„Едно од најистакнатите дела на градежништвото“
КОГА пред околу 3.000 години, за време на владеењето на цар Соломон, во Ерусалим бил изграден Јеховиниот храм, бил направен еден убав базен за вода од бакар и бил сместен пред влезот на храмот. Тежел повеќе од 30 тони и собирал околу 40.000 литри вода. Овој голем базен бил наречен море (1. Цареви 7:23—26). „Нема сомнение дека тоа било едно од најистакнатите дела на градежништвото што еврејската нација некогаш ги направила“, вели поранешниот технички референт во Националниот совет за истражувања на Канада, Алберт Зуидхоф за Biblical Archeologist.
Како било изградено морето? „Царот заповеда да го излеваат сѐ тоа [бакарни садови] во глинени калапи, во Јорданската Долина“, вели Библијата (1. Цареви 7:45, 46). „Процесот на леење мора да бил сличен на методот на ,восочно леење‘ кој сѐ уште се користи при изработката на големите бронзени камбани“, вели Зуидхоф. Тој објаснува: „Во основа, ова би вклучувало да се обликува восочен модел на морето врз потполно исушеното јадро на калапот кое било свртено наопаку . . . Откако ќе го завршеле тоа, леарите требало да го направат надворешниот калап врз восочниот модел и да го остават да се исуши. Последниот чекор бил да се стопи восокот и да се стави течната бронза во празнината“.
Огромната големина и тежина на морето барале голема вештина во изградбата. Структурата на внатрешното јадро и надворешниот калап морале да го издржат притисокот на повеќе од 30 тони стопен бакар, а леењето морало да се направи во еден постојан процес за да нема пукнатини или грешки. За ова веројатно биле потребни низа поврзани печки за да се истури стопениот метал во калапот. Огромна работа!
Во својата молитва при инаугурацијата на храмот, царот Соломон му оддал слава на Јехова за целата работа околу храмот, велејќи: „Што Си ветил со Својата уста, го исполни со Својата рака“ (1. Цареви 8:24).