Потребна ти е школувана совест
Се очекувало да биде незаборавен ден за патниците и за членовите на екипажот во летот 901 за Антарктик на Air New Zealand. Фотоапаратите биле спремни и преовладувало весело расположение додека ДЦ-10 се приближувал кон белиот континент за величествена авионска глетка од мала висина.
КАПЕТАНОТ, пилот веќе 15 години, насобрал над 11.000 часови летање. Пред полетувањето тој внимателно го внел планот за летот во својот авионски компјутер, без да знае дека координатите што му биле дадени биле неточни. Летајќи низ еден облак на висина од само нешто помалку од 600 метри, ДЦ-10 удрил во пониските падини на планината Еребус, при што сите 257 луѓе што се наоѓале во авионот загинале.
Исто како што авионите денес зависат од компјутерите за да ги водат низ небото така на луѓето им е дадена совест за да ги води на нивниот пат во животот. А од ужасната трагедија на летот 901 можеме да научиме некои силни лекции во врска со нашата совест. На пример, исто како што сигурноста на летот зависи од исправното функционирање на навигациониот систем и од прецизните ориентири така и нашата духовна, морална, па дури и физичка благосостојба зависи од приемливата совест водена од точни морални ориентири.
За жал, во денешниов свет таквите ориентири брзо исчезнуваат или се игнорираат. „Денес многу слушаме дека Џони не знае да чита, дека не знае да пишува и за неговиот проблем да ја најде Франција на картата“, рекла една жена педагог од Америка. „Исто така, точно е дека Џони има проблем да разликува исправно од неисправно. Заедно со неписменоста и незнаењето математика, на списокот со образовни проблеми мораме да ја додадеме и длабоката морална збрка“. Таа забележала и дека „денешните млади живеат во морална замагленост. Прашајте некого од нив дали постојат работи како што се ‚исправно и неисправно‘, и наеднаш ќе се соочите со збунет, занемен, нервозен и несигурен поединец . . . Кога ќе отидат на колеџ, оваа збунетост наместо да се намали, се зголемува“.
Една причина за нивната збрка е моралниот релативизам, раширено гледиште дека мерилата се разликуваат, во зависност од личните и од културните склоности. Замисли си што би се случило ако пилотите не се раководат според утврдени точки за ориентација, туку според светлосни сигнали кои се движат непредвидливо и понекогаш сосема исчезнуваат! Катастрофите, како онаа на планината Еребус, несомнено ќе бидат вообичаени. На сличен начин, затоа што ги напуштил утврдените морални мерила, светот жнее мрачна и сѐ поголема жетва на беда и смрт, додека семејствата се растргнати поради неверност и милиони страдаат поради СИДА или некоја друга сексуално пренослива болест.
Моралниот релативизам можеби звучи софистицирано, но во стварноста неговите следбеници се како древните Ниневијци кои не знаеле „да ја разликуваат десната рака од левата“. Оние што практикуваат морален релативизам личат на отпадничките Израелци кои ‚злото го нарекувале добро, а доброто зло‘ (Јона 4:11; Исаија 5:20).
Тогаш, каде да се обратиме за јасни, недвосмислени закони и начела со кои ќе ја школуваме совеста да ни биде сигурен водич? Милиони увиделе дека Библијата совршено ја задоволува таа потреба. Од моралноста до работната етика и од воспитувањето на децата до обожавањето на Бог, Библијата не испушта ништо важно (2. Тимотеј 3:16). Таа се покажала потполно доверлива низ вековите. Затоа што се поставени од највисокиот авторитет, нашиот Творец, библиските морални мерила важат за сите луѓе. Затоа немаме причина да водиме живот на морална несигурност.
Меѓутоа, денес твојата совест е изложена на напад како никогаш порано. Како е можно тоа? И како можеш да ја зачуваш совеста? Добар начин за тоа е да го дознаеш изворот на нападот и неговите тактики. За тоа ќе се дискутира во следната статија.