ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w04 15/2 стр. 21-25
  • Собир во „центарот на светот“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Собир во „центарот на светот“
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
  • Поднаслови
  • Посадено првото семе на Царството
  • Подготовки за Покраински собир
  • Публицитет од неочекуван извор
  • Собирот почнува
  • Утринско сведочење
  • Духовната програма продолжува
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
w04 15/2 стр. 21-25

Собир во „центарот на светот“

Си ги чул ли некогаш зборовите „Te Pito o Te Henua“? На рапа нуи, изворниот јазик што се зборува на Велигденскиот Остров, тоа значи „центар на светот“. Што придонело еден собир што се одржал таму да биде толку посебен?

ИЗОЛИРАН, мистериозен, егзотичен. Ова се некои зборови што се користат за да се опише Велигденскиот Остров, или Рапа Нуи, како што го нарекуваат неговите жители. Тоа е навистина изолирана област што се наоѓа во Јужниот Пацифик, на оддалеченост од 3.790 километри од Сантјаго (Чиле). Овој остров станал покраина на Чиле на 9 септември 1888.

Со површина од 166 квадратни километри, овој триаголен остров во основа го сочинуваат три изгаснати вулкани. Всушност, како и многу други пацифички острови, составен е од врвовите на огромни подводни планини. Целиот остров е прогласен за природен споменик. Без сомнение, овој остров е најпознат по неговите мистериозни камени кипови, познати како моаи.a

Освен убавите предели и историските места, Велигденскиот Остров нуди егзотична разноликост на вкусови. Земјата раѓа плодови како ананас, авокадо, папаја и девет различни видови банани. А морето дава голема разноликост на риби и друга морска храна.

Климата на Велигденскиот Остров е блага, редовно има дождови и виножита што им даваат на посетителите чист воздух и спектакуларни глетки. Моментално има околу 3.800 жители. Сегашните жители потекнуваат од првите доселеници измешани со Европејци, Чилеанци и луѓе од други националности. Стотици туристи од Европа и од Азија го посетуваат островот со што туризмот е еден важен дел од економијата.

Посадено првото семе на Царството

Годишникот на Јеховините сведоци за 1982 извести: „Некое време имавме само една објавителка на Велигденскиот Остров. Нејзе ѝ беше давана духовна помош преку допишување со една мисионерка во подружницата [во Чиле]. Иако во меѓувреме се врати во Чиле, имаме извештај за претплатници на Стражарска кула на островот. На наше големо изненадување, во април 1980 добивме еден меѓународен телефонски повик од едно заинтересирано лице што сакаше да знае кога да го прослави Меморијалот. Подоцна истата година таму се пресели една брачна двојка од Валпараисо, и тие водат библиски студии со заинтересираните лица. Во април 1981 за првпат на овој остров се одржа Меморијал и присуствуваа 13 лица. Колку сме радосни што ,добрата вест‘ навлегува во оваа изолирана област!“

Подоцна, на 30 јануари 1991, подружницата испрати на островот еден брачен пар специјални пионери, Дарио и Вини Фернандез. Брат Фернандез си спомнува: „По пет часови летање, дојдовме до најизолираниот дел на планетата, до една култура обвиена во мистерија“. Состаноците и проповедничката активност веднаш беа организирани со поддршката од еден локален брат и од една сестра која скоро беше дојдена на островот заедно со нејзините две деца. И покрај притисокот од семејството, религиозниот жар и извесни начини на живеење што се вообичаени во полинезиската култура, тие видоа дека Јехова ги благословува нивните напори. Брат и сестра Фернандез повеќе не се специјални пионери, но сѐ уште се на островот каде што го подигаат својот син, кој е роден таму. Денес има 32 радосни објавители на Царството. Меѓу нив има и староседелци од Рапа Нуи, како и доселеници на островот или некои што се преселиле таму за да служат онаму каде што има поголема потреба од објавители на Царството.

Подготовки за Покраински собир

Со оглед на големата оддалеченост на островот од континентот, собранието трипати годишно добива видеокасета со програмата од денот на специјален собир, од покраинскиот собир и од обласниот конгрес. Но, при крајот на 2000, Одборот на подружницата во Чиле ја разгледуваше идејата да се одржи собир на островот за првпат. На крајот, беше решено да се одржи покраински собир во ноември 2001, а ограничен број браќа и сестри од различни делови на Чиле беа поканети да присуствуваат на овој посебен настан. Поради распоредот на летови, собирот требаше да се одржи во недела и во понеделник.

Триесет и тројцата поканети делегати беа возбудени од помислата дека ќе патуваат на островот за да учествуваат на првиот покраински собир што ќе се одржи во тоа далечно подрачје. По долгиот лет над Пацификот, на делегатите им олесна кога локалните браќа што ги чекаа на аеродромот им изразија добредојде. Делегатите беа пречекани со прекрасни леи (ѓердани направени од цветови), подарок типичен за островот. Беа однесени до местата каде што беа сместени и по кратка обиколка на островот, сите што имаа учество во програмата на собирот се собраа во Салата на Царството.

Публицитет од неочекуван извор

Додека се возеа накај собирот, некои делегати беа изненадени кога го чуја локалниот свештеник како на радио коментира за нивната посета. Тој спомна туристи од континентот кои ќе ги посетуваат домовите за да разговараат за претстојниот крај на светот. Иако ги поттикна своите парохијани да не ги слушаат посетителите, неговата изјава помогна јавноста да биде информирана за присуството на голема група Јеховини сведоци на островот. Ова роди исчекување кај островјаните. Во текот на следните денови, делегатите тактично ја споделуваа со нив охрабрувачката порака на добрата вест.

Собирот почнува

Во недела претпладне локалните браќа чекаа на влезот на Салата на Царството за да им изразат добредојде на делегатите што пристигнаа на првиот ден на собирот. „Iorana Koe! Iorana Koe!“ „Добредојдовте!“ Некои сестри носеа традиционална облека и ги беа украсиле косите со прекрасни цвеќиња во вистински полинезиски стил.

По убавиот музички увод, како никогаш порано на островот, сто гласови се здружија за песната „Бидете цврсти, непоколебливи!“ Локалните браќа беа трогнати до солзи кога претседавачот им изрази добредојде на нивниот мајчин јазик, рапа нуи. За време на пладневната пауза, тројца нови Сведоци го симболизираа своето предание на Бог со крштавање во вода. Кога заврши програмата на првиот ден, сите се чувствуваа поблиски со Јехова и со целото братство (1. Петрово 5:9).

Утринско сведочење

Поради посебните околности на островот, програмата на вториот ден од покраинскиот собир почна попладне. Затоа, делегатите ја искористија приликата и утрото го поминаа во служба на теренот. Какви искуства ги очекуваа?

Една постара жена со осум синови и ќерки им рекла на Сведоците дека не може да разговара со нив затоа што е католик. Откако ѝ кажале дека сакаат да разговараат за проблемите со кои сите се соочуваме, како што се злоупотреба на дрога и семејните проблеми, се согласила да ги сослуша.

Една постара мештанка настапила непријателски спрема двајца Сведоци. Им рекла да одат и да разговараат со луѓето на континентот зашто се многу сурови со другите. Браќата ѝ рекле дека пораката на ,добрата вест за царството‘ им се пренесува на сите и целта зошто дошле на островот е да присуствуваат на еден собир што ќе им помогне на сите да растат во љубовта кон Бог (Матеј 24:14). Ја прашале дали би сакала долг живот во рајски услови, слични на условите на островот но без болест и смрт. Откако разговарале со неа за тоа колку долго постојат вулканските кратери на островот, таа размислила за тоа колку е краток животот и прашала: „Зошто живееме толку кратко?“ Била изненадена кога го прочитала Псалм 90:10.

Потоа, Сведоците одеднаш чуле викање од соседната куќа. Иако не го разбрале викањето, жената им кажала дека соседите извикувале навреди и јасно ставиле на знаење дека не сакаат Сведоците да ги посетат. Меѓутоа, оваа жена била нуа, или најстара ќерка во семејството. Бидејќи татко ѝ починал, нејзина должност било да одлучи што е во најдобар интерес за семејството. Пред роднините ги бранела браќата на нејзиниот мајчин јазик и љубезно ги примила публикациите што ѝ ги понудиле. Подоцна истата таа седмица, кога со автомобилот поминале покрај Сведоците, му рекла на брат ѝ да застане. И покрај неговото очигледно незадоволство, таа ги поздравила браќата и им посакала успех во службата.

Иако во почетокот се чинеше дека некои островјани ја отфрлаат пораката што ја проповедаа Сведоците од континентот, на посетителите им стана очигледно дека Рапа Нуи по природа се љубезни и пријателски настроени луѓе. Повеќето од нив со задоволство ја слушаа добрата вест. Всушност, 6-мина од 20-те Сведоци што се крстени на островот се локални жители. Еден од нив ја дознал библиската вистина така што слушал од другата соба додека се водела библиска студија со неговата сопруга. Сега, тој и неговата сопруга се крстени Сведоци, а тој е слуга помошник во собранието.

Духовната програма продолжува

Попладнето почна програмата на вториот ден на собирот. Повторно, на 32-та локални браќа и сестри и 33-те делегати им се придружија голем број заинтересирани лица. Речиси 100 луѓе ја слушаа програмата, вклучувајќи го и јавното предавање „Како љубовта и верата го победуваат светот“. Всушност, оние што беа присутни гледаа вистински доказ за љубовта што постои меѓу Јеховиниот народ, дури и меѓу оние што се од различни култури (Јован 13:35).

За време на покраинскиот собир, покраинските и обласните надгледници одржаа посебен состанок со пионерите. На тројцата општи пионери од островот им се придружија делегати што беа општи или специјални пионери. Сите многу се охрабрија.

Следниот ден некои локални браќа што работат како туристички водичи ги однесоа делегатите на обиколка по островот. Го посетија каменоломот каде што биле изрежани моаите, вулканите каде што се одржувале древните натпреварувања и, се разбира, прекрасната плажа Анакена послана со златен песок каде што пристигнале првите доселеници на островот.b

Последната прилика за дружење со локалните браќа беше на Собраниската студија на книга. По состанокот, локалните Сведоци ги изненадија своите гости со еден оброк типичен за островот. Потоа, облечени во своите карактеристични облеки изведоа прекрасни фолклорни танци. Делегатите, како и браќата и сестрите Рапа Нуи, беа сигурни дека напорите што ги вложија за да се подготви собирот се исплатија.

Сите што дојдоа како делегати се почувствуваа длабоко приврзани за своите изолирани браќа и сестри со кои поминаа една возбудлива седмица. Им беше тешко да си заминат од островот. Засекогаш длабоко ќе ги ценат новите пријатели што ги стекнаа како и заедничкото духовно охрабрување што го добија. На аеродромот, локалните браќа ги закитија делегатите со ѓердани од школки што самите ги направиле.

Кога си заминуваа, делегатите ветија: „Iorana! Iau he hoki mai e Rapa Nui ee“, што значи: „Догледање! Пак ќе ти се вратам Рапа Нуи“. Да, тие копнеат да се вратат за да ги посетат своите нови пријатели и членови на духовното семејство на егзотичниот, изолиран, мистериозен и пријателски Велигденски Остров!

[Фусноти]

a Види го српското издание на Разбудете се! од 22 јуни 2000, издадено од Јеховините сведоци.

b На кратерот на вулканот Рано Рараку има многу цртежи изрезбани на карпите. Тука започнувало натпреварувањето меѓу оние што сакале да владеат со островот. Натпреварувањето се состоело од тоа натпреварувачот да се симне по стрмна карпа, да отплива до еден од малите острови, да земе јајце од некоја птица, да доплива назад до главниот остров и да се качи по карпата без да го оштети јајцето.

[Рамка на страница 24]

Сведочење на Велигденскиот Остров

Околу две години пред овој значаен собир, еден покраиниски надгледник и неговата сопруга го посетија островот и имаа многу пријатни искуства. На пример, замисли си го нивното изненадување кога сестрата што ги однела до местото каде што биле сместени ги потсетила дека тие ја проучувале Библијата со неа во јужно Чиле кога била тинејџерка, пред околу 16 години. Подоцна тоа семе родило плод на Рапа Нуи.

Го имале и ова смешно искуство: Сопственикот на една продавница за сувенири земал Превод Нов свет на Светото писмо и помагалото за проучување на Библијата, Спознание кое води до вечен живот, и двете издадени од Јеховините сведоци. Кога се вратиле да го посетат, им рекол дека таа Библија не може да ја чита. Му оставиле Библија на француски, а не на шпански! Проблемот брзо бил решен со помош на локалните Сведоци и, се разбира, со Библија на неговиот јазик, увидел дека и не е толку тешко да се разбере Библијата.

[Карта на страница 22]

(Види во публикацијата)

ВЕЛИГДЕНСКИОТ ОСТРОВ

ЧИЛЕ

[Слики на страница 23]

Двајца од оние што се крстија на покраинскиот собир

[Слики на страница 25]

Падина на вулканот Рано Рараку; вметнато: на островот расте диво овошје што се вика гвајаба

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели