„Дојдете кај мене . . . и јас ќе ве освежам“
‚Проповедањето на Речта‘ донесува освежување
ТОЈ бил совршен човек што се наоѓал на една важна мисија. Неговите методи на поука биле толку делотворни што ‚мноштвата биле вчудовидени од неговиот начин на поучување‘ (Матеј 7:28). Исто така, бил неуморен проповедник. Неговото време, енергија и средства биле насочени првенствено кон проповедањето на Божјето Царство. Навистина, Исус Христос патувал низ целата своја татковина како неспоредлив проповедник и учител (Матеј 9:35).
Исусовата итна мисија била да им ја проповеда „добрата вест за царството“ на своите современици и да ги подготви своите ученици да го вршат истото дело во глобални рамки (Матеј 4:23; 24:14; 28:19, 20). Дали тежината на нивниот проповеднички налог и неговата итност, како и големината на таа активност ќе ги скрши неговите следбеници, кои биле несовршени и со ограничувања?
Апсолутно не! Откако ги поучил своите ученици да му се молат на „Господарот на жетвата“, Јехова Бог, за повеќе работници, Исус ги испратил да го школуваат народот (Матеј 9:38; 10:1). Потоа им дал гаранција дека одговорноста да се биде негов следбеник — вклучувајќи го и налогот да се проповеда — ќе донесе вистинско олеснување и утеха. Исус рекол: „Дојдете кај мене . . . и јас ќе ве освежам“ (Матеј 11:28).
Извор на радост
Колку само сочувствителна, полна со љубов и љубезна е таа покана! Таа е израз на Исусовата чувствителна грижа кон неговите следбеници. Неговите ученици наоѓаат освежување во исполнувањето на својата одговорност да ја проповедаат „добрата вест“ за Божјето Царство. Ова им донесува вистинска радост и задоволство (Јован 4:36).
Долго пред Исус да дојде на Земјата, Писмото нагласувало дека радоста мора да биде обележје на светата служба на Бог. Ова станало јасно кога псалмистот пеел: „Воскликнувај Му [Извикувај во триумф, NW] на Господа, цела земјо! Служете Му на Господа со веселба! Дојдете пред Неговото лице со радосни извикувања!“ (Псалм 100:1, 2). Денес луѓето од сите нации му воскликнуваат на Јехова, и нивните изрази на фалба се како триумфален извик на победничка војска. Оние што му се навистина предадени на Бог доаѓаат во неговото присуство „со радосни извикувања“. И тоа навистина одговара, зашто Јехова е „среќниот Бог“, кој сака неговите слуги да најдат радост во исполнувањето на своето предание на него (1. Тимотеј 1:11).
Освежени министри
Како е можно напорната работа во службата на теренот да не нѐ уморува туку навистина да нѐ освежува? Па, вршењето на Јеховиното дело било како храна која му ја обновувала енергијата на Исус. Тој рекол: „Мојата храна е да ја вршам волјата на оној кој ме испрати и да го завршам неговото дело“ (Јован 4:34).
На сличен начин, ревносните христијански проповедници денес наоѓаат радост додека ‚ја проповедаат речта‘ (2. Тимотеј 4:2). Кони, средовечна христијанка, која во делото на проповедање поминува по повеќе од 70 часа месечно, вели: „Откако ќе одам во служба, имам чувство на задоволство и на благосостојба, дури и ако на крајот од денот сум уморна“.
Што ако пораката за Царството не наиде на поволен одѕив? Кони продолжува: „Без оглед на реакцијата, никогаш не се случило да зажалам што сум учествувала во службата. Освен што знам дека го правам она што му е угодно на Јехова, мене ми е задоволство да зборувам за вистината бидејќи, додека го правам тоа, прекрасната надеж од Библијата се зајакнува во моето срце“.
Други увидуваат дека самото тоа што им помагаат на луѓето да стекнат точно спознание за Бог им дава смисла во животот. Мелани, млада жена која редовно поминува по повеќе од 50 часа месечно во делото на проповедање, забележува: „Службата ме освежува бидејќи ми дава правец и смисла во животот. Личните проблеми и секојдневните стресови избледуваат кога учествувам во службата“.
Милсент, еден друг ревносен министер на Јеховините сведоци, коментира: „Службата го прави вреден секој ден што го поминувам разговарајќи со другите за Божјата намера за човештвото и објаснувајќи како ќе биде обновен Рајот на Земјата. Таа секој ден го прави Јехова реален за мене и ми дава мир и извесна мера внатрешна среќа што не може да се постигне на ниеден друг начин“.
Освежени приматели
Христијанската служба сигурно ги освежува проповедниците на Царството, а ги утешува оние што ја прифаќаат животодајната порака. Иако била школувана од калуѓерки и свештеници, една наставничка од Португалија сметала дека нејзината црква не ѝ ги задоволува духовните потреби. Нејзините библиски прашања останале без одговор. Редовната библиска студија со една жена Јеховин сведок ѝ помогнала постепено да стекнува сѐ појасен увид. Наставничката била возбудена. „Желно ја очекував мојата студија секоја среда“, рекла таа, „додека моите прашања едно по едно беа одговарани со уверливи библиски докази.“ Денес оваа жена е предаден Јеховин слуга, и самата ги освежува другите со библиската вистина.
Значи, јасно е дека Јеховините сведоци не се совладани од сериозноста на нивниот проповеднички налог или од големината на нивното глобално подрачје. Ниту апатијата ниту противењето не го задушуваат нивниот дух. Тие енергично се посветуваат на тоа да го исполнат својот налог — да го проповедаат Царството. Ја споделуваат добрата вест со луѓето секаде каде што можат да ги најдат — на станица за камиони во Соединетите Држави (1), на аеродром во Кореја (2), на Андите (3), или на еден пазар во Лондон (4). Исусовите денешни следбеници радосно го извршуваат своето наградувачко дело низ целиот свет. И верно на неговото ветување, тој ги освежува и ги користи за да освежува уште многу други (Откровение 22:17).