Незаборавен настан во Франција
„НЕ ЗА ЈЕХОВИНИОТ ГРАД!“ објавуваа плакатите изложени низ целиот град. „Сите заедно против Јеховиниот проект“, наговараше една противничка група. Дословно стотици статии во печатот ја туркаа работата пред очите на јавноста. Беа потпишувани петиции, а порој од над половина милион трактати кои го спомнуваа проектот, ги преплавуваше локалните поштенски сандачиња. Каков беше овој проект кој го наруши сонот на инаку мирниот град Лувје во северозападна Франција? Предвидената изградба на новата канцеларија на подружницата и станови на Јеховините сведоци.
Јехова прави да израсте
Активноста на Јеховините сведоци во Франција датира од крајот на 19 век. Првото складиште за библиска литература беше отворено во 1905 во Бовен (јужна Франција), а од 1919 во Париз дејствуваше една мала канцеларија. Канцеларијата на подружницата во градот официјално беше отворена во 1930, а следната година канцеларискиот персонал почна да живее во становите во еден бетелски дом лоциран во Анган Ла Бан, северно од Париз. После II светска војна, бетелската фамилија пак се пресели во Париз, а во 1959 подружницата беше преместена во една петкатница во Булон-Бијанкур, во западното предградие на главниот град.
Поради експанзијата на делото на проповедање на Царството, во 1973 печатницата и објектите за испорака беа преместени во Лувје, на 100 километри западно од Париз, додека канцелариите останаа во Булон-Бијанкур. Меѓутоа, и покрај проширувањата во 1978 и 1985, порастот во бројот на објавители во Франција направи објектите во Лувје да бидат неадекватни. Затоа, беше одлучено да се прошират, и целата бетелска фамилија да се донесе на една локација. Овој проект не беше по сечиј вкус, како што беше спомнато во почетокот. И покрај таквото противење, беше најден плац на само еден и пол километар од печатницата. Следуваа шест години напорна работа и, на крај, после 23 години одвоеност, во август 1996 целата бетелска фамилија беше обединета во Лувје.
Така, со голема радост, една среќна толпа од 1.187 — вклучувајќи и 300 членови на француската бетелска фамилија, како и 329 делегати од 42 други подружници — се собраа в сабота на 15 ноември 1997 за да го слушнат говорот за свечено отворање кој го одржа брат Лојд Бери, член на Водечкото тело. Меѓутоа, со оглед на фактот што ова свечено отворање се одржа и покрај непријателство и една пролонгирана, клеветничка медиумска кампања против Јеховините сведоци низ Франција, се мислеше дека би требало сите француски Сведоци да можат да учествуваат во прославувањето на оваа победа. Како резултат на тоа, в недела на 16 ноември, во Саемскиот центар Велпент, малку западно од Париз, беше организиран еден специјален состанок на тема „Остани во Христовата љубов“. Беа поканети сите Јеховини сведоци од Франција, заедно со Сведоците кои зборуваат француски од Белгија и Швајцарија, како и собранија од Британија, Германија, Луксембург и Холандија.
Собир — пресвртница
Подготовките за собирот започнаа шест месеци однапред. Тогаш, само две седмици пред свеченото отворање, француските камионџии стапија во штрајк, барикадирајќи ги главните патишта и залихите со гориво. Дали столиците и другата опрема ќе се пробијат навреме? Дали блокадите на патиштата ќе ги спречат браќата да дојдат? На олеснување на сите, во рок од една седмица штрајкот заврши и патиштата повторно беа отворени за сообраќај. Во петокот навечер, пред викендот за свеченото отворање, 38 камиони доставија 84.000 столици во две пространи сали кои беа изнајмени за таа прилика. Повеќе од 800 браќа и сестри цела ноќ напорно работеа сѐ до девет и пол во саботата наутро за да ги постават седиштата, подиумот, опремата за озвучување и деветте огромни видеоекрани.
Во 6.00 часот в недела наутро, вратите беа отворени, и мноштвата почнаа да се слеваат. Вкупно 17 специјално изнајмени возови донесоа во главниот град повеќе од 13.000 Сведоци. Над двесте локални браќа и сестри беа на располагање на железничките станици за да ги пречекаат патниците и да ги придружуваат во групи до конгресната локација. Една сестра рекла дека оваа подготовка, полна со љубов, им дала „чувство на безбедност и благосостојба“.
Други дојдоа во Париз со авиони или со автомобили. Меѓутоа, мнозинството дојде со 953 автобуси, додека Сведоците од подрачјето на Париз го користеа јавниот превоз за да допатуваат до Саемскиот центар. Многумина патувале цела ноќ или ги напуштиле своите домови утрото многу рано, но сепак нивното возбудување од присуството на овој состанок беше очигледно. Извици на восхитување и топли прегратки ги обележуваа повторните средби на пријателите кои со години не се виделе. Разнобојните народни носии му даваа меѓународна атмосфера на радосното мноштво. Несомнено, се случуваше нешто извонредно.
До времето кога започна програмата, во 10.00 часот, повеќе немаше слободни седишта, па сепак секоја минута пристигнуваа стотици луѓе. Секаде каде што ќе се погледнеше, ќе се видеше маса од насмеани лица. Илјадници или остануваа да стојат или седеа на бетонскиот под. Во духот на темата на собирот, многу младинци со љубов стоеја за да им овозможат на постарите да седнат. „Колку само бевме среќни што ги отстапивме нашите седишта на браќа и сестри кои не ги познававме, но кои ни беа драги!“ напишала една двојка. Многумина покажаа убав самопожртвуван став: „Цел ден стоевме до столиците за кои помагавме да бидат поставени во петокот преку ноќта. Но, самото тоа што бевме присутни, предизвикуваше да бидеме исполнети со благодарност кон Јехова“.
И покрај заморот или неудобноста, делегатите со занесено внимание ги слушаа извештаите од другите земји и говорите од Лојд Бери и Даниел Сидлик, кој исто така е член на Водечкото тело. Брат Бери ја разработи темата „Јехова прави да се изобилува во целосна моќ“ и сликовито истакна како Јехова го благословил својот народ со пораст и покрај различните испити. Говорот на брат Сидлик имаше наслов „Среќен е народот чиј Бог е Јехова!“ Обата говора беа особено навремени со оглед на противењето на кое моментално наидуваат Јеховините сведоци во Франција. Брат Сидлик покажа дека вистинската среќа не зависи од надворешни фактори, туку од нашиот однос со Јехова и од нашиот став кон животот. На неговото прашање до публиката: „Дали си среќен?“ — беше одговорено со громогласен аплауз.
Една сестра која ја имала „изгубено својата радост“, после тоа напишала: „Одеднаш сфатив дека среќата ми беше на дофат. Јас ги имав погрешно насочувано моите напори, а преку овој говор Јехова ми покажа како треба да се променам“. Еден друг брат изјавил: „Сега сакам да се борам за да го израдувам Јеховиното срце. Не сакам да дозволам ништо да ја отстрани радоста што почнав да ја чувствувам длабоко однатре“.
Како што состанокот се приближуваше кон својот крај, претседавачот со голема одушевеност го објави бројот на присутните: 95.888 — најголемиот собир на Јеховините сведоци во Франција досега!
После заклучната песна — која многумина ја пееја со солзи радосници во своите очи — и завршната молитва, браќата тргнаа на пат кон дома со измешани емоции. Топлата, пријателска атмосфера од собирот не помина незабележано. Возачите на автобусите дадоа многу позитивни коментари за ставот на делегатите. Исто така, тие беа импресионирани и од организацијата која овозможи сите 953 автобуси да го напуштат Саемскиот центар во рок од два часа без ниту еден единствен застој! Однесувањето на делегатите беше многу ценето и од вработените во железницата и во јавниот превоз. Следуваа многу фини дискусии и беше дадено добро сведоштво.
„Оаза во пустина“
Апостол Павле ги подбудил сохристијаните: „Да се поттикнуваме кон љубов и добри дела . . . да се поучуваме [охрабрувајќи се, NW] еден друг, и тоа во толку повеќе, до колку гледате дека се приближува судниот ден“ (Евреите 10:24, 25). Секако, овој специјален состанок беше извор на големо охрабрување за сите, „оаза во пустина“, како што тоа го опишала една сестра. „Си заминавме освежени, охрабрени, зајакнати и поодлучни од кога и да е порано да се радуваме во Јеховината служба“, напишаа браќата од подружницата во Того. „Оние кои беа паднати со духот, си заминаа дома среќни“, рече еден покраински надгледник. „Браќата беа галванизирани и зајакнати“, изјави друг. „Никогаш порано не сме се чувствувале толку блиски со Јеховината организација“, била трогната да напише една двојка.
„Ногата моја стои на прав пат [рамно место, NW]; во собранијата ќе Те благословувам, Господи“ (Псалм 25:12). Таквите христијански собири им овозможуваат на сите повторно да застанат на сигурни духовни нозе наспроти препреките. „Какви и да се неволјите“, потврди една сестра, „овие извонредни моменти се врежани длабоко во нашите срца и секогаш ќе бидат таму за да нѐ утешат.“ На сличен начин, еден патувачки надгледник напиша: „Кога ќе дојдат тешки времиња, сеќавањето на овој предвкус на Рајот ќе ни помогне да се справиме со нив“.
„Воздајте Му на Господа, племиња народни, воздајте Му слава и чест“, силно поттикнува Псалм 95:7. Несомнено, свеченото отворање на новите објекти на подружницата во Франција е недвосмислена победа за Јехова. Само тој можеше да доведе до реализирање на проектот наспроти таквото одлучно и распространето противење. Јеховините сведоци во Франција се поодлучни од кога и да е порано да ‚бидат во Христовата љубов‘ и да ‚дозволат да свети нивната светлина‘ (Јован 15:9; Матеј 5:16). Сите кои присуствуваа на програмата за свеченото отворање, безрезервно го споделуваа чувството на псалмистот: „Тоа е од Господа и е прекрасно во очите наши“ (Псалм 117:23).
[Слика на страница 26]
Даниел Сидлик
[Слика на страница 26]
Лојд Бери
[Слика на страница 26]
95.888 присутни на специјалната програма во Саемскиот центар Велпент
[Слики на страница 28]
Илјадници од оние кои беа присутни или стоеја или седеа на подот за да слушаат