,Бог не живее во храмови изградени со рака‘
НА АПОСТОЛ Павле несомнено му биле познати храмовите на божицата Атина, зашто такви храмови можеле да се најдат во многу од градовите што ги посетил за време на своите мисионерски патувања. Според The Encyclopædia Britannica, Атина не била позната само како божица на војната и мудроста туку и како божица на занаетите и вештите занимања во време на мир воопшто“.
Најпознатиот храм на Атина бил Партенон, изграден во Атина, градот што го добил името по божицата. Сметан како еден од највеличествените храмови на древниот свет, Партенон бил дом на 12 метри високиот кип на Атина од злато и слонова коска. Кога Павле ја посетил Атина, овој бел мермерен храм веќе 500 години се издигал над градот.
Со поглед на Партенон, Павле им проповедал на една група Атињани за ,Богот кој не живее во храмови изградени со рака‘ (Дела 17:23, 24). Можеби поради сјајот на храмовите на Атина или величественоста на нејзините идоли на слушателите на Павле таа им изгледала поимпресивна отколку некој невидлив Бог што не го познавале. Меѓутоа, како што истакнал Павле, не треба да замислуваме дека Творецот на човештвото е ,како злато или сребро или камен, како нешто обликувано од човек‘ (Дела 17:29).
Боговите и божиците како Атина — чијашто слава зависи од храмови и кипови — се појавувале и исчезнувале. Кипот на Атина исчезнал од Партенон во петтиот век н.е., а денес постојат само остатоци од неколку нејзини храмови. Кој бара денес мудрост и водство од Атина?
Колку е поинаку со Јехова, „вечниот Бог“, кого ниеден човек никогаш не го видел (Римјаните 16:26; 1. Јованово 4:12). Синовите на Кореј напишале: „Таков е Бог, нашиот Бог засекогаш и довека! Тој ќе нѐ раководи“ (Псалм 48:14). Еден начин за да имаме водство од Јехова Бог е така што ќе ја проучуваме неговата Реч, Библијата, и ќе ги применуваме советите од неа во својот живот.