Крштавањето на Кловис — 1.500 години католицизам во Франција
„ВО ИМЕТО на папата, бум“, гласела пораката што стоела до една импровизирана бомба, откриена во една француска црква која папата Јован Павле II требаше да ја посети во септември 1996. Ова било екстремен пример на отпор кој ја карактеризирал неговата петта посета на Франција. Сепак, таа година околу 200.000 луѓе дошле во францускиот град Ремс за да ја комеморираат со папата 1.500-та годишнина од преобраќањето на франкскиот крал Кловис во католицизмот. Кој бил овој крал чие крштавање било наречено крштавање на Франција? И зошто комеморацијата на тоа крштавање предизвикала толкава полемика?
Империја што пропаѓа
Кловис бил роден околу 466 н.е., како син на Хлодио I, крал на салиските Франци. Откако било подјармено од Римјаните, во 358 н.е., на ова германско племе му било дозволено да се насели во денешна Белгија под услов да ја брани границата и да дава војници за римската армија. Блискиот контакт со локалното гало-римско население што произлегол од тоа, имал за последица постепена римјанизација на овие Франци. Хлодио I бил сојузник на Римјаните, кој се борел против упадите на другите германски племиња, како што биле Визиготите и Саксонците. Со тоа ја придобил благодарноста на гало-римското население.
Римската провинција Галија се протегала од реката Рајна, на север, до Пиринеите на југ. Меѓутоа, по смртта на римскиот генерал Аециј во 454 н.е., во земјата настанал владејачки вакуум. Освен тоа, падот на Ромул Августул, последниот император во Рим, во 476 н.е., и пропаѓањето на западниот дел на Римската Империја донеле голема политичка нестабилност во регионот. Како последица од тоа, Галија била како зрела смоква што чекала да биде скината од некое од племињата населени на просторот во нејзините граници. Воопшто не изненадува тоа што откако го наследил својот татко, Кловис почнал да настојува да ги прошири границите на своето кралство. Во 486 н.е., тој го поразил последниот претставник на Рим во Галија, во една битка во близина на градот Соасон. Оваа победа му донела контрола над целото подрачје меѓу реката Сома, на север, и реката Лоара, во централна и западна Галија.
Човекот што ќе биде крал
За разлика од другите германски племиња, Франците останале пагани. Но, бракот на Кловис со бургундиската принцеза Клотилда извршил длабоко влијание врз неговиот живот. Како ревносна католичка, Клотилда неуморно настојувала нејзиниот сопруг да се преобрати. Според историјата што во шестиот век н.е. ја запишал Григориј од Тур, во 496 н.е. во битката кај Толбијак (Цулпик, Германија) против племето Алемани, Кловис ветил дека ќе го напушти паганството ако Богот на Клотилда му даде победа. Иако трупите на Кловис биле на работ на поразот, алеманскиот крал бил убиен и неговата војска се предала. Што се однесува до Кловис, победата му ја дал Богот на Клотилда. Според традицијата, Кловис бил крстен од „свети“ Реми во катедралата во Ремс, на 25 декември 496 н.е. Меѓутоа, некои веруваат дека поверојатен е еден подоцнежен датум — 498/499 н.е.
Обидите на Кловис да го освои бургундиското кралство на југоисток пропаднале. Но, неговата кампања против Визиготите била крунисана со успех кога, во 507 н.е., ги поразил кај Вуј, во близина на Поатје, победа со која стекнал контрола над поголемиот дел од југозападна Галија. Како признание за оваа победа, императорот на Источната Римска Империја, Анастазиј, му дал на Кловис почесно конзулство. На тој начин добил статус над сите други западни кралеви, а неговото владетелство било озаконето во очите на гало-римското население.
Откако ја довел под своја доминација територијата на рајнските Франци на исток, Кловис го направил Париз своја престолнина. Во последните години од животот, го зајакнал своето кралство со тоа што му дал пишан законски зборник, Салиски закон, и со тоа што свикал црковен концил во Орлеан за да ги дефинира односите меѓу црквата и државата. При смртта, веројатно на 27 ноември 511 н.е., тој бил единствениот владетел на три четвртини од Галија.
Преобраќањето на Кловис во католичката вера, The New Encyclopædia Britannica го нарекува „пресуден момент во историјата на западна Европа“. Зошто било толку важно преобраќањето на овој пагански крал? Важноста лежи во фактот што Кловис го избрал католицизмот наместо аријанизмот.
Аријанска полемика
Околу 320 н.е., Ариј, свештеник од Александрија (Египет), почнал да шири радикални идеи во врска со тројството. Ариј негирал дека Синот ја имал истата суштина, т.е. срж како и Таткото. Синот не можел да биде Бог или еднаков на Таткото, со оглед на тоа што имал почеток (Колошаните 1:15). А што се однесува до светиот дух, Ариј верувал дека тој бил личност, но инфериорна во однос на Таткото и на Синот. Ова учење, кое се здобило со широка популарност, покренало жестоко противење во кругот на црквата. Во 325 н.е., на концилот во Никеја Ариј бил протеран а неговите учења осудени.a
Меѓутоа, ова не било крај на полемиката. Доктринарната криза продолжила околу 60 години, при што наредните кралеви застанувале на едната или на другата страна. На крајот, во 392 н.е., императорот Теодосиј I го направил ортодоксниот католицизам, со неговата доктрина за тројството, државна религија на Римската Империја. Во меѓувреме Улфила, еден германски бискуп, ги преобратил Готите во аријанизмот. Другите германски племиња брзо го усвоиле овој облик на „христијанство“.b
До времето на Кловис, Католичката црква во Галија била во криза. Аријанските Визиготи се обидувале да го задушат католицизмот со тоа што не дозволувале бискупите што умирале да бидат заменети. Освен тоа, црквата се нашла во големи борби на два папски раскола, при што свештеници од спротивставените фракции во Рим меѓусебно се убивале. Додавајќи на ваквата конфузија, некои католички писатели ја застапувале идејата дека 500 година н.е. ќе го означи крајот на светот. Затоа преобраќањето на франкскиот освојувач во католицизмот било сметано за поволен настан, кој го навестувал „новиот милениум на светците“.
Но, какви биле мотивите на Кловис? Иако не можат да се исклучат религиозните мотиви, тој секако имал на ум политички цели. Со тоа што го избрал католицизмот, Кловис ја стекнал наклоноста кај претежно католичкото гало-римско население и поддршката од влијателната црковна хиерархија. Ова му дало дефинитивна предност над неговите политички ривали. The New Encyclopædia Britannica забележува дека „неговата победа над Галија станала војна за ослободување од јаремот на омразените аријански еретици“.
Кој бил вистинскиот Кловис?
Во подготвителниот период пред комеморацијата во 1996, надбискупот од Ремс, Жерар Дефуа, го опишал Кловис како „симбол на добро промислено и одговорно преобраќање“. Меѓутоа, францускиот историчар Ернест Лавис коментирал: „Преобраќањето на Кловис во никој случај не го сменило неговиот карактер; љубезниот и мирољубивиот морал на евангелието не допрел до неговото срце“. Еден друг историчар изјавил: „Наместо Один [норвешки бог], тој го повикувал Христос и останал истиот“. Слично на однесувањето на Константин по неговото таканаречено преобраќање во христијанството, Кловис почнал да го зацврстува своето владетелство со тоа што систематски ги испоубил сите ривали на престолот. Ги истребил „сите свои роднини дури до шестото колено“.
По смртта на Кловис започнал еден процес на правење мит кој од суров воин го претворил во уважен светец. Извештајот на Григориј од Тур, напишан речиси еден век подоцна, се смета за совесен обид да се идентификува Кловис со Константин, првиот римски император што го прифатил „христијанството“. А со тоа што тврдел дека при крштавањето Кловис имал 30 години, изгледа Григориј се обидувал да направи споредба со Христос (Лука 3:23).
Овој процес во деветтиот век го продолжил Анкмар, бискуп од Ремс. Во времето кога катедралите се натпреварувале за пилгрими, биографијата што тој ја напишал за својот претходник, „светецот“ Реми, веројатно била со намера да го зголеми угледот на неговата црква и да ја збогати. Според неговиот извештај, еден бел гулаб донел шишенце со масло за да го помаже Кловис при неговото крштавање — што јасно укажува на Исусовото помазување со светиот дух (Матеј 3:16). На тој начин Анкмар воспоставил алка меѓу Кловис, Ремс и монархијата, и ѝ дал веродостојност на идејата дека Кловис бил помазаник на Господ.c
Полемична комеморација
Поранешниот француски претседател Шарл Де Гол еднаш рекол: „За мене, историјата на Франција почнува со Кловис, избран како крал на Франција од племето Франци, кои ѝ го дале своето име на Франција“. Меѓутоа, сите не ги гледаат така работите. Комеморацијата на 1.500-та годишнина од крштавањето на Кловис била полемична. Во нација каде што црквата и државата од 1905 се службено одвоени, многумина го критикувале учеството на државата во она што го сметале за религиозна комеморација. Кога градското собрание на Ремс ги објавило плановите да плати за подиумот што ќе се користи при посетата на папата, едно здружение предизвикало одлуката на суд да биде поништена како неуставна. Други сметале дека црквата се обидува повторно да го наметне својот морален и световен авторитет над Франција. Комеморацијата понатаму била усложнета од тоа што Кловис бил употребен како симбол на десничарскиот Национален фронт и на фундаменталистичките католички групи.
Други ја критикувале комеморацијата од историска гледна точка. Крштавањето на Кловис, рекле тие, не ја преобратило Франција во католицизмот, бидејќи оваа религија веќе била цврсто вкоренета кај гало-римското население. Исто така, тие тврделе дека ниту неговото крштавање не го означува раѓањето на Франција како нација. Сметале дека би било поисправно раѓањето да се смести во времето на поделбата на кралството на Карло Велики во 843 н.е., според која прв крал на Франција е Шарл Ќелавиот, а не Кловис.
1.500 години католицизам
Како поминува католицизмот во Франција денес, по повеќе од 1.500 години, како „најстарата ќерка на црквата“? До 1938 Франција имаше најголем број крстени католици на светот. Сега се наоѓа на шестото место, по земји како што се Филипините и Соединетите Држави. И, иако во Франција има 45 милиони католици, само 6 милиони одат редовно на миса. Една неодамнешна анкета спроведена меѓу француските католици откри дека 65 проценти „го игнорираат црковното учење во однос на сексот“, а за 5 проценти од нив „Исус не значи ништо“. Таквите негативни трендови го поттикнале папата при својата посета на Франција во 1980 да праша: „Францијо, што стори со ветувањата при твоето крштавање?“
[Фусноти]
a Види го англиското издание на Стражарска кула од 1 август 1984, страница 24.
c Името Луј е изведено од Кловис, по кого биле именувани 19 франкски кралеви (вклучувајќи ги и Луј XVII и Луј-Филип).
[Карта на страница 27]
(Види во публикацијата)
САКСОНЦИ
Рајна
Сома
Соасон
Ремс
Париз
ГАЛИ
Лоара
Вуј
Поатје
ПИРИНЕИ
ВИЗИГОТИ
Рим
[Слика на страница 26]
Крштавањето на Кловис, прикажано на еден манускрипт од 14 век
[Извор на слика]
© Clichè Bibliothèque nationale de France, Paris
[Слика на страница 28]
Скулптура на крштавањето на Кловис (централен лик) на надворешниот дел од катедралата Ремс (Франција)
[Слика на страница 29]
Посетата од Јован Павле II на Франција за да се комеморира крштавањето на Кловис предизвика полемика