Дело кое „не може а да не побуди почитување“
АПОСТОЛ Петар ги опоменал сохристијаните: „Имајќи помеѓу себе добри односи [добро однесување, NW] среде незнабошците, па тие, кога ве напаѓаат како злотворци, штом ќе ги видат вашите добри дела, да Го прослават Бога“ (1. Петрово 2:12). Многу години Јеховините сведоци во Италија јавно покажувале такво добро однесување. Во духот на Исусовото упатство да ‚разгласуваат од покривите‘, тие отворено ја извршуваат сета своја христијанска активност, пред очите на целата јавност (Матеј 10:27; Јован 18:20). Како резултат на тоа, кога еден италијански адвокат и еден свештеник изнеле обвиненија дека Јеховините сведоци се „псевдорелигиозна секта“ и ги вброиле во „тајните друштва кои ги мамат луѓето“, Сведоците одлучиле да преземат законска постапка поради клеветничките изјави.
На првото судење, судот заклучил дека адвокатот и свештеникот не прекршиле некој закон. Меѓутоа, на 17 јули 1997, венецијанскиот Апелационен суд ја поништил одлуката на првиот суд, прогласувајќи ги обајцата туженици за виновни. Апелациониот суд навел: „Обете објавени статии за кои станува збор, содржат изрази и фрази кои сигурно можат да нанесат штета на репутацијата на следбениците на религијата ‚Јеховини сведоци‘. Изгледа очигледно дека намерата на статиите е да ги изложи нејзините следбеници на јавен презир“. Судот навел дека статиите „не претставуваат легитимно извршување на правото за известување и критикување“. Судот парично ги казнил двајцата клеветници, но исто така им наложил да ги платат и сите судски трошоци, вклучувајќи ги и сите правни трошоци на Сведоците за обете парници.
Во својата писмена пресуда, венецијанскиот Апелационен суд коментирал: „Само преку подеднаквото применување и штитење на сите права загарантирани со [италијанскиот] устав, можно е да се спречат облиците на нетолеранција и религиозен фанатизам“. Одлуката признава дека активноста на Јеховините сведоци не е ниту тајна ниту, пак, псевдорелигиозна. „Да се класифицираат Сведоците меѓу тајните друштва“, забележал судот, „значи да не се почитува дури ни критериумот на историската вистина, бидејќи оваа исповедувана религија е присутна во многу градови, а широко распространетата активност на прозелитизирање која ја спроведуваат нејзините членови, особено во неделите и на другите празници, е добро позната и не може а да не побуди почитување за напорите што ги вложуваат без разлика на тоа што некој мисли за доктрината која ја проповедаат“. На тој начин, записот за ревносното проповедање и примерното однесување на Јеховините сведоци во Италија помогнал да се растурат предрасудите против нив (Матеј 5:14—16; 1. Петрово 2:15).