Неформално сведочење во Мексико на англиското говорно подрачје
ИСКОРИСТУВАЈЌИ го времето додека ги чекал своите сопатници во Атина, апостол Павле учествувал во неформално сведочење. Библијата известува: „Почна да резонира . . . секој ден на плоштадот со оние кои ќе се затекнеа таму“ (Дела 17:17). На пат од Јудеа кон Галилеја, Исус неформално ѝ сведочел на една Самарјанка покрај еден бунар (Јован 4:3—26). Дали ја користиш секоја прилика да зборуваш за добрата вест за Божјето Царство?
Англиското говорно подрачје во Мексико е особено погодно за неформално сведочење. Туристите ги посетуваат одморалиштата, студенти доаѓаат и си одат, а странци што се во пензија ги посетуваат парковите и рестораните во Мексико. Многу Јеховини сведоци што знаат англиски станале вешти во започнување разговор со таквите лица. Всушност, тие внимателно бараат можност да разговараат со секој што изгледа како странец или што зборува англиски. Да видиме како го прават тоа.
Многупати Сведоците од странство што служат на англиското подрачје едноставно им се претставуваат на оние што очигледно се странци и ги прашуваат од каде се. Ова логично води до прашањето за тоа што прави Сведокот во Мексико, а ова му дава прилика нему да ги сподели своите верувања. На пример, на Глорија, која служи на англиското подрачје во Оаксака каде што има голема потреба, ѝ е особено лесно да започне разговори на таков начин. Кога се враќала дома од неформално сведочење на плоштадот, ја застанал еден брачен пар од Англија. Жената извикала: „Не ми се верува дека на улиците на Оаксака гледам црнкиња!“ Наместо да се навреди, Глорија се насмеала и почнале да си прават муабет околу тоа зошто е во Мексико. Жената ја поканила Глорија кај неа на кафе. Откако закажале термин, Глорија ѝ ги понудила списанијата Стражарска кула и Разбудете се!, но жената одбила велејќи дека е атеист. Глорија рекла дека сака да разговара со атеисти и дека би сакала да го чуе нејзиното мислење за статијата „Места за обожавање — дали ни се потребни?“ Жената прифатила, велејќи: „Ако успееш да ме убедиш мене — тоа ќе биде нешто“. Уште неколку пати имале интересни разговори додека пиеле кафе заедно. Подоцна овој брачен пар си заминал за Англија, но разговорите продолжиле преку електронска пошта.
Глорија ѝ пристапила и на Сарон, студентка од Вашингтон (Д.К.), која работела како волонтер со староседелки во Оаксака за да ја заврши својата магистратура. Откако ја пофалила Сарон за она што го прави, Глорија ѝ објаснила зошто е во Мексико. Ова водело до убав разговор за Библијата и за она што Бог ќе го направи не само за сиромашните туку за сите. Сарон рекла дека е иронично тоа што во Соединетите Држави никогаш немала разговарано со Сведоците, а првите луѓе што ги сретнала во Мексико биле Јеховини сведоци! Прифатила библиска студија и веднаш почнала да доаѓа на христијанските состаноци.
Многу странци се преселиле во крајбрежните одморалишта на Мексико, барајќи некој вид рај. Лорел го користи ова за да започне разговори во Акапулко и ги прашува луѓето дали Акапулко повеќе личи на рај отколку местата од каде што се тие и што им се допаѓа во Акапулко. Потоа им објаснува дека наскоро целата земја ќе биде вистински рај. Ваквиот начин на кој ѝ пристапила на една Канаѓанка што ја сретнала кај ветеринарот водел до библиска студија. Може ли сличен пристап да биде делотворен и таму каде што живееш ти?
‚На улиците и на плоштадите‘
Честопати, се започнува разговор на улиците и на плоштадите со прашањето: „Зборувате ли англиски?“ Многу Мексиканци зборуваат англиски поради нивната професија или затоа што живееле во Соединетите Држави.
Еден брачен пар Сведоци ѝ пришле на една постара госпоѓа која била во инвалидска количка што ја туркала медицинска сестра. Ја прашале госпоѓата дали зборува англиски. Таа рекла дека зборува затоа што долги години живеела во Соединетите Држави. Зела Стражарска кула и Разбудете се!, кои никогаш порано ги немала читано, и им го кажала своето име, Консуело, и својата адреса. Кога по четири дена ја побарале на таа адреса, увиделе дека тоа е старски дом со кој управуваат католички калуѓерки. Отпрвин било тешко да се стапи во контакт со Консуело бидејќи калуѓерките биле сомничави и рекле дека Консуело не може да ги прими. Брачниот пар инсистирал калуѓерките да ѝ кажат на Консуело дека се тука и дека сакаат да се поздрават со неа. Консуело веднаш ги поканила да влезат. Оттогаш наваму, оваа 86-годишна жена ужива во редовна библиска студија и покрај негативните забелешки на калуѓерките. Исто така присуствува и на некои христијански состаноци.
Во Пословици 1:20 се вели: „Премудроста извикува гласно на улица, го подига својот глас на плоштадите“. Забележи како се случило тоа на плоштадот во Сан Мигел де Алјенде. Рано едно утро, Ралф му пришол на еден средовечен маж кој седел на една клупа. Човекот многу се изненадил кога Ралф му понудил Стражарска кула и Разбудете се!, па му го раскажал својот живот.
Тој бил ветеран од Виетнам, кој како последица од емоционалниот стрес од големиот број мртви што ги видел претрпел нервен слом за време на воената служба. Од првите борбени линии бил испратен во базата. Таму имал задача да ги мие телата на мртвите војници и да ги подготви да бидат испратени во Соединетите Држави. Сега, 30 години подоцна, тој сѐ уште страда од постојани кошмари и чувства на ужас. Тоа утро, додека седел на плоштадот, во себе се молел за помош.
Ветеранот ја зел литературата и прифатил покана за во Салата на Царството. Откако присуствувал на состанокот, рекол дека за тие два часа во Салата на Царството за првпат во 30 години почувствувал мир. Овој човек бил во Сан Мигел де Алјенде само две-три седмици, но со него неколкупати била одржана библиска студија, во што тој уживал, и присуствувал на сите состаноци пред да се врати дома. Биле направени подготовки неговата студија да продолжи.
Неформално сведочење на работа и на училиште
Дали на работното место даваш на знаење дека си Јеховин сведок? Адријан, кој им издава станови на туристите, го прави тоа. Како резултат, неговата колешка Џуди раскажува: „Ако пред три години некој ми речеше дека ќе станам Јеховин сведок, ќе му речев: ‚Кога врбата ќе роди грозје!‘ Но, решив да ја прочитам Библијата. Си мислев: ‚Нема да биде тешко, зашто сакам да читам‘. Па, мислам дека не прочитав ни шест страници кога ми стана јасно дека ми треба помош. Единствениот човек што ми падна на памет за тоа беше еден колега по име Адријан. Сакав да разговарам со него зашто тој беше единствениот навистина пристоен човек таму“. Адријан веднаш ѝ понудил да ја посети со својата свршеница, Кејти, и да ѝ одговори на сите прашања. Кејти започнала библиска студија со неа, и набрзо потоа Џуди станала крстен Сведок.
Како е со неформалното сведочење на училиште? Две жени, Сведоци, оделе на часови по шпански на универзитетот, но биле отсутни еден ден за да присуствуваат на еден христијански собир. Кога се вратиле биле замолени да раскажат на шпански што правеле. Ја искористиле приликата да посведочат најдобро што можеле на шпански. Наставничката, Силвија, била многу заинтересирана за библиските пророштва. Прифатила библиска студија на англиски и сега е објавител на добрата вест. Неколку членови од нејзиното семејство исто така проучуваат. Силвија вели: „Го најдов она што го барав цел живот“. Да, неформалното сведочење може да роди прекрасен плод.
Користење други прилики
Гостољубивоста може да води до сведоштво. Џим и Гејл, кои служат во Сан Карлос (Сонора), увиделе дека тоа е вистина. Една жена што си ги шетала кучињата во 6.00 часот застанала за да се восхитува на нивниот двор. Џим и Гејл ја поканиле да влезе на кафе. За првпат во своите 60 години слушнала за Јехова и за изгледот за вечен живот. Била започната библиска студија.
Ејдриен исто така се однесува љубезно со непознати. Јадела во еден ресторан во Канкун кога едно младо момче ѝ пришло и ја прашало дали е од Канада. Кога одговорила дека е, момчето ѝ објаснило дека со мајка му се обидувале да ѝ помогнат на сестра му во врска со еден реферат за Канаѓаните. Пришла и мајката која зборувала англиски. Откако стрпливо одговорила на нејзините прашања за Канаѓаните, Ејдриен рекла: „Но, има една многу важна причина зошто дојдов од Канада овде — да им помогнам на луѓето да научат за Библијата. Дали би Ве интересирало тоа?“ Жената одговорила дека ја интересира. Таа, десет години пред тоа, ја напуштила својата црква и се обидувала самата да ја проучува Библијата. Ѝ ги дала телефонскиот број и адресата на Ејдриен и била започната пријатна библиска студија.
„Фрли го својот леб во водата“
Честопати, како резултат на тоа што за библиската вистина се зборува во секоја прилика, им се сведочи на луѓе што имале многу мала или никаква можност да слушнат за пораката за Царството. Во едно полно кафуле во пристанишниот град Зихуатанехо, една жена Сведок поканила двајца странци да седнат на нејзината маса, зашто кафулето било преполно. Овој брачен пар пловел од место до место веќе седум години. Рекле дека имаат негативно мислење за Јеховините сведоци. По средбата во кафулето, жената ги посетила на нивниот брод и ги поканила кај неа дома. Зеле повеќе од 20 списанија и 5 книги и ветиле дека ќе ги побараат Сведоците во следното пристаниште каде што ќе застанат.
Џеф и Деб забележале едно семејство со убаво бебенце во делот каде што може да се јаде во трговскиот центар во Канкун. Кога кажале нешто за бебенцето, родителите ги поканиле на пица. Излегло дека семејството било од Индија. Тие никогаш немале слушнато за Јеховините сведоци ниту, пак, некогаш виделе наша литература. Си заминале од трговскиот центар со неколку публикации издадени од Сведоците.
Нешто слично се случило и на еден остров близу до брегот на Јукатан. Еден нововенчан брачен пар Кинези го замолиле Џеф да ги слика, што тој со задоволство го направил. Потоа дознал дека иако веќе 12 години живеат во Соединетите Држави, никогаш не виделе, ниту, пак, чуле за Јеховините сведоци. Следел пријатен разговор. Џеф ги поттикнал да ги побараат Сведоците кога ќе се вратат дома.
Можеби во твојата околина има некој посебен настан што би можел да биде прилика за неформално сведочење. Кога претседателот на Соединетите Држави бил во посета кај претседателот на Мексико на неговиот ранч близу Гуанахуато, за тој настан известувале репортери од целиот свет. Едно семејство Сведоци решиле да ја искористат таа прилика за да проповедаат на англиски. Имало поволен одѕив. На пример, еден репортер имал известувано за неколку војни, како војната во Косово и во Кувајт. Некој негов колега кој бил застрелан од снајперист му умрел на раце. Кога чул за воскресението, репортерот со солзи во очите му се заблагодарил на Бог за тоа што дознал дека животот има смисла. Рекол дека иако никогаш повторно нема да го види овој брачен пар Сведоци, таа добра вест од Библијата ќе ја носи во своето срце.
Како што може да се види, честопати не го знаеме крајниот резултат од ваквото сведочење. Меѓутоа, мудриот цар Соломон рекол: „Фрли го својот леб во водата, и ќе го најдеш после многу време“. Исто така рекол: „Наутро сеј го своето семе а навечер твојата рака нека не почива, зашто не знаеш дали ќе биде подобро ова или она, или двете ќе бидат еднакво добри“ (Проповедник 11:1, 6). Да, ревносно „фрли го својот леб“ врз многу води и дарежливо „сеј го своето семе“, како што правеле и Павле и Исус и како што прават овие денешни Сведоци на англиското говорно подрачје во Мексико.