Врховниот суд го поддржува вистинското обожавање во „Араратската земја“
Еден седокос Ерменец, татко на три деца, стои пред највисокиот суд во неговата земја. Неговата слобода и слободата на многу негови соверници виси на конец. Судот слуша додека тој цитира од Библијата за да ги објасни своите верувања. За да сфатиме како ова сослушување излезе голема победа за вистинското обожавање во таа земја, да ги испитаме настаните што водеа до него.
ЕРМЕНИЈА се протега источно од Турција и јужно од големиот Кавкаски планински венец. Таа е дом на повеќе од три милиони жители. Главниот град на нацијата, Ереван, има прекрасен поглед на двата врва на планината Арарат, каде што, според традицијата, по Потопот застанала арката на Ное (Битие 8:4).a
Јеховините сведоци ја извршуваат својата христијанска активност во Ерменија од 1975. Откако во 1991 Ерменија доби независност од поранешниот Советски Сојуз, беше формиран Државен совет за верски прашања што ќе ги регистрира верските организации. Меѓутоа, овој совет секогаш одново одбиваше да ги регистрира Јеховините сведоци, главно поради прашањето за христијанска неутралност. Како резултат на тоа, од 1991 повеќе од 100 млади Сведоци во Ерменија беа осудени и, во повеќето случаи, затворени поради нивниот библиски темелен став за воената служба.
Советот, исто така, бараше од канцеларијата на државниот обвинител да поведе истрага во врска со верската активност на Лјова Маркарјан, христијански старешина и вреден адвокат вработен во локалната атомска централа. На крај, брат Маркарјан беше обвинет на темел на член 244, остаток од советскиот закон донесен во ерата на Хрушчов, наменет да ги забрани и конечно да ги елиминира Јеховините сведоци и другите верски групи.
Според тој закон, да се организира или да се води верска група која под маската на проповедање религиозни верувања ‚ги намамува младите да посетуваат верски состаноци на нерегистрирана религија‘ и ‚влијае врз членовите да одбијат да ги извршат своите граѓански должности‘ претставува кривично дело. За да го поткрепи своето тврдење, обвинителот се сосредоточи на присуството на малолетни деца на состаноците што во градот Метсамор ги водел брат Маркарјан. Обвинителот исто така наведе дека брат Маркарјан ги присилувал младите членови на собранието да одбијат воена служба.
Судењето почнува
Судењето почна во петок, 20 јули 2001, во окружниот суд Армавир, а претседаваше судијата Манвел Симонјан. Продолжи и во текот на август. За време на своето сведочење, сведоците на обвинителот на крајот признаа дека агентите на Министерството за национална безбедност (порано КГБ) им кажале што да напишат во изјавите против брат Маркарјан и ги присилиле да ги потпишат тие изјави. Во еден случај, една жена призна дека извесен службеник на Министерството за безбедност ѝ наредил да каже дека „Јеховините сведоци се против нашата влада и нашата религија“. Жената призна дека лично не познава ниту еден Јеховин сведок, туку само слушнала обвиненија против нив на државната телевизија.
Кога нему му дојде редот, брат Маркарјан посведочи дека малолетните деца што доаѓаат на состаноците на Јеховините сведоци доаѓаат со дозвола од своите родители. Исто така објасни дека воената служба е лична одлука. Вкрстеното испрашување од страна на обвинителот продолжи неколку дена. Користејќи ја Библијата, брат Маркарјан смирено одговараше на прашањата за неговите верувања, додека обвинителот ги проверуваше библиските стихови во својата Библијата.
На 18 септември 2001, судијата прогласи дека Маркарјан „не е виновен“, изјавувајќи дека во неговите активности „немало елементи на кривично дело“. Во Associated Press излезе еден извештај што откри многу за овој случај. Во него се велеше: „Водачот на Јеховините сведоци во Ерменија беше ослободен од обвиненијата за прозелитирање и за присилување на младите луѓе да ја избегнат воената служба. По двомесечно судење, Судот рече дека немало доволно докази против водачот, Левон Маркарјан [Лјова Маркарјан], на кој му се закануваше затворска казна од 5 години . . . И покрај тоа што со ерменскиот устав е загарантирана религиозна слобода, на новите групи им е тешко да се регистрираат, а правилата се во корист на доминантната Ерменска апостолска црква“. Во својот извештај за печатот од 18 септември 2001, Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) изјави: „Иако ја поздрави пресудата, канцеларијата на ОБСЕ и понатаму жали што обвинението воопшто беше и покренато“.
Обвиненијата продолжуваат
Сепак, обвинителството поднесе жалба, и судењето на основа на жалбата се водеше уште четири месеци. Во почетокот на судењето, кога дојде ред да сведочи брат Маркарјан, првото прашање му го постави еден судија од судскиот совет. Кога брат Маркарјан почна да одговара, судијата што претседаваше го прекина и му се спротивстави. Потоа, не му дозволи на брат Маркарјан да го доврши својот одговор на ниту едно прашање. Без да каже причина, ги исфрли од записникот поголемиот дел од прашањата што му ги постави одбраната. Во текот на судењето, религиозните фанатици што беа против Сведоците и кои ја исполнија судницата постојано му дофрлуваа вербални навреди на брат Маркарјан. По заседавањето, на телевизија беа емитувани голем број лажни и извртени извештаи за судењето, што велеа, на пример, дека брат Маркарјан всушност ја признал вината.
Отприлика на сред судење, судијата што претседаваше со тричлениот судски совет ги изненади присутните кога изнесе писмо од Државниот совет за верски прашања, во кое од канцеларијата на обвинителот се бараше да преземе мерки против брат Маркарјан. Овој чекор ги шокира меѓународните набљудувачи на судењето, зашто во својата молба за членство во Европскиот совет, Ерменија ја прифати одговорноста да „гарантира дека сите цркви или верски заедници, особено оние на кои се укажува како на ‚нетрадиционални‘, можат да ја практикуваат својата религија без дискриминација“.
Како што судењето продолжуваше во наредните недели, атмосферата стануваше сѐ понапната. Противниците продолжија да ги малтретираат и да ги напаѓаат Сведоците и внатре и надвор од судот. Жените Сведоци беа клоцани по нозете. Кога еден Сведок беше навреден, но одби да врати, од зад грб беше удрен по ‘рбетот и мораше да биде однесен во болница.
Во меѓувреме, како претседавач на овој случај беше назначен нов судија. И покрај напорите на неколкумина од присутните да го заплашат адвокатот на одбраната, овој нов претседавач ја задржа контролата и дури ѝ нареди на полицијата да изнесат од судницата една жена што му се закануваше на адвокатот.
Случајот стигнува до највисокиот суд во Ерменија
Конечно, на 7 март 2002, апелациониот суд ја поддржа пресудата на истражниот суд. Чудно, дента пред да биде изречена оваа пресуда, Државниот совет за верски прашања беше распуштен. Уште еднаш обвинителот поднесе жалба против одлуката, овојпат до највисокиот суд во Ерменија — касациониот суд. Обвинителството сега побара од Судот да го врати случајот на повторно судење за „да биде изречена пресуда ‚виновен‘ “.
Шестчлениот судски совет, со кој претседаваше судијата Мер Качатрјан, заседаваше во 11 часот на 19 април 2002. Во своето уводно излагање, еден од обвинителите изрази голема огорченост што претходните два суда не успеале да го прогласат брат Маркарјан за виновен. Меѓутоа, овој пат, обвинителот беше прекинат и остро испрашуван од четворица од судиите. Еден судија строго го укори обвинителот дека се обидел да создаде предрасуди кај Судот со тоа што ги вклучил делото на проповедање и нерегистрираниот статус на Јеховините сведоци во својата жалба против брат Маркарјан — од кои ниту едното ниту другото во член 244 не е дефинирано како кривично дело. Потоа судијата ги опиша постапките на обвинителот како „гонење со обвинение за кривично дело“. Друг судија спомна различни европски судски случаи во кои Јеховините сведоци биле признати како „позната религија“ која според Европската конвенција за човекови права има право на заштита. За време на ова судење, еден свештеник во судницата извикуваше дека Јеховините сведоци ја поделуваат нацијата. Судот му нареди да молчи.
Потоа судиите го повикаа од присутните Лјова Маркарјан — дотогаш невидена постапка за овој врховен суд. Брат Маркарјан даде убаво сведоштво во врска со ставот на Јеховините сведоци за различни прашања (Марко 13:9). По кратко заседавање, Судот се врати и едногласно ја поддржа пресудата „не е виновен“. Беше очигледно дека на брат Маркарјан му олесна. Во својата пишана одлука, Судот изјави: „Оваа активност [на Лјова Маркарјан] според постоечкиот закон не се смета за кривично дело и ваквиот вид обвинение противречи на член 23 од ерменскиот Устав и на член 9 од Европската конвенција“.
Резултатите од одлуката
Ако обвинителството успееше, тоа ќе отвореше пат за правни постапки против други старешини Сведоци во собранијата низ цела Ерменија. Се надеваме дека јасната одлука што ја изрече судот ќе го спречи таквото малтретирање. Ако одлуката беше неповолна, тоа исто така ќе беше изговор за и понатаму да се одбива Јеховините сведоци да бидат регистрирани. За среќа, судот сега го отфрли овој лажен изговор.
Времето ќе покаже дали ќе им биде дозволена регистрација на повеќе од 7,000 Сведоци на Јехова во оваа земја. Во меѓувреме, вистинското обожавање сѐ уште е живо и напредува во „Араратската земја“.
[Фуснота]
a Ова е една причина зошто Ерменците ја поврзуваат својата земја со планината Арарат. Во древни времиња, Ерменија била огромно царство чија територија ги опфаќала и тие планини. Затоа, во Исаија 37:38, грчкиот превод на Библијата, Септуагинта, го преведува изразот „Араратската Земја“ со „Ерменија“. Сега планината Арарат се наоѓа во Турција, близу до нејзината источна граница.
[Слика на страница 12]
Лјова Маркарјан на неговото судење
[Слика на страница 13]
Брат Маркарјан и неговото семејство