат во книгата Тајната на семејната среќа.