Тие ‚купиле вистина‘!
„КУПУВАЈ вистина и не продавај ја“ (Изреки 23:23, НС). Така советувал на силен начин мудриот цар Соломон. Иако ова може да се рече за вистината општо, тоа особено е така кога станува збор за вистината што се наоѓа во Божјата Реч, Библијата. Таквата вистина може да води до вечен живот! (Јован 17:3, 17). Сепак, забележи дека стекнувањето на таквата вистина не доаѓа без трошок. Човек мора да биде спремен да ја ‚купи‘, то ест да жртвува или да се откаже од нешто за да ја постигне. (Спореди Матеј 13:45, 46.) Општо земено, луѓето не се спремни да го прават тоа. Но, во многу земји, сѐ поголем број храбри поединци ја купуваат библиската вистина — честопати по огромна лична цена.
Земи ги за пример Јеховините сведоци од западноафриканската земја Гана. До јуни 1989, во таа земја имаше преку 34.000 поединци кои ја прифатија библиската вистина и кои активно ја споделуваа со другите. Тогаш, врз јавното проповедничко дело беа поставени ограничувања. Меѓутоа, лицата со чесни срца продолжија да ‚купуваат вистина‘ — и покрај законските пречки. Рестрикциите завршија на 31 октомври 1991 и до средината на 1995 — за само три и пол години по отстранувањето на тие ограничувања — бројот на активни Сведоци на Јехова во Гана се зголеми на 46.104! А годинава, бројот порасна на преку 52.800.
Што ги привлекло луѓето кон вистината од Божјата Реч? Какви жртви морале некои да направат за да ‚купат вистина‘? Како одговор, да ги погледнеме искуствата на тројца гански христијани.
Привлечени од библиските поуки
Првин да разгледаме за една жена во своите рани 20-ти години. Татко ѝ бил пастор, но сепак, таа избрала да ја напушти религијата на својот татко. Од која причина? Поради нејзината љубов кон вистината.
Таа еднаш објаснила: „Сведоците доаѓаа во нашиот дом додека ги правеа своите посети од куќа до куќа. По неколку дискусии со нив, увидов дека она што тие го учеа беше добро засновано во Библијата. Поставував прашања за такви теми како тројството, пеколниот оган, бесмртноста на душата и особено за исцелувањето со вера. Цврсто верував дека овие доктрини се од Библијата. Но, Сведоците ми помогнаа да видам дека не беше така“. (Како показател во врска со библиското гледиште за такви теми, молиме види Марко 13:32; Римјаните 6:23; Дела 10:40 и 1. Коринтјаните 13:8—10.)
Младата жена додала: „Сепак, имаше остро противење од моето семејство, особено од татко ми. Тој мислеше дека сум заведена. Меѓутоа, знаев дека она што го учев од Јеховините сведоци беше вистината. Се обидов да го запознаам татко ми со овие работи од Библијата, но тој не сакаше да слуша. Всушност, противењето се засили.
Сепак, не бев застрашена. Знаев дека само вистинското спознание води до вечен живот во рајот и бев решена да се држам за него. Кога локалните Сведоци чуја за проблемите со кои се соочував, љубезно ми дојдоа на помош, охрабрувајќи ме и погрижувајќи се за извесни основни потреби. Ова ме убеди во Исусовите зборови што се наоѓаат во Јован 13:35: ‚По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе‘. Моето уверување дека Јеховините сведоци ја практикуваат вистинската религија се продлабочи. Подоцна, кога моите родители забележаа дека сум го променила мојот живот на подобро, им се допадна она што го гледаа, и нивниот став спрема мене се промени — толку многу што татко ми ги замоли Сведоците да ја проучуваат Библијата со мојот постар брат!“
Да се увериш самиот себеси во вистината
‚Купувањето на вистината‘ е предизвик и за младите кои биле подигани од родители Сведоци. Некои млади се склони да ја земаат библиската вистина здраво за готово. Ако пропуштат да ги направат таквите вистини лична своина, нивната вера е склона да биде слаба, површна. (Спореди Матеј 13:20, 21.) Натаниел, Ганец во своите 30-ти години, кажува за тоа како ја ‚купил вистината‘ уште додека бил младинец.
„Моите родители ме учеа за Библијата уште од времето кога бев доенче“ — се присеќава тој. „Додека растев, ги придружував во проповедничкото дело, но не бев вистински одлучил да станам Сведок. Со текот на времето, сфатив дека треба самиот да ги испитам работите.
Најпрво, морав да се уверам дека Библијата, а не некоја друга света религиозна книга, е Божјата Реч. Преку лична студија дознав дека таа е единствената света книга што содржи мноштва јасни пророштва кои точно се исполниле. Исто така, дознав дека Библијата содржи извесен број научни вистини — на пример, дека Земјата е ‚закачена на ништо‘ (Јов 26:7). Овие зборови биле напишани илјадници години пред научниците да знаат за нашиот Сончев систем. Само Бог можел да ги вдахне луѓето да напишат такви работи!a
Потоа, сакав да откријам која религиозна организација ги поучува и ги практикува вистините за кои се учи во Библијата. Повеќето религии учат за пеколен оган, за тројство и за бесмртна душа што ја преживува смртта. Но, овие доктрини за мене немаа смисла. Резонирав: Зарем не би бил злобен оној татко кој за казна би ја држел раката на своето дете во лонец со врела вода? Тогаш, како би можел еден Бог на љубовта да ги става своите деца во некаков огнен пекол и да ги остави да страдаат? Меѓутоа, Јеховините сведоци учат во склад со таквите библиски стихови како што е Римјаните 6:23, кој вели: ‚Платата, што ја дава гревот, е смрт‘ — а не некаков огнен пекол. Ова имаше смисла за мене.
Исто така, приметував дека Јеховините сведоци бараат сите членови да живеат според библиските мерила и дека ги исклучуваат сите кои непокајнички практикуваат грев. Со оглед на сево ова, заклучив дека Јеховините сведоци ја имаат вистината, и донесов лична одлука да станам еден од нив. Напорно работев за да се квалификувам да се крстам како Сведок“ (1. Коринтјаните 5:11—13).
Искуството на Натаниел добро илустрира дека дури и младите, подигнати од христијански родители, мораат да ја ‚купат вистината‘. Тие не смеат само пасивно да присуствуваат на собраниските состаноци. Како древните беријци, треба да ‚го испитуваат Писмото, дали е тоа така‘ (Дела 17:11). Ова бара време и напор, но може да донесе цврста вера и убеденост. (Спореди Ефесјаните 3:17—19.)
Разочарани од лажната религија
Еден Ганец по име Годвин имал скоро 70 години кога ја напуштил Презвитеријанската црква и една масонска ложа. „Во црквата се случуваа некои работи кои ги сметав за непријатни“ — вели Годвин. „На пример, имаше многу внатрешни борби, и сѐ уште ги има. Понекогаш, мораше да доаѓа полицијата за да воспостави ред и мир! Мислам дека ова беше неисправно за следбениците на Христа. Потоа, се разви еден проблем помеѓу еден друг презвитеријанец и мене. Еден јавен суд го сослуша случајот и му пресуди на другиот човек дека е виновен. Меѓутоа, министерот на црквата нефер застана на страната на овој човек и се обиде да ме прекори пред целата конгрегација! Јас му одржав лекција и си излегов од црквата — и никогаш повеќе не се вратив.
Помина некое време, и Јеховините сведоци ме посетија во мојот дом. Отпрвин, слушав само затоа што не сакав да одбијам луѓе кои зборуваат за Бога. Но, почнав да приметувам дека иако сум презвитеријанец со децении, имаше многу нешта за Библијата што не ги знам. На пример, никогаш не сум знаел дека Библијата нуди надеж за вечен живот во рај на Земјата.b А кога почнав да присуствувам на состаноците на Јеховините сведоци, манирите, а особено облеката и дотерувањето на младите меѓу нив, ми оставија многу силен впечаток. Ова беа луѓето кои навистина живееја според библиските начела!“
Па сепак, ‚купувањето на вистината‘ барало од него да донесе некои болни преиначувања во својот живот. Годвин се сеќава: „Бев член на една масонска ложа. И иако е позната како братска заедница која им дава помош на своите членови, посматрав ритуали кои ја вклучуваа употребата на черепи и коски, како и повикувањето духови. Овие духови наводно им помагаа на оние кои соработуваат со нив за да се развијат духовно.
Моите проучувања ми помогнаа да видам дека Јехова Бог се гнаси од секакво мешање во спиритизам, бидејќи тоа може да го донесе човека под влијанието на Сатана и на неговите зли духовни сили.c Дали да продолжам со членството во масонската ложа со сиот нејзин мистицизам или, пак, да прекинам и да му угодам на Јехова? Го избрав второто. Ја уништив сета масонска опрема што ја имав, па дури и костумот што го носев на состаноците на ложата. Ја доживеав вистината на Исусовото ветување кога рекол: ‚Вистината ќе ве ослободи‘! (Јован 8:32). Сега среќно ги споделувам со другите работите што сум ги научил. Не чувствувам никакво каење.“
На сличен начин, многу илјади лица со чесни срца направиле големи жртви за да ‚купат вистина‘. Како и тројцата христијани за кои се дискутираше овде, тие не се каат за промените што ги направиле. Библиската вистина им дала „добар темел за иднината, за да се фатат цврсто за вистинскиот живот“ (1. Тимотеј 6:19, НС). Тој ‚вистински живот‘ и сите негови придружни благослови можеш да ги имаш за вечно ако ‚купуваш вистина‘.
[Фусноти]
a За натамошна информација, види ја книгата Библија — Реч Божја или човечија? издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
b Види, на пример, Псалм 36:9—11, 29.
[Слика на страница 9]
Натаниел
[Слика на страница 9]
Годвин