Објавителите на Царството известуваат
Не се воздржувај од објавувањето на добрата вест
КОГА европските истражувачи првпат го посетиле Венецуелскиот Залив и езерото Маракаибо, брегот бил начичкан со мали колиби со сламени покриви, изградени на дрвени столбови над плитките води. Видикот потсетувал на Венеција (Италија), каде што луѓето ги граделе своите домови долж рабовите на водата. Затоа, истражувачите кои зборувале шпански го нарекле тоа подрачје Венецуела — што значи „мала Венеција“.
Денес оваа убава земја е домаќин на еден друг вид градежна програма — духовна. Таму Јеховините сведоци се работливо зафатени во сеењето на семето на Царството во секоја погодна прилика. Духовната жетва која произлегува од тоа му донесува голема фалба на „Господарот на жетвата“, Јехова Бог (Матеј 9:37, 38).
Кога еден патувачки надгледник посетил едно собрание во државата Зулија, во северозападна Венецуела, локалните Сведоци уредиле тој и неговата сопруга да посетат еден мал остров во близината кој се вика Тоас. Додека чекале во ред за да го фатат фериботот рано изутрина, сопругата на патувачкиот надгледник, Мери, ѝ предложила на својата придружничка, една сестра полновремен пионер, да разговараат со некој од работниците на бродот. Сестрата пионерка се сложила.
Пристапувајќи му на еден техничар, Мери му ја презентирала книгата Спознание кое води до вечен живот. Му го покажала поглавјето „Да се изгради семејство кое ќе му оддава чест на Бог“. Се чинело дека го ценел тоа. Потоа Мери му објаснила дека, користејќи ја оваа публикација, би можел да има библиска студија во сопствениот дом. Тој ја зел книгата, и биле направени подготовки некој да го посети дома.
После кратко време, на тоа подрачје имало специјален еднодневен собир. Какво само изненадување било за Мери кога таму го видела техничарот, сењор Нава, заедно со неговата сопруга и двете ќеркички! Мери ја прашала сопругата што мисли за нивната семејна библиска студија. Нејзиниот одговор многу ја изненадил.
„Му благодарам на Јехова што ја дознавме вистината“, рекла таа. Потоа, објаснила: „Кога Вие сте разговарале со мојот сопруг, тој само што ме беше оставил заради друга жена. А беше и тежок пијаница. Понекогаш, кога ќе се опијанеше, знаеше да малтретира, а тоа не ѝ се допаѓаше на малата заедница на островот. Исто така, практикуваше спиритизам. Меѓутоа, библиското спознание кое го стекна со студијата му помогна да направи огромни промени во животот. Прекина со сите нечисти практики. Неговите родители, кои се католици, се многу импресионирани од овие промени. Тие се среќни што сега тој е одговорен сопруг и татко“.
Сењор Нава се крстил во 1996 година и моментално служи како полновремен министер. Неговата сопруга Џени се крстила во 1997. Градоначалникот на градот бил толку импресиониран од промените кај овој фериботски механичар што и тој побарал библиска студија. Колку само се среќни сестрите што не се воздржале да ја објавуваат добрата вест додека го чекале фериботот тоа утро!
[Слики на страница 7]
Споделувањето на добрата вест со еден фериботски техничар донело среќни резултати