Како може да те заштити способноста за размислување?
ВИСОКИТЕ бранови се величествена глетка, но за морнарите значат опасност. Таквите разбранувани води може да ги чинат живот.
На сличен начин, Божјите слуги може да се соочат со сѐ поголеми притисоци што се закануваат да ги совладаат. Можеби си видел дека низа бранови од испити и искушенија ги заплискуваат христијаните. Сигурно сакаш одлучно да им се спротивставиш, да бидеш решен да избегнеш духовен бродолом (1. Тимотеј 1:19). Способноста за размислување е важен дел од твојата одбрана. Што е таа, и како се стекнува?
Хебрејскиот збор преведен со „способност за размислување“, мезимах, доаѓа од коренскиот збор што значи „планира или кове планови“ (Пословици 1:4). Затоа некои верзии на Библијата го преведуваат мезимах со „промисленост“ или „далековидост“. Библиските изучувачи Џејмисон, Фосет и Браун го опишуваат мезимах како „претпазливост со која може да се избегне зло и да се најде добро“. Ова значи да се земат предвид долготрајните како и моменталните последици од нашите постапки. Ако имаме способност за размислување, внимателно ќе ги разгледаме нашите опции пред да дејствуваме, особено кога мораме да донесеме важни одлуки.
Кога еден човек со способност за размислување донесува одлуки во врска со иднината или со ситуации во кои се наоѓа моментално, прво ги анализира можните ризици и стапици. Откако ќе ги препознае можните опасности, решава како може да ги избегне, земајќи го предвид и влијанието на неговата средина и друштвото. На тој начин може да испланира правец што ќе води до добар исход, па дури можеби и до Божји благослови. Да разгледаме некои практични примери што го илустрираат овој процес.
Избегнувај ја замката на сексуалниот неморал
Кога ветрот ги носи моќните бранови накај клунот на бродот, состојбата се опишува како челни бранови. Доколку не направат маневар за бродот да ги дочека брановите со клунот, морнарите ризикуваат бродот да се преврти.
И ние се соочуваме со слична ситуација зашто живееме во свет што е опседнат со секс. Бранови на телесни идеи и слики секојдневно нѐ заплискуваат. Не можеме да го игнорираме ефектот што можат да го имаат врз нашите нормални сексуални желби. Наместо едноставно да впловиме во опасните ситуации, мораме да ја користиме способноста за размислување и одлучно да се спротивставиме на искушението.
Христијанските мажи, на пример, честопати работат со луѓе што имаат малку почит кон жените, сметајќи ги само како сексуални објекти. Колегите на работа може во своите разговори одвреме навреме да дофрлуваат непристојни шеги и да алудираат на секс. На крај, таквата атмосфера може да всади неморални мисли во умот на еден христијанин.
Можеби и една христијанка ќе треба да биде вработена и заради тоа може да доживее тешкотии. Можеби ќе работи со мажи и жени што не ги делат нејзините морални мерила. Можеби некој од нејзините колеги се интересира за неа. Отпрвин, можеби ќе покажува обѕир кон неа, дури и ќе ја почитува поради нејзините религиозни гледишта. Неговото упорно внимание и близината може да ја поттикнат таа да посака поблиско да се дружи со него.
Како на христијани, како може способноста за размислување да ни помогне во такви случаи? Прво, може да нѐ направи свесни за духовните опасности, и второ, може да нѐ мотивира да испланираме исправен правец (Пословици 3:21—23). Во такви случаи, можеби на соработниците ќе треба да им се даде јасна порака дека поради нашите библиски верувања нашите мерила се поинакви (1. Коринќаните 6:18). Нашиот говор и однесување можат да ја поткрепат таа порака. Освен тоа, можеби ќе треба да ги ограничиме контактите со некои колеги.
Меѓутоа, неморалните притисоци не се ограничени само на работното место. Може да се појават и ако некој брачен пар дозволи проблемите да го поткопаат нивното единство. Еден патувачки министер забележал: „Еден брак не се распаѓа тукутака. Парот може постепено да се оддалечи така што ретко разговара или ретко минува време заедно. Можеби се стремат кон материјални поседи за да ја пополнат празнината во својот брак. А затоа што ретко си даваат комплименти, може да се почувствуваат привлечени кон некој друг од спротивниот пол“.
Овој искусен министер продолжил: „Брачните другари треба редовно да седнат да разгледаат дали нешто ѝ наштетува на нивната врска. Треба да планираат како можат да проучуваат, да се молат и да проповедаат заедно. Ќе извлечат значителна корист од тоа што ќе разговараат ‚во својата куќа и кога одат патем; кога легнуваат и кога стануваат‘, исто како што прават родителите и децата“ (Второзаконие 6:7—9).
Да се излезе на крај со нехристијанското однесување
Освен што ни помага успешно да се соочиме со моралните искушенија, способноста за размислување може да ни помогне да излеземе на крај и со проблемите со сохристијаните. Кога ветрот ги носи брановите накај крмата на бродот, тогаш се создаваат грбни бранови. Брановите можат да ја подигнат крмата и да ја завлечат настрана. Ова го свртува бродот со страната кон брановите и така го прави ранлив.
И ние можеме да станеме подложни на опасност што доаѓа од неочекуван правец. Ние му служиме на Јехова „рамо до рамо“ заедно со многу наши верни христијански браќа и сестри (Софонија 3:9, NW). Ако еден од нив постапува на нехристијански начин, тоа може да изгледа како изневерување на довербата и може да ни донесе длабок немир. Како може способноста за размислување да спречи да бидеме исфрлени од рамнотежа и да бидеме премногу повредени?
Сети се дека „нема човек кој не греши“ (1. Цареви 8:46). Затоа, не треба да нѐ изненади што некогаш некој христијански брат можеби ќе нѐ изнервира или ќе нѐ навреди. Знаејќи го ова, можеме да се подготвиме за таквата можност и да медитираме за тоа како треба да реагираме. Како реагирал апостол Павле кога некои од неговите христијански браќа зборувале за него на навредлив начин полн со презир? Наместо да ја изгуби својата духовна рамнотежа, заклучил дека е поважно да добие одобрување од Јехова отколку од човек (2. Коринќаните 10:10—18). Таквиот став ќе ни помогне да избегнуваме избрзано да реагираме кога некој ќе не испровоцира.
Тоа е како силно да си го удриш прстот на ногата. Кога тоа ќе се случи можеби минута или две не размислуваме баш јасно. Но, откако болката ќе попушти, можеме да размислуваме и да постапуваме нормално. На сличен начин, не треба веднаш да реагираме на некоја нељубезна забелешка или постапка. Наместо тоа, застани и размисли какви ќе бидат последиците ако возвратиш непромислено.
Малком, кој со години е мисионер, објаснува што прави кога е навреден. „Прв чекор ми е да поминам еден список со прашања: Дали сум му лут на овој брат поради судир на карактери? Дали она што тој го кажа е навистина важно? Дали ефектот што маларијата го има врз моите нерви ми ги влошува чувствата? Дали после неколку часа ќе гледам поинаку на работите?“ Честопати, како што увидел Малком, несогласувањето е неважно и може да се помине преку него.a
Малком додава: „Понекогаш, и покрај сите мои напори да ја расчистам ситуацијата, ставот на братот останува непријателски. Се трудам да не дозволам тоа да ме вознемири. Кога ќе направам сѐ што може да се направи, гледам поинаку на работата. Во умот го ставам проблемот како ‚неразрешено досие‘, наместо како лично досие. Нема да дозволам духовно да ме повлече надолу или да влијае врз мојот однос со Јехова и со браќата“.
Како Малком, и ние не треба да дозволиме лошото постапување на некој поединец претерано да нѐ вознемири. Во секое собрание има многу прекрасни, верни браќа и сестри. Задоволство е да се чекори по христијанскиот пат „рамо до рамо“ со нив (Филипјаните 1:27). Тоа што ќе ја задржиме во мислите љубезната поддршка од нашиот небесен Татко, исто така ќе ни помогне исправно да ја процениме важноста на работите (Псалм 23:1—3; Пословици 5:1, 2; 8:12).
Да не ги љубиме работите во светот
Способноста за размислување може да ни помогне да се соочиме со уште еден подмолен притисок. Кога ветрот ги носи брановите накај трупот на бродот, односно странично, тоа е познато како бочни бранови. Во нормални услови, таквите бранови можат полека да го истуркаат бродот од неговиот правец. Меѓутоа, за време на бура, бочните бранови можат да го превртат бродот.
На сличен начин, ако подлегнеме на притисокот да уживаме во сето она што овој злобен свет има да ни го понуди, материјалистичкиот начин на живот може духовно да нѐ исфрли од нашиот правец (2. Тимотеј 4:10). Ако ја оставиме необуздана, љубовта кон светот на крај може да нѐ наведе потполно да го напуштиме нашиот христијански начин на живот (1. Јованово 2:15). Како може способноста за размислување да ни дојде на помош?
Прво, ќе ни помогне да направиме точна проценка на тоа какви опасности стојат пред нас. Светот го користи секој можен трговски трик за да нѐ намами. Тој постојано рекламира животен стил кон кој наводно секој треба да се стреми — нападниот животен стил на богатите, привлечните и „успешните“ (1. Јованово 2:16). Ни се ветува восхит и одобрување од сите, особено од врсниците и од блиските. Способноста за размислување ќе ни помогне да се спротивставиме на таквата пропаганда, потсетувајќи нѐ на тоа колку е важно ‚да бидеме ослободени од љубовта кон парите‘ зашто Јехова ветил дека ‚никако нема да нѐ остави‘ (Евреите 13:5).
Второ, способноста за размислување ќе нѐ спречи да ги следиме оние што ‚отстапиле од вистината‘ (2. Тимотеј 2:18). Многу е тешко да им противречиме на оние што сме ги сакале и во кои сме имале доверба (1. Коринќаните 15:12, 32—34). Дури и ако само минимално влијаат врз нас оние што го напуштиле христијанскиот начин на живот, тоа може да го спречи нашиот духовен напредок и на крај да нѐ доведе во опасност. Може да бидеме како брод што само за еден степен забегнува од својот исправен правец. По долго патување, тој може да го промаши своето одредиште за огромно растојание (Евреите 3:12).
Способноста за размислување може да ни помогне да одредиме каде сме и каде одиме во духовна смисла. Можеби ја увидуваме потребата да имаме поцелосен удел во христијанските активности (Евреите 6:11, 12). Забележи како еден млад Сведок ја искористил својата способност за размислување за да му помогне да се стреми кон духовни цели: „Имав можност да градам кариера во новинарството. Тоа навистина ме привлекуваше, но се сетив на стихот од Библијата кој вели дека ‚светот поминува‘, додека ‚оној кој ја врши Божјата волја останува засекогаш‘ (1. Јованово 2:17). Заклучив дека она што ќе го правам во животот треба да ги одразува моите верувања. Моите родители ја напуштија христијанската вера, а јас не сакав да го следам нивниот пример. Затоа решив да живеам смисловен живот и стапив во полновремена служба како општ пионер. После четири задоволувачки години, сигурен сум дека го направив вистинскиот избор“.
Успешно да се соочиме со духовните бури
Зошто денес е итно да ја вежбаме способноста за размислување? Морнарите мораат да бидат будни на знаците за опасност, особено кога се спремаат бури. Ако температурата падне, а ветрот се засили, тие ги прицврстуваат со летви отворите на трупот и се подготвуваат за најлошото. На сличен начин, додека овој зол систем се приближува кон својот крај и ние мораме да се подготвуваме да се соочиме со жестоки притисоци. Моралната структура на општеството се распаѓа, а ‚злите луѓе напредуваат од лошо на полошо‘ (2. Тимотеј 3:13). Како што морнарите редовно ги слушаат временските прогнози, и ние мораме да обрнеме внимание на пророчките предупредувања од Божјата инспирирана реч (Псалм 19:7—11).
Кога ја користиме способноста за размислување, го применуваме спознанието што води до вечен живот (Јован 17:3). Можеме да ги предвидиме проблемите и да одлучиме како да ги надминеме. На тој начин, ќе бидеме решени да не бидеме оттргнати од христијанскиот начин на живот, и ќе можеме да си положиме „добар темел за иднината“ така што ќе си поставиме и ќе се стремиме кон духовни цели (1. Тимотеј 6:19).
Ако ги чуваме практичната мудрост и способноста за размислување, не треба да ‚се боиме од ненадеен страв‘ (Пословици 3:21, 25, 26). Напротив, можеме да најдеме утеха во Божјето ветување: „Кога мудроста ќе влезе во твоето срце и спознанието ќе ѝ омили на твојата душа, самата способност за размислување ќе чува стража над тебе“ (Пословици 2:10, 11, NW).
[Фуснота]
a Во склад со советот од Матеј 5:23, 24, христијаните треба да се трудат да творат мир. Ако проблемот вклучува сериозен грев, треба да се обидат да го придобијат својот брат, како што е изложено во Матеј 18:15—17. Види ја Стражарска кула од 15 октомври 1999, страници 17—22.
[Слика на страница 23]
Редовната комуникација го изградува бракот