Да се живее и да се проповеда во сенката на еден вулкан
„ТОА е застрашувачко искуство. Многу лесно би можело да биде како крајот на светот за кој зборува Библијата. Мораме да останеме будни и да бидеме на добар глас пред Јехова Бог во секој момент.“ Тоа се зборовите на Виктор, еден од Јеховините сведоци, кој го раскажувал своето искуство за животот во непосредна близина на вулканот Попокатепетл во Мексико, популарно наречен Попо.
Овој вулкан што татне е на меѓународните вести од 1994.a Властите заклучиле дека сѐ што е во пречник од 30 километри од кратерот спаѓа во високо ризична зона. Јужната страна на вулканот е особено опасна бидејќи кратерот е накосен во тој правец и има извесен број длабоки теснини низ кои од кратерот можат да истечат лава и кал.
Природно е што многумина прашуваат што би се случило со Мексико Сити во случај вулканот да има некоја поголема ерупција. Дали тој град е изложен на ризик? Потоа, тука се и сите луѓе во државата Морелос, на југот од вулканот. Дали сите кои се наоѓаат во тоа подрачје се исто така во опасност? И како е да се живее во сенката на вулканот, не знаејќи што би можело да се случи од ден во ден?
Заканата од вулканот
Центарот на Мексико Сити е на околу 70 километри северозападно од Попокатепетл, иако некои предградија се во близина од 40 километри. Технички земено, целото подрачје на метрополата, со неговото 20 милионско население, е надвор од опасната зона. Меѓутоа, зависно од правецот на ветрот, ова подрачје би можело да биде погодено доколку вулканот исфрли огромна количина пепел.
Ефектите од вулканската пепел обично се пострашни на источната страна од вулканот. Ова подрачје го опфаќа градот Пуебла и извесен број помали градови и гратчиња, со околу 200.000 луѓе кои живеат во високоризичното подрачје. Во неделата, на 11 мај 1997, вулканот исфрли тони пепел во воздухот и ги расфрли низ целото тоа подрачје, достигнувајќи сѐ до државата Веракруз, на повеќе од 300 километри на исток. Во подрачјето јужно од вулканот, во државата Морелос, има неколку градови и гратчиња со вкупно население од околу 40.000 луѓе кои исто така би можеле да бидат во сериозна опасност.
Јеховините сведоци живеат и работат сред сево ова. Во Мексико Сити ги има повеќе од 90.000 во околу 1.700 собранија. Подружницата на Watch Tower Society е сместена надвор од Мексико Сити на североисток, на околу 100 километри од вулканот. Во подружницата има повеќе од 800 волонтери, покрај отприлика 500-те волонтери кои работат на еден голем градежен проект. Сите тие се надвор од ризичната зона.
Во државата Морелос има околу 50 собранија на Јеховините сведоци со повеќе од 2.000 објавители на Царството. Некои од нив, сместени во Тетела дел Волкан и Вајапан, се на оддалеченост од 20 километри од кратерот. Освен тоа, на исток во државата Пуебла има собранија со околу 600 објавители кои живеат на 20 до 30 километри од вулканот. Се разбира, тие би можеле да бидат во сериозна опасност.
Јеховините сведоци остануваат активни
И покрај постојаната закана, Јеховините сведоци не запираат со своето проповедничко дело на тоа подрачје. Исто така, тие се држат за својот распоред на христијански состаноци, што им дава чувство на единство и доверба под овие неповолни околности (Евреите 10:24, 25). Извештајот од едно од собранијата наведува: „Имаше значителна промена во ставот на луѓето кон добрата вест за Царството. На пример, неодамна, во едно мало село, 18 луѓе прифатија домашни библиски студии“.
Едно друго собрание, сместено на 20 километри од вулканот, известува: „Порастот е извонреден. Ова собрание беше основано во ноември 1996. Во текот на наредните шест месеци, 10 поединци се квалификуваа да учествуваат во службата на теренот. Некои објавители живеат на само 20 километри од кратерот. Таму се одржуваат христијански состаноци и имаат околу 40 присутни“.
Магдалена, која живее во Сан Агустин Икставикстла (Пуебла), на само 25 километри од вулканот, сѐ уште е многу активна во водењето библиски студии. Таа раскажува што се случило после една сериозна ерупција.
„Бевме известени дека треба да ги напуштиме нашите домови — како што и направивме под еден дожд од пепел. И покрај итната ситуација, помислив на семејството Дорадо со кое ја проучував Библијата. Заедно со неколку браќа појдовме во домот на Дорадо за да им помогнеме да се преместат на посигурно место. Во блискиот град Пуебла веќе беше започнал да дејствува одборот на Јеховините сведоци за помош. Семејството Дорадо беше многу импресионирано од начинот на кој таму се постапуваше со сите нас. Бевме сместени на различни места кои нашите христијански браќа однапред ги имаа подготвено за нас. Ништо не ни недостигаше иако бевме далеку од дома. Ова семејство присуствуваше на некои состаноци во Салата на Царството, но беше изненадено од љубовта што таму му ја покажаа браќата кои никогаш пред тоа не ги имаше сретнато. Неколку седмици откако се вративме во нашите домови, ова семејство почна редовно да присуствува на сите состаноци. Наскоро се квалификуваа за објавители на добрата вест. Двајца од нив сега се крстени. Тие неколку месеци служеа како помошни пионерски министри и прават планови да стапат во општа пионерска служба“.
Марта, 20-годишна девојка која живее на 21 километар од кратерот, не дозволила инвалидноста да ја спречи да ја користи секоја прилика да проповеда. Ја дознала вистината пред три години кога вулканот повторно се активирал. Наместо да користи инвалидска количка, со која тешко би се справувала по стрмниот терен каде што живее, таа јава на магаре за да учествува во проповедничкото дело. Исто така, на тоа магаре јава и до состаноците. Марта му е длабоко благодарна на Јехова што е дел од братството полно со љубов, бидејќи за да слезе и да се качи на магарето, таа зависи од помошта на сестрите од собранието. Секој месец поминува во службата по повеќе од 15 часа.
Во овие изолирани подрачја, Јеховините сведоци честопати се соочуваат со притисок од своите соседи да им се придружат во прославувањето на религиозните празници. Во Тулсинго, село сместено на околу 20 километри од вулканот, еден човек добил задача да ги посети Сведоците за да собере донации за прославите. Браќата стрпливо му објасниле зошто тие не би можеле да учествуваат во тие религиозни празници. Човекот бил толку упорен во обидот да добие пари од браќата што почнал да се дружи со нив, запознавајќи се со некои од нивните верувања. Уживал во тоа што во сопствената католичка Библија ги наоѓал одговорите на своите прашања. Заедно со сопругата и ќерката, една година редовно присуствувал на состаноците и ја изразил својата желба да стане објавител на добрата вест.
Како можеш да бидеш подготвен?
Вулканолозите прават свои студии и издаваат службени извештаи за заканувачкиот Попокатепетл, но всушност никој не знае што или кога ќе се случи. Според новинските медиуми и луѓето кои живеат во близината, вулканот може да избувне во секое време. Заканата е реална. Секако, властите се многу загрижени и сакаат да сторат сѐ што можат за да бидат спремни во случај на вонредна состојба. Но, разбирливо е дека тие мораат да бидат претпазливи во врска со издавањето предупредување, бидејќи не сакаат да предизвикаат масовна преселба доколку не постои непосредна опасност. Тогаш, што би требало да се стори?
„Умниот го гледа злото и се клони; а безумните одат напред и се казнуваат“, вели една библиска изрека (Изреки 22:3). Затоа, еден мудар правец е човек да ги преземе неопходните чекори за да си ја обезбеди сигурноста додека вратата на приликата сѐ уште е отворена, а не да ‚оди напред‘ како да нема воопшто ништо да се случи, играјќи си со времето кога се во прашање таквите страшни природни сили. Така гледаат на таа работа Јеховините сведоци во тоа подрачје.
Неодамна, претставници на канцеларијата на подружницата на Watch Tower Society се состанаа со патувачките надгледници во државата Пуебла, кои се во близок контакт со собранијата во опасната зона. Беа направени планови патувачките надгледници и членовите на одборот за помош да го посетат секое семејство кое живее во опсег од 25 километри од кратерот. На овие семејства им беше помогнато да размислат за иселување од опасната зона пред да избие паника. Беа направени подготовки за превоз и сместувања со цел да се преселат 1.500 луѓе во градот Пуебла. Некои семејства се преселија да живеат кај роднините во други градови.
Предупредување од поголем размер
Чадот, огнот и татнежите од Попокатепетл се јасни показатели дека се приближува ерупција. Сите кои сакаат да се спасат мораат да обрнат внимание на предупредувањата издадени од властите и да преземат соодветна акција. Јеховините сведоци кои живеат во непосредно подрачје на вулканот постојано бдеат за да ја обезбедат личната сигурност, како и да им помогнат на другите да ја увидат опасноста и да сторат нешто пред да биде предоцна.
Во еден поголем размер, Јеховините сведоци се будни и за светските настани во светлина на библиските пророштва. Војните, земјотресите, гладот, болестите и криминалот се исто толку значајни како и активностите на еден вулкан. Тие се елементи на еден сложен знак за кој Исус Христос претскажал дека ќе го одбележи „свршетокот на светот“. Иако никој точно не знае кога ќе дојде тој крај, не постои сомневање дека се приближува и дека е многу, многу близу (Матеј 24:3, 7—14, 32—39).
Денес постои итна потреба луѓето насекаде многу сериозно да го сфатат Исусовото предупредување: „Само пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, и грижа за овој свет, за да не ве затече оној ден ненадејно“ (Лука 21:34). Јасно е дека ова е мудриот правец кој треба да се преземе. Токму како што предупредувачките знаци на вулканот не треба да се сфатат несериозно, така ние не смееме да го игнорираме приближувањето на Синот човечки, Исус Христос, кој поттикнал: „Затоа бидете и вие готови, зашто во кој час и не мислите, ќе дојде Синот Човечки“ (Матеј 24:44).
[Фуснота]
a За овој заканувачки вулкан извести Разбудете се! од 8 март 1997 (срп.).
[Слики на страница 23]
Марта (на магарето) и другите сведоци во сенката на Попокатепетл