Од градските кули до тундрата во дивината — одете кај луѓето
НИТУ дождот, ниту снегот, ниту градот, ниту волците, ниту пумите ниту непријателското подрачје не можеле да го потиснат нивниот дух на одлучност. Со зачудувачка брзина, тие галопирале низ 3.000 километри поминувајќи низ отворена прерија, бурни реки и длабоки долини за да однесат итна пошта до Западниот брег. Кои биле тие?
Тоа биле смелите млади јавачи на пони експрес.a Што поттикнало таква силина на духот кај тие млади мажи? Веројатно предизвикот, авантурата и задоволството да се пренесе поштата. Интересно е тоа што заедно со приоритетната пошта, секој јавач во своите дисаги носел Библија.
После повеќе од еден век, преку 113.000 оддадени објавители на Царството низ Канада манифестираат еден поголем дух на одлучност, одушевеност и оддаденост. Каква е нивната мотивација? Љубовта кон Бог и кон ближниот ги инспирира да ја доставуваат вистината за Царството преку печатената страница и усно. Оваа животодајна вистина е далеку поитна од која и да е пошта која била доставувана преку пони експрес. Да, тоа е скапоцената порака за Царството од Светото писмо, истата книга која се наоѓала во дисагите на пони експрес јавачите (Изреки 2:21, 22; Исаија 2:2—4; 61:2; Матеј 22:37—39; 24:14).
Мотивирани од љубов кон Јехова и кон луѓето
Јеховините сведоци сакаат да разговараат со луѓето за Царството. Ќе ги најдеш како го прават тоа во градските кули, во оддалечените тундра заедници, на аеродромските терминали, на улиците и на другите јавни места, како и по телефон. Зошто на такви разновидни локации?
Менувањето на начинот на живот наметнат од економските и демографските состојби задава еден страшен предизвик да се најдат луѓето дома. Во многу случаи, и сопругот и сопругата работат за да се грижат за основните материјални потреби на семејството, честопати запоставувајќи ги духовните потреби. Меѓу таквите притисоци и стресови, нив очајнички им е потребна порака на надеж која го радува срцето. Јеховините сведоци радо се одѕиваат. Користејќи дискреција и љубезност, тие создаваат прилики да им ја донесат добрата вест на сите видови луѓе на начин кој е привлечен и поттикнува на размислување (1. Тимотеј 2:3, 4).
На други јазици: Кога Исус им заповедал на своите следбеници да ‚одат и да ги научат народите‘, тој допуштил да постои иницијатива и одлучност во носењето на пораката на надеж до луѓето од сите јазици (Матеј 28:19). Како и многу земји, Канада станала мозаик на различни култури и јазици, и многу објавители на Царството се адаптирале така што учат нови јазици.
На пример, една двојка полновремени министри во Едмонтон (Алберта), ја видела потребата во нивниот град да се достигнат луѓето кои зборувале мандарин кинески. Меѓутоа, најпрвин двојката требало да го научи јазикот, па затоа стапила во контакт со еден универзитетски студент кој зборувал мандарин. Тој се сложил да ги поучува за јазикот а истовремено од нив да ги учи библиските вистини. Каква само идеална ситуација! Во рок од 24 месеци овие двајца предадени објавители на Царството биле квалификувани да поучуваат на мандарин. Истовремено, нивниот учител/студент се квалификувал за христијанско крштавање.
Слични искуства објавителите на Царството доживуваат и во други градови додека тие, мотивирани од љубов, учат јазици како што се полски, руски и виетнамски.
На пат: Како и пони експрес јавачите од минатиот век, кои јавале сами, некои објавители на Царството во внатрешноста на Британска Колумбија се осамени јавачи. Прилична количина од нивното време поминуваат на својата световна работа управувајќи со големи камиони за пренесување трупци до пиланите низ земјата полна со шуми. Ова бара постојан контакт со други превозници преку CB-радиото (приемопредавател на радио-аматерите), комуницирајќи за протокот на сообраќајот и опасностите на патот.
Креативно, овие објавители на Царството го користат своето CB-радио на еден уникатен начин. Тие започнуваат дискусии на CB со тоа што се повикуваат на текуштите настани. Потоа, вешто укажуваат на Библијата. Во еден случај, еден сопревозник се одѕвал на она што го вели Библијата во врска со надежта за мртвите (Јован 5:28, 29; Дела 24:15). Тој бил длабоко вознемирен од смртта на некој колега во сообраќајна несреќа на некој автопат. Благодарно прифатил библиска студија и сега може да се чуе како им ја објавува добрата вест на соработниците и пријателите. Понатаму, на негова радост, била започната библиска студија и со вдовицата на неговиот починат пријател. Каква награда поради преземањето иницијатива да се презентира животодајната порака на вистината на еден необичен начин!
Со авион: Кога станува збор за доставувањето на скапоцената порака на вистината, ревните објавители на Царството одат онаму каде што се луѓето, ‚влегувајќи во селата‘ со мали авиони (Матеј 10:11, 12). Пред извесно време, две авионски групи, трогнати од ревност да ја објавуваат добрата вест и на свој сопствен трошок, одлетале до раштрканите луѓе на огромното пространство од тундра дивината. Групата од секој авион прелетала околу 3.000 километри и се спуштила во 14 различни заедници, доаѓајќи на 250 километри од Арктичкиот круг. Овие неуморни објавители продолжиле седум цели денови за да ги достигнат луѓето изолирани на големи далечини.
А дали сето тоа било исплатливо? Само помисли на позитивниот учинок што го имала библиската порака во тие заедници. Посетувачките министри помогнале да се задоволи една витална духовна потреба кога ја изложиле Јеховината намера за една рајска Земја во блиска иднина (Матеј 5:3). Долго откако носителите на пораката си заминале, луѓето со чесни срца во тие заедници ќе можат да читаат од 542-те Библии и помагала за библиски студии и 3.000-те списанија кои им биле врачени. (Спореди Дела 12:24.)
Преку телефон: Илјадници градски станари живеат во кули, со станови кои имаат безбедност со висока технологија. Сепак, предадените објавители на Царството продолжуваат со ревност и дискреција. Како можат да одат таму каде што се тие луѓе? Иако се претпочита контакт очи в очи, честопати со успех се користи домофонот во ходниците. Кога тоа не е можно, тогаш со прстите се фаќаат за работа, јавувајќи им се на луѓето на телефон.
Едно утро, една постара жена одговорила на својот телефон. После еден краток, учтив поздрав била запрашана што мисли, дали би дошло време кога луѓето ќе можат навечер безбедно да се шетаат по улиците. Биле прочитани стихови за да ја уверат дека во иднина мирот ќе го има во изобилство (Псалм 36:10, 11; Даниил 2:44; Матеј 6:9, 10). Се сложила на телефонски разговор за следната седмица во истото време за да дискутираат за тоа зошто можеме да веруваме во Божјите ветувања. После едномесечно проучување на Библијата, читање на пасусите од едно помагало за библиска студија и поставување соодветни прашања преку телефон, објавителката на Царството добила пофалба од жената за изнесувањето на толку многу различни проповеди секоја седмица. Тоа било време да се опише книгата за проучување и да ѝ се понуди личен примерок. Тогаш биле направени подготовки двете лично да се запознаат. Навистина, Јеховините сведоци ја покажуваат својата љубов кон луѓето, и луѓето се одѕиваат, признавајќи дека Јехова е со тие христијански проповедници. (Спореди 1. Коринтјаните 14:25.)
Преку печатената страница: И во провинцијата Квебек, каде што претежно се зборува француски, објавителите на Царството одат онаму каде што се луѓето. Еден патувачки министер забележал: „Со години браќата имаа чувство дека не напредуваат поради жестокото противење од страна на црквата. Но, преку неуморната работа на браќата и нивните чести посети, Библијата — која беше практично непозната книга и читана само од малцинството — сега има свое место во повеќето домови“.
Се доживуваат возбудливи резултати додека доаѓаат нови евангелизатори од сите нивоа на квебечката заедница, вклучувајќи ја и медицинската средина. Таков е и случајот со еден лекар. Неговата сопруга, и самата објавител на Царството, честопати дискутирала со него за библиската надеж. Еден буден собраниски старешина презел иницијатива да го покани лекарот на собраниски состанок во времето кога се проучуваше брошурата Како може крвта да ти го спаси животот? Тој дошол, па дури и учествувал. Импресиониран од квалитетот и од духовната длабочина на дискусиите, прифатил сопствена лична библиска студија. Сега и тој е објавител на Царството.
Делотворната употреба на списанијата игра важна улога во привлекувањето на луѓето кон Библијата. Никој не знае која статија ќе биде катализатор за да привлече некого кон вистината. Еден објавител на Царството ѝ понудил едно издание од Разбудете се! на една сосетка која не сакала да ја слуша пораката, но била заинтересирана за светот на инсектите. Ја заинтригирала фотографијата во статијата „Шагасова болест — бакнеж на смртта“ во Разбудете се! од 22 ноември 1992 (англ.). Импресионирана од она што го прочитала, побарала повеќе списанија. Била започната библиска студија и, во рок од шест месеци, веќе им сведочела на другите.
На јавни места: Канадскиот закон дозволува слобода на говорот на јавни места, како што се аеродромите. На меѓународниот аеродром Халифакс, објавителите на Царството дискретно им пристапуваат на патниците помеѓу летовите, вклучувајќи ги во разговор. За да се насочи разговорот кон Библијата, се користат навремени сугестивни прашања. Бидејќи носат џебна Библија и литература, тие можат да реагираат на духовните потреби. Меѓу оние кои ја чуле пораката за Царството на таков начин и го однеле семето на вистината за да изникне на далеки места, има хирурзи, научници, адвокати, пилоти, свештеници, полицајци, таксисти, инженери, учители, воен персонал и политичари од странски земји (Колосјаните 1:6).
Едно рано утро на аеродромот, еден човек ги прифатил списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Потоа, со спокоен, успорен глас рекол: „О не, не Јеховини сведоци!“ Зошто таква реакција? Човекот бил побожен муслиман кој само што се помолил во аеродромската капела. Тој го молел Бог да му ги покаже мудроста, увидот и вистината. Помислата дека Јеховините сведоци биле инстант одговор на неговата молитва едноставно го зачудила.
Навистина, храбрите објавители на Царството во Канада не дозволуваат ништо да им застане на патот на нивното презентирање на скапоцената порака за Царството. Тие не дозволуваат да ги одвратат ниту странските јазици, ниту нерамните неасфалтирани патишта, ниту оддалечените заедници ниту, пак, становите во градските згради со високо обезбедување. Тие се одлучни да ја доставуваат Божјата порака за живот до трагачите на вистината со чесни срца. Заедно со своето братство од соработници ширум светот, тие несебично ја слушаат Исусовата заповед да ‚одат и да ги научат народите‘ (Матеј 28:19).
[Фуснота]
a Пони експрес била поштенска служба во Соединетите Држави која постоела еден краток 18-месечен период од 1860 до 1861.
[Рамка на страница 27]
Успешните објавители на Царството го користат телефонот
Некои рекле: „Здраво. Јас се викам [кажи го своето име]. Кратко разговарам со луѓето од Вашата зграда во врска со тоа како би можело да се постигне мир. Што мислите, дали некогаш ќе има мир ширум светот? [Дозволи одговор.] За да Ве опуштам, јас не правам некоја анкета ниту, пак, продавам нешто. Наместо тоа, ја споделувам мислата од Светото писмо дека, всушност, Бог ќе донесе мир“. Потоа, разговорот би можел да продолжи со кратка библиска дискусија.
Други рекле: „Добро вечер. Јас се викам [кажи го името]. Јас сум волонтер на Вашето подрачје. Ги добивам мислењата на поединци кои живеат во Вашата зграда. Со оглед на сѐ поголемото насилство и криминал во нашето подрачје, многумина се загрижени за личната сигурност. Дали тоа е нешто што и Вас Ве загрижува? [Дозволи одговор.] Што мислите, дали некогаш ќе дојде време кога целиот свет ќе се чувствува безбеден?“ Дозволи одговор и продолжи со пораката од Писмото.