Се сеќаваш ли?
Уживаше ли додека ги читаше неодамнешните изданија на Стражарска кула? Тогаш, види дали ќе можеш да одговориш на следниве прашања:
• Колку поглавја има во книгата Михеј, кога била напишана, и каква била ситуацијата во тоа време?
Книгата Михеј содржи седум поглавја. Пророкот Михеј ја напишал оваа книга во осмиот век пр.н.е. кога Божјиот народ на сојузот бил поделен на две нации — Израел и Јуда (15.8., страница 9).
• Според Михеј 6:8 [NW], што бара Бог од нас?
Треба да ‚постапуваме праведно‘. Начинот на кој Бог ги извршува работите е мерило за правда, затоа мораме да ги поддржуваме неговите начела на чесност и интегритет. Тој ни вели ‚да ја љубиме добротата‘. Христијаните покажуваат љубезна доброта кога се одѕиваат на потребите на другите, како на пример по катастрофи. За да ‚одиме скромно со‘ Јехова, мораме да ги признаеме своите ограничувања и да се потпираме на него (15.8., страници 20—22).
• Ако сме останале без работа, што можеби би сакал еден христијанин да направи?
Би било мудро да си го преиспитаме нашиот начин на живот. Можеби ќе биде можно да си го поедноставиме животот на тој начин што ќе се преселиме во помала куќа или ќе се ослободиме од материјалните поседи што не ни се потребни. Се разбира, важно е да престанеме да бидеме тегобно загрижени за секојдневните потреби, имајќи доверба дека Бог може да ни го даде она што ни е неопходно (Матеј 6:33, 34; 1.9., страници 14, 15).
• Што треба да запамтиме кога даваме или кога примаме свадбени подароци?
Не се потребни, ниту, пак, треба да се очекуваат скапи подароци. Она што е најскапоцено е ставот на срцето на оној што подарува (Лука 21:1—4). Не е љубезно да се објави името на оној што го дава подарокот. Ако се направи тоа, тој може да се чувствува непријатно (Матеј 6:3; 1.9., страница 29).
• Зошто треба да се молиме непрестајно?
Редовната молитва може да го зацврсти нашиот однос со Бог и да нѐ оспособи да се соочиме со тешки испити. Нашите молитви можат да бидат кратки или долги, во зависност од потребата и од околностите. Молитвата ја изградува верата и ни помага да се справиме со проблемите (15.9., страници 15—18).
• Како треба да го разбереме стихот од 1. Коринќаните 15:29, кој во некои преводи е преведен како „се крштаваат за мртвите?
Апостол Павле мислел на тоа дека помазаните христијани се крстени, или потопени, во животен правец кој ќе води до смрт слична на Христовата, односно смрт со која ќе го зачуваат интегритетот како што го зачувал и тој. Потоа, ќе бидат воскреснати во духовен живот како што бил и тој (1.10., страница 29).
• Од каде знаеме дека да се стане христијанин вклучува многу повеќе отколку само да се избегнуваат престапите спомнати во 1. Коринќаните 6:9—11?
Апостол Павле не спомнал дека еден христијанин треба да избегнува само престапи како што се блуд, идолопоклонство и пијанство. Укажувајќи дека можеби ќе бидат потребни и други промени, во следниот стих продолжил: „Сѐ ми е дозволено; но не е сѐ корисно“ (15.10., страници 18, 19).
• Кои биле некои жени од древно време што го радувале Божјето срце?
Меѓу нив биле бабиците Сепфора и Фуа, кои не го послушале фараонот и не ги убиле машките израелски новороденчиња (Излез 1:15—20). Ханаанската блудница Рава заштитила двајца израелски шпиони (Исус Навин 2:1—13; 6:22, 23). Покажувајќи разумност, Авигеја помогнала да се спасат животи и го спречила Давид да стане виновен за крв (1. Самоил 25:2—35). Тие се пример за жените денес (1.11., страници 8—11).
• Како ‚војувале ѕвездите‘ против Сисара, како што е кажано во Судии 5:20?
Некои сметаат дека оваа изјава укажува на божествена помош. Други укажуваат на помош од ангели, на дожд од метеори или на зависноста на Сисара од астролошките предвидувања. Бидејќи Библијата не дава детали, можеме да ја сметаме оваа изјава како да укажува на некој облик на божествена интервенција во корист на израелската војска (15.11., страница 30).
• Зошто толку многу луѓе сѐ уште изјавуваат дека веруваат во Бог кога се чини дека апатијата и незаинтересираноста за религија ја прекриваат земјата?
Некои одат во црква зашто бараат душевен мир. Други се надеваат на вечен живот после смртта или на здравје, богатство и успех. Во некои области, луѓето сакаат да ја исполнат духовната празнина која е последица на капиталистичките тежнеења што ја заменија комунистичката идеологија. Тоа што ќе биде свесен за овие причини, може да му помогне на еден христијанин да започне смисловни разговори (1.12., страница 3).