Дали Марија умрела од природна смрт?
СПОРЕД ватиканскиот весник L’Osservatore Romano, католичката доктрина за Вознесението наведува: „Безгрешната Девица, сочувана без какво и да е петно од првобитниот грев, била земена во тело и душа во небесна слава, кога нејзиниот земен живот завршил“. Ова учење навело некои католички теолози да тврдат дека Марија „не умрела и дека веднаш била крената од земниот живот во небесна слава“, вели весникот.a
Неодамна, папата Јован Павле II фрли поинаква светлина на тоа прашање. На Генералната аудиенција во Ватикан, на 25 јуни 1997, тој рече: „Новиот Завет не обезбедува никакви информации за околностите на Мариината смрт. Ова молчење наведува на претпоставката дека тоа се случило природно, без никаков особено вреден детаљ за споменување . . . Се чини дека мислењата, кои сакаат да го исклучат тоа дека нејзината смрт била природна, се неосновани“.
Изјавата на папата Јован Павле отвора една длабока пукнатина во догмата за безгрешен зачеток. Доколку Исусовата мајка била „сочувана без какво и да било петно од првобитниот грев“, како можела Марија да умре од „природна смрт“, што резултира од гревот пренесен од грешниот Адам? (Римјаните 5:12). Оваа теолошка дилема се должи на искривеното гледиште на Католичката црква за Исусовата мајка. Не е ни чудо што во Католичката црква настана поделба и конфузија околу таа работа.
Иако Библијата ја прикажува Марија како понизна, верна и побожна, таа не ги припишува тие особини на некој „безгрешен зачеток“ (Лука 1:38; Дела 1:13, 14). Библијата едноставно вели: „Сите згрешија и се лишени од славата Божја“ (Римјаните 3:23). Да, Марија наследила грев и несовршеност како и останатото човештво, и не постои доказ дека умрела од нешто друго освен од природна смрт. (Спореди 1. Јованово 1:8—10.)
[Фуснота]
a Види ја статијата „Успението — Догма откриена од Бог?“ во Стражарска кула од 15 февруари 1994, страници 26—29.