Дали злото победило?
НИЗ историјата, идејата за универзална борба помеѓу доброто и злото предизвикала бескрајни шпекулации од писателите и филозофите. Меѓутоа, има една книга која ја содржи точната историја за битката помеѓу Бог и Ѓаволот. Таа книга е Библијата. Библијата фрла светлина врз спорните прашања што се вклучени во овој судир и ни помага да одредиме кој навистина победил.
Набрзо по создавањето на првиот човек и на првата жена, едно невидливо духовно суштество, Сатана Ѓаволот, упатило предизвик на Божјето владеење. Како? Така што подмолно ги навело да мислат дека Бог им ги ускратува добрите работи на своите творештва и дека на луѓето би им било подобро ако се независни од него (Битие 3:1—5; Откровение 12:9).
Подоцна, во времето на патријархот Јов, Сатана покренал уште едно спорно прашање. Обидувајќи се да го скрши интегритетот на Јов кон Бог, Сатана рекол: „Кожа за кожа, а за животот свој човек ќе даде и сѐ што има“ (Јов 2:4, ПСП). Тоа било едно многу општо тврдење! Со тоа што наместо името Јов го употребил општиот израз „човек“, Сатана го довел во прашање интегритетот на секој човек. Тој, всушност, тврдел: ‚Човек ќе направи сѐ за да си го спаси животот. Само дајте ми прилика и секого можам да го одвратам од Бог‘.
Чија е победата во битката помеѓу Бог и Сатана, може да се одреди кога ќе се одговорат две прашања: Дали луѓето можат успешно да владеат еден над друг? Дали Ѓаволот успеал да ги одврати сите луѓе од вистинскиот Бог?
Можат ли луѓето успешно да владеат еден над друг?
Веќе илјадници години луѓето експериментирале со различни видови владеење. Низ историјата човекот пробал различни облици на влади како што се монархија, аристократија, демократија, автократија, фашизам и комунизам. Зарем самиот овој факт, постојаната потреба од експериментирање, не покажува дека овие различни начини на управување не се успешни?
„Римскиот народ речиси несвесно се нашол вклучен во еден огромен административен експеримент“, пишува Х. Џ. Велс во книгата A History of the World (Историја на светот), издадена во 1922. Тој продолжува: „Постојано се менувал, никогаш не постигнал стабилност. Од една страна, експериментот пропаднал. Од друга, пак, експериментот останува недовршен, и Европа и Америка денес сѐ уште се обидуваат да ги решат загатките на политичката вештина во светот со кои најпрво се соочил римскиот народ“.
Експериментите во владеењето продолжија и во текот на 20 век. Тој век заврши така што демократското владеење беше прифатено повеќе од кога и да било порано. Теоретски, демократијата се труди да ги вклучи сите луѓе. Но, дали демократијата покажала дека човекот може успешно да владее без Бог? Џавахарлал Нехру, поранешен премиер на Индија, рекол дека демократијата е добра, но додал: „Ова го велам зашто другите системи се полоши“. Поранешниот француски претседател Валери Жискар д’Естен рекол: „Сведоци сме на една криза во парламентарната демократија“.
Уште во петтиот век пр.н.е., грчкиот филозоф Платон открил слабости во демократскиот начин на владеење. Според книгата A History of Political Theory (Историја на политичката теорија), тој го нападнал „незнаењето и неспособноста на политичарите, што е посебна клетва за демократијата“. Мнозина од денешните политичари се жалат дека е тешко да се најдат способни поединци што се квалификувани да служат во владата. Во еден весник било кажано дека на луѓето „им е преку глава од водачи што изгледаат толку мали во време кога проблемите со кои се соочуваат се толку големи“ (The Wall Street Journal). Понатаму стоело: „На луѓето им се гади кога, барајќи водство, наидуваат на нерешителност и корупција“.
Разгледај го сега владеењето на цар Соломон во древниот Израел. Јехова му дал на Соломон извонредна мудрост (1. Цареви 4:29—34). Како ѝ одело на израелската нација во текот на 40-годишното владеење на Соломон? „Јуда и Израел беа многубројни“, одговара Библијата, „беа како песок на морскиот брег, јадеа и пиеја и беа среќни.“ Извештајот, исто така, кажува: „Јуда и сиот Израел живееја без страв, секој под својата лоза и под својата смоква, од Дан до Вирсавеа, во текот на сиот Соломонов век“ (1. Цареви 4:20, 25). Со мудар цар што владеел над неа како видлив претставник на невидливиот Врховен Владетел, Јехова Бог, нацијата уживала ненадминлива стабилност, напредок и среќа.
Каква остра спротивност помеѓу човечкото владеење и Божјето владеење! Може ли некој искрено да каже дека Сатана победил во спорното прашање во врска со владеењето? Не, зашто пророкот Еремија точно рекол: „Знам, Господи, дека патот на човекот не е во неговата власт, дека човекот, кој што оди не може да ги управува своите чекори“ (Еремија 10:23).
Може ли Сатана да ги одврати сите луѓе од Бог?
Се покажало ли успешно тврдењето на Сатана дека може да ги одврати сите луѓе од Бог? Во 11. поглавје од писмото до Евреите, апостол Павле именува неколку верни мажи и жени од претхристијанско време. Потоа изјавува: „Ќе ми недостига време ако почнам да раскажувам за Гедеон, Варак, Самсон, Јефтај, Давид, како и за Самуел и за другите пророци“ (Евреите 11:32). Павле едноставно се осврнува на овие лојални слуги на Бог како на „голем облак со сведоци“ (Евреите 12:1). Грчкиот збор употребен овде за „облак“ не значи одделен, јасно отцртан облак со конкретна големина и облик туку огромна безлична облачна маса. Ова е соодветно зашто верните слуги на Бог во минатото биле толку многубројни што се како облачна маса. Да, низ вековите, безбројни мноштва луѓе ја користеле својата слободна волја и избрале да му изразат приврзаност на Јехова Бог (Исус Навин 24:15).
Што гледаме во нашево време? Бројот на Јеховините сведоци ширум светот порасна на преку шест милиони и покрај ужасното прогонство и противење што го доживеаја во текот на 20 век. Уште околу девет милиони се поврзани со нив и мнозина од нив преземаат решителни чекори да стапат во близок личен однос со Бог.
Конечниот одговор на тврдењето на Сатана дека тој може да ги одврати луѓето од Јехова го дал самиот Божји Син, Исус Христос. Дури ни страшната болка на маченичкиот столб не го скршила неговиот интегритет. Додека го вдишувал својот последен здив, тој извикал: „Татко, во твоите раце го доверувам својот дух“ (Лука 23:46).
Сатана користи сѐ што е во негова моќ — од искушенија до отворено прогонство — за да ги држи луѓето под своја контрола. Користејќи ги „желбата на телото и желбата на очите и нападното истакнување на [нечии] средства за живот“ за да ги искуша луѓето, тој гледа или да ги држи подалеку од Јехова или да ги наговори против него (1. Јованово 2:16). Сатана, исто така, „им ги заслепил умовите на неверниците за да не продре до нив светлината на славната добра вест за Христос“ (2. Коринќаните 4:4). И, Сатана не се двоуми да користи закани и да го искористи стравот од луѓе за да ја постигне својата цел (Дела 5:40).
Меѓутоа, оние што се на страната на Бог не се совладани од Ѓаволот. Тие го запознале Јехова Бог и ‚го љубат со сето свое срце и со сета своја душа и со сиот свој ум‘ (Матеј 22:37). Да, непоколебливата лојалност на Исус Христос и на голем број луѓе е причина за тешкиот пораз на Сатана Ѓаволот.
Што носи иднината?
Дали човечките експерименти со владите ќе продолжат во недоглед? Пророкот Даниел прорекол: „Во времето на овие цареви Небесниот Бог ќе подигне Царство кое никогаш нема да пропадне и не ќе помине врз некој друг народ. Тоа ќе ги разбие и ќе ги уништи сите оние царства, а самото ќе стои довека“ (Даниел 2:44). Царството што Небесниот Бог го подига е небесна влада во рацете на Исус Христос. Тоа е истото она Царство за кое Исус ги поучил неговите следбеници да се молат (Матеј 6:9, 10). Ова Царство ќе ги уништи сите човечки влади во „војната [што доаѓа] на големиот ден на Семоќниот Бог“, која ќе ја погоди целата земја (Откровение 16:14, 16).
Што го очекува Сатана? Библијата го опишува овој иден настан: „[Еден ангел на Јехова] го фати змејот, празмијата, кој е Ѓаволот и Сатана, и го врза на илјада години. И го фрли во бездна, која ја заклучи и ја запечати над него, за повеќе да не ги заведува нациите додека не завршат илјадата години“ (Откровение 20:1—3). Илјадагодишното владеење на Исус Христос ќе започне дури откако Сатана ќе биде фрлен во бездна на неактивност.
Колку само прекрасно место ќе биде тогаш земјата! Ќе ја нема злобата ниту оние што ја предизвикуваат. Библијата ветува: „Злосторниците ќе бидат сотрени . . . Кротките ќе ја наследат земјата, тие ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:9—11). Нивниот мир нема да биде загрозен од никаков извор — ниту човечки ниту животински (Исаија 11:6—9). Дури и милиони што низ историјата, од незнаење и затоа што немале прилика да го запознаат Јехова, застанале на страната на Ѓаволот, ќе бидат вратени во живот и ќе добијат божествено образование (Дела 24:15).
До крајот на Илјадагодишното владеење, земјата ќе биде доведена до рајски услови, а човештвото до совршенство. Тогаш Сатана ќе биде пуштен на слобода „на кратко време“, по што засекогаш ќе биде уништен заедно со сите што се противат на Божјето владеење (Откровение 20:3, 7—10).
На чија страна ќе застанеш ти?
Дваесеттиот век беше време кога Сатана направи пустош на земјата. Меѓутоа, наместо да укажуваат на тоа дека тој победил, условите на земјата го сочинуваат знакот што покажува дека сме во последните денови на овој злобен свет (Матеј 24:3—14; Откровение 6:1—8). Ниту жестината на злобата на земјата ниту гледиштето на мнозинството не претставуваат решавачки фактор за да се увиди кој победил. Решавачки фактори се кој начин на владеење е најдобар и дали некој му служел на Бог од љубов. И во двата случаи победата му припаѓа на Јехова.
Ако времето што било допуштено веќе покажало дека Сатана не е во право, зошто тогаш Бог дозволува злобата да продолжи? Јехова покажува стрпливост „бидејќи не сака никој да биде уништен, туку сака сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3:9). Божја волја е „сите видови луѓе да се спасат и да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тимотеј 2:4). Се надеваме дека ќе го искористиш времето што останува за да ја проучуваш Библијата и ‚да примаш спознание за единствениот вистински Бог, и за оној кого го испратил, Исус Христос‘ (Јован 17:3). Јеховините сведоци ќе бидат среќни да ти помогнат да го стекнеш тоа спознание за да можеш и ти да им се придружиш на милионите што стојат цврсто на победничката страна.
[Слики на страница 5]
Со тоа што го зачувуваат интегритетот, Јеховините сведоци придонесуваат за поразот на Сатана
[Слика на страница 7]
Јехова има многу лојални на своја страна