Можеш ли да веруваш во рајска Земја?
МАЛ број луѓе веруваат дека Земјата некогаш ќе биде рај. Многумина мислат дека таа воопшто нема да продолжи да постои. Според книгата The Sacred Earth (Светата Земја) од Брајан Ли Молино, оваа планета настанала како резултат на ‚една голема космичка експлозија‘ пред милиони години. И ако самиот човек не ја уништи Земјата, многумина веруваат дека таа, како и целата вселена, на крајот „ќе бидат вшмукани во една огнена топка при имплозија (процес обратен на експлозија)“.
Англискиот поет од 17 век, Џон Милтон, немал такви песимистички мисли. Во својата епска поема Paradise Lost (Изгубениот рај), напишал дека Бог ја создал Земјата да биде рајски дом за човечкото семејство. Тој првобитен Рај бил изгубен. Меѓутоа, Милтон верувал дека повторно ќе биде обновен — дека Исус Христос како откупител еден ден ќе „ги награди своите верни и ќе ги прими во блаженство . . . во Рајот на земјата“. Милтон со увереност изјавил: „Зашто тогаш целата Земја ќе биде Рај“.
Рај — на небото или на Земјата?
Многу религиозни луѓе го делат гледиштето на Милтон дека на крај ќе добијат некој вид надоместок за ужасите и болките што морале да ги претрпат овде на Земјата. Но, каде ќе уживаат во таа награда? Дали тоа ќе биде „на небото или на Земјата“? На некои, Земјата не им се вклопува во таа замисла. Тие велат дека луѓето ќе уживаат „блаженство“ само откако ќе ја напуштат Земјата и ќе живеат во некое духовно подрачје на небото.
Во книгата Heaven—A History (Небо — неговата историја), авторите К. Мекданел и Б. Ланг велат дека теологот Иренеј, кој живеел во вториот век, верувал дека животот во обновениот рај „нема да биде во некое далечно небесно подрачје туку на Земјата“. Според оваа книга, иако религиозните водачи како Џон Калвин и Мартин Лутер се надевале да одат на небото, тие исто така верувале дека „Бог ќе ја обнови Земјата“. И членовите на други религии имале слични верувања. Мекданел и Ланг исто така велат дека некои Евреи верувале дека во Божје одредено време, сите маки на луѓето „ќе бидат отстранети и на Земјата ќе се живее исполнет живот“. Според едно древно персиско верување, „првобитната состојба на Земјата ќе биде обновена и луѓето повторно ќе живеат во мир“, вели The Encyclopaedia of Middle Eastern Mythology and Religion.
Што се случило со надежта за рајска Земја? Дали нашето постоење на Земјата требало да биде само една преодна фаза? Дали, како што верувал еврејскиот филозоф од првиот век Фило, тоа треба да биде само „кратка, честопати несреќна, епизода“ од едно патување до духовното подрачје? Или дали Бог имал нешто друго на ум кога ја создал Земјата и ги сместил првите луѓе во рајски услови? Можат ли луѓето да најдат вистинско духовно исполнување и блаженство токму овде на Земјата? Зошто не испиташ што вели Библијата на оваа тема? Можеби ќе заклучиш, како што заклучиле милиони други луѓе, дека навистина е разумно да се надеваш во обновен рај на Земјата.
[Слика на страница 3]
Поетот Џон Милтон верувал дека Рајот ќе биде обновен
[Извор на слика на страница 2]
НАСЛОВНА СТРАНИЦА: Земјата: U.S. Fish & Wildlife Service, Вашингтон (Д.К.), НАСА
[Извори на слики на страница 3]
Земјата: U.S. Fish & Wildlife Service, Вашингтон (Д.К.), НАСА; Џон Милтон: Leslie’s