Зачувај ја својата совест
ПОМИСЛАТА да се лета во авион со погрешно програмиран компјутер е застрашувачка. Наместо тоа, замисли си дека некој чепкал во системот за управување на авионот или дека намерно ги фалсификувал неговите податоци! Па, во фигуративна смисла, тоа е токму она што некој се обидува да го стори со твојата совест. Тој се обидува да го саботира твојот систем за морално водство. Неговата цел е да те стави на пат кој води до судир со Бог! (Јов 2:2-5; Јован 8:44).
Кој е овој злобен саботер? Во Библијата е наречен „празмијата, кој се вика Ѓавол и Сатана, кој ја заведува целата населена земја“ (Откровение 12:9). Бил виден на дело во градината Еден кога, користејќи навидум вистинито резонирање, ја убедил Ева да го игнорира она за што знаела дека е исправно и да се побуни против Бог (Битие 3:1-6, 16-19). Оттогаш Сатана станал мозокот кој стои зад развојот на цели институции на измама што масовно го водат народот кон непријателство со Бог. Најголем прекор од овие институции заслужува лажната религија (2. Коринќаните 11:14, 15).
Лажната религија ја расипува совеста
Во библиската книга Откровение, лажната религија е видена како симболична блудница наречена Големиот Вавилон. Нејзините учења ги искривиле моралните чувства на многу луѓе и ги навеле да ги мразат оние што имаат поинакви верувања, па дури и да постапуваат насилнички кон нив. Всушност, според Откровение, Бог ја смета лажната религија првенствено одговорна за крвта ‚на сите кои биле убиени на земјата‘, меѓу кои спаѓаат и Божјите сопствени обожаватели (Откровение 17:1-6; 18:3, 24).
Исус ги предупредил своите ученици до која мера лажната религија ќе го искриви моралниот компас на некои, кога рекол: „Доаѓа часот кога секој кој ве убива ќе мисли дека му врши света служба на Бог“. Колку само се морално заслепени тие насилни поединци! Исус рекол: „Не го запознале ниту Таткото ниту мене“ (Јован 16:2, 3). Недолго откако ги кажал тие зборови, Исус и самиот бил убиен на заповед на некои верски водачи, кои биле во состојба да преминат со мирна совест преку злосторството што го направиле (Јован 11:47-50). Спротивно на тоа, Исус рекол дека неговите вистински следбеници се препознаваат по меѓусебната љубов. Но, нивната љубов е уште поопсежна, затоа што ги опфаќа дури и нивните непријатели (Матеј 5:44-48; Јован 13:35).
Друг начин на кој лажната религија ја саботира совеста на многумина е така што удоволува на кој и да е морал, или недостиг на морал, кој е во мода. Претскажувајќи го тоа, апостол Павле рекол: „Ќе дојде период кога нема да го поднесуваат здравото учење, туку според своите сопствени желби ќе си насоберат учители да им ги скокоткаат ушите“ (2. Тимотеј 4:3).
Денес верските водачи им ги скокоткаат ушите на луѓето со тоа што велат дека сексот надвор од бракот може да му биде прифатлив на Бог. Други ги дозволуваат хомосексуалните постапки. Всушност, некои свештеници и самите се активни хомосексуалци. Во една статија на британскиот весник The Times стоело дека во Генералниот синод на Англиканската црква се изгласани „тринаесет јавно познати хомосексуални свештеници“. Кога црковните водачи го напуштаат библискиот морал и нивните цркви не реагираат многу на тоа, какви мерила треба да усвојуваат нивните парохијани? Не е ни чудо што милиони луѓе се сосема збунети.
Колку само е подобро да се биде воден од моралните и духовните вистини за кои учи Библијата и кои се како светилници! (Псалм 43:3; Јован 17:17). На пример, Библијата учи дека ни блудниците ни прељубниците „нема да го наследат Божјето царство“ (1. Коринќаните 6:9, 10). Таа ни кажува дека мажите и жените што ја менуваат ‚својата природна употреба со противприродна . . . го прават она што е срамно‘ во Божји очи (Римјаните 1:26, 27, 32). Овие морални вистини не се измислици на несовршени луѓе; тие се инспирирани мерила на Бог, кои тој никогаш не ги укинал (Галатите 1:8; 2. Тимотеј 3:16). Но, Сатана има и други начини на кои ја саботира совеста.
Биди избирлив во забавата
Едно е да присилиш некого да направи лошо дело, но сосема нешто друго е да го натераш да сака да го направи тоа дело. Тоа е, всушност, целта на „владетелот на светот“, Сатана. За да го вреже своето расипано размислување во умовите и срцата на глупавите или на наивните — особено најранливите, младите — тој користи средства како што се сомнителна литература, филмови, музика, компјутерски игри и порнографски сајтови на Интернет (Јован 14:30; Ефешаните 2:2).
„Се проценува дека младите луѓе [во Соединетите Држави] гледаат по 10.000 чинови на насилство годишно“, стоело во еден извештај на журналот Pediatrics (Педијатрија), „при што програмите за деца се најнасилни.“ Исто така, извештајот открил дека „секоја година, тинејџерите гледаат речиси 15.000 сексуални инсинуации, двосмислености и шеги“. Дури и во ударното време на телевизија, стоело таму, „се прикажуваат по повеќе од 8 сексуални сцени на час, повеќе од четирипати во споредба со 1976“. Не е за изненадување ни тоа што студијата открила дека „вулгарниот јазик е исто така во драматичен пораст“. Сепак, Библијата и многуте научни студии предупредуваат дека редовното гледање таков материјал ги менува луѓето на полошо. Затоа, ако навистина сакаш да му угодиш на Бог и да си помогнеш, внимавај на Пословици 4:23, каде што се вели: „Чувај го своето срце, зашто животот извира од него“ (Исаија 48:17).
Многу популарната музика исто така ја расипува совеста. Еден пејач, чии песни се искачиле на врвот на топ-листите во повеќе западни земји, вложува „посебни напори да шокира“, предупредува еден извештај во австралискиот весник The Sunday Mail. Статијата вели дека „неговите песни ги величаат дрогата, инцестот и силувањето“ и дека тој „пее за тоа како ја убива својата сопруга и нејзиното тело го фрла во некое езеро“. Другите спомнати текстови се премногу одвратни за да бидат повторени овде. Сепак, неговата музика му донела престижна награда. Дали би сакал да посееш во својот ум и срце такви гадни мисли, како овие што беа спомнати погоре, дури и ако се зашеќерени со музика? Се надеваме не, зашто оние што постапуваат на таков начин ја загадуваат својата совест и на крајот си создаваат „злобно срце“, што ги прави непријатели на Бог (Евреите 3:12; Матеј 12:33-35).
Затоа, биди мудар во изборот на забава. Библијата нѐ поттикнува: „Сѐ што е вистинито, сѐ што заслужува сериозно внимание, сѐ што е праведно, сѐ што е чесно, сѐ што е вредно за сакање, за кое добро се зборува, секоја доблест што постои и сѐ што е вредно за фалба, за тоа размислувајте и понатаму“ (Филипјаните 4:8).
Друштвата влијаат врз твојата совест
Како деца, Нил и Франц уживале здраво друштво со искрени христијани.a Но, со текот на времето, рекол Нил, „почнав да излегувам во друштво со погрешни луѓе“. Крајниот резултат, на негово жалење, бил криминал и затвор. Слична е и приказната на Франц. „Мислев дека можам да успеам да бидам со младите од светот без да влијаат врз мене“, жалел тој. „Но, како што се вели во Галатите 6:7, ‚со Бог нема подигрување. Зашто, што човек сее, тоа и ќе пожнее‘. На тежок начин открив дека сум во заблуда а дека Јехова е во право. Заради грешката што ја направив, се соочив со казна доживотен затвор.“
Луѓето како Нил и Франц обично не се свртуваат кон криминал прекуноќ; во почетокот, тие би се згрозиле од таквата помисла. Лизгањето има тенденција да се одвива во фази, при што првата фаза честопати се лошите друштва (1. Коринќаните 15:33). Потоа може да следи злоупотребата на дрога или на алкохол. Совеста, всушност, е пригодно опишана како оној „дел од личноста што е растворлив во алкохол“. Оттаму е потребен само мал чекор до криминал или неморал.
Тогаш, зошто да го преземаш тој прв чекор? Наместо тоа, дружи се со мудри луѓе што навистина го љубат Бог. Тие ќе ти помогнат да ја зајакнеш својата совест за правилно да те води и да те поштеди од многу болки (Пословици 13:20). Иако сѐ уште се в затвор, Нил и Франц сега ја гледаат совеста како божествен дар кој треба правилно да се школува и, да, да се цени. Освен тоа, тие напорно работат на тоа да изградат добар однос со својот Бог, Јехова. Биди мудар и учи од нивните грешки (Пословици 22:3).
Грижи се за својата совест
Ние покажуваме дека сакаме да се грижиме за нашата совест кога градиме љубов и вера во Бог, како и здрав страв од него (Пословици 8:13; 1. Јованово 5:3). Библијата открива дека на совест што ги нема овие влијанија честопати ѝ недостига морална стабилност. На пример, во Псалм 14:1 се зборува за оние што во своите срца велат: „Нема Бог!“ Како влијае врз нивното однесување ваквиот недостиг на вера? Стихот продолжува: „Се расипаа; нивните дела се гнасни“.
Луѓето што немаат вистинска вера во Бог немаат ни цврста надеж за подобра иднина. Затоа се склони да живеат за денешнината, задоволувајќи ги своите телесни желби. Нивната филозофија е: „Да јадеме и пиеме, зашто утре ќе умреме“ (1. Коринќаните 15:32). Од друга страна, пак, оние чии очи се вперени во наградата вечен живот не застрануваат по краткотрајните задоволства на светот. Како еден прецизен навигационен компјутер, нивната школувана совест ги држи право на патот на лојална послушност на Бог (Филипјаните 3:8).
За твојата совест да ја задржи својата моќ и острина, потребно ѝ е редовно водство од Божјата реч. Библијата ни кажува дека тоа водство е достапно кога, на сликовит јазик, вели: „И твоите уши ќе чујат слово како зборува зад тебе: ‚Тоа е патот, одете по него‘, било да тргнувате надесно или налево“ (Исаија 30:21). Затоа, одвој време за секојдневно читање на Библијата. Тоа ќе те зајакне и ќе те охрабри кога се бориш да го правиш она што е исправно или кога над тебе се надвиснати облаци на немир и тегобна грижа. Биди уверен дека Јехова ќе те води морално и духовно ако целата своја доверба ја положиш во него. Да, имитирај го псалмистот, кој напишал: „Господ ми е секогаш пред очите; бидејќи ми е од десната страна, нема да се сопнам“ (Псалм 16:8; 55:22).
[Фуснота]
a Имињата се изменети.
[Слики на страница 5]
Лажната религија, опишана во Библијата како „Големиот Вавилон“, е одговорна за тоа што совеста на многумина затапела
[Извор на слика]
Свештеник благословува војски: фотографија на U.S. Army
[Слики на страница 6]
Гледањето насилство и неморал ќе ја оштети твојата совест
[Слика на страница 7]
Редовното водство од Божјата реч ќе ја зачува твојата совест