Високите места — центри на обожавање
Хебрејскиот збор што главно се преведува со „високи места“ (бамот) обично е поврзан со обожавањето. Високи места, односно локалитети или светилишта каде што се вршело идолопоклонство, можеле да се најдат не само на ридовите и планините туку и во долините, празните речни корита, во градовите и под дрвјата (Второзаконие 12:2; 1. Цареви 14:23; 2. Цареви 17:29; Езекиел 6:3).
Според Јеховиниот закон, жртвите требало да се принесуваат само на местото што тој го одредил. Во деновите на Исус Навин, Израелците признале дека неовластеното градење на олтар за пален принос било, всушност, побуна против Јехова (Второзаконие 12:1-14; Исус Навин 22:29). Меѓутоа, постојат показатели дека, откако светиот Ковчег бил преместен од шаторот (1. Самоил 4:10, 11; 6:1, 10-14; 7:1, 2), одобрено жртвување се вршело и на други места, освен во шаторот на состанување, и тоа не само под посебни околности туку, во некои случаи, и донекаде на редовна основа (1. Самоил 7:7-9; 10:8; 11:14, 15; 16:4, 5; 1. Цареви 3:3; 1. Летописи 21:26-30). На високото место во еден неименуван град во земјата Суф била подигната градба во којашто, изгледа, можеле да се јадат заедничките жртви. Во трпезаријата можеле да се сместат околу 30 луѓе, ако не и повеќе. Дури и девојките во градот биле запознати со тамошната процедура на жртвување (1. Самоил 9:5, 11-13, 22-25). Исто така, можеби постоел обичај семејствата да не ја принесуваат годишната жртва во шаторот, туку во сопствените градови (1. Самоил 20:6, 29).
Жртвувањето на високите места се оправдувало со тоа што немало изграден дом на името на Јехова. Затоа, Соломон морал да принесува жртви на величественото високо место во Гаваон, каде што во тоа време бил сместен шаторот (1. Цареви 3:2-4; 1. Летописи 16:37-40, 43; 21:29; 2. Летописи 1:3, 13).