Староседелските народи на Мексико ја слушаат добрата вест
НА 10 ноември 2002, една група Мике, староседелски народ во Мексико, се собра во Сан Мигел (Кецалтепек). Тоа е град во убавата јужна држава Оаксака. Групата присуствуваше на еден обласен конгрес на Јеховините сведоци. Врвен настан на програмата тоа претпладне беше библиската драма.
Кога низ разгласот се слушнаа првите зборови од библиската драма, присутните останаа вчудовидени. Одеднаш се разлеа громогласен аплауз, а на мнозина им се тркалаа солзи по лицето. Драмата беше изнесена на јазикот мике! Кога заврши, мнозина ја изразија својата длабока благодарност за овој неочекуван благослов. „За првпат можев да ја разберам драмата. Ме допре во срце“, изјави една од присутните. „Сега можам да умрам среќна зашто Јехова ми дозволи да ја чујам драмата на мојот јазик“, изјави друга.
Она што се случи тоа претпладне беше дел од еден интензивен напор што неодамна го вложија Јеховините сведоци во Мексико за да ги достигнат староседелските народи со добрата вест за Царството (Матеј 24:14; 28:19, 20).
Јехова ги слуша молитвите
Во Мексико има повеќе од 6.000.000 староседелско население — доволно за да се основа посебна нација, мултикултурна нација со 62 различни јазика. Петнаесет од тие јазици ги зборуваат повеќе од 100.000 луѓе. Повеќе од 1.000.000 од староседелското население не зборува шпански, кој е службен јазик во Мексико. А мнозина од оние што зборуваат шпански полесно можат да ја научат библиската вистина на својот јазик (Дела 2:6; 22:2). Некои со години ја проучувале Библијата и верно присуствуваат на состаноците, но не разбираат сѐ. Затоа, веќе некое време предмет на нивните молитви беше да ја имаат пораката на вистината на својот јазик.
За да се справи со овој предизвик, канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Мексико во 1999 почна да прави подготовки состаноците да се одржуваат на јазиците на староседелците. Исто така, беа формирани и преведувачки тимови. Во 2000 драмата на обласниот конгрес беше изнесена на јазикот маја, а подоцна и на неколку други јазици.
Следниот чекор беше да се зафатат со преведување на помагала за проучување на Библијата што ги користат Јеховините сведоци. Најпрво, брошурата Радувај се на животот засекогаш на земјата! беше преведена на јазиците маја, масатеко, тотонак, хуаве целтал и цоцил. Потоа следеа и други публикации, меѓу кои и редовно издание на Наша служба за Царството на маја. Исто така, некои публикации се снимени и на аудиокасети. За да се поучат староседелските народи да читаат и да пишуваат на својот јазик, брошурата со наслов Посвети се на читањето и пишувањето е приспособена за локална употреба. Библиската литература моментално се издава на 15 староседелски јазици, а ќе бидат издадени и уште публикации.
„Вложуваат секаков напор“
Преведувањето не е лесна работа. Една причина е тоа што има многу малку световна литература на староседелските јазици во Мексико. Во многу случаи тешко е да се најдат речници. Исто така, некои од јазиците имаат многу дијалекти. На пример, само јазикот запотек се зборува на најмалку пет варијанти. Овие дијалекти станале толку различни што Запотечаните од различни области не можат да се разберат еден со друг.
Освен тоа, таму каде што нема утврдени стандарди за некој јазик, преведувачите мораат да си утврдат свои стандарди. За тоа е потребно многу истражување и советувања. Не е ни чудо што мнозина од нив во почетокот се чувствуваа како Елида од тимот на јазикот хуаве! Таа си спомнува: „Кога бев повикана во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Мексико како преведувач, во мене имаше две чувства — радост и страв“.
Исто така, преведувачите мораат да научат да работат на компјутер, да прават распоред и да научат техники на преведување. Задачата навистина е предизвик за нив. Што мислат тие за тоа? Глорија, член на тимот на јазикот маја, одговара: „Не може да се опише со зборови колку сме радосни што имаме удел во преведувањето на библиските публикации на јазикот маја, нашиот мајчин јазик“. А еден надгледник на Преведувачкиот оддел во врска со преведувачите вели: „Желбата да ги имаат библиските публикации на својот јазик е толку голема што вложуваат секаков напор за да се справат со предизвикот“. Дали напорот се исплати?
„Фала, Јехова“
Очигледно е дека Јехова го благословува делото на подрачјето на староседелските народи. Присуството на христијанските состаноци и собири е многу зголемено. На пример, во 2001, 223 Сведоци што зборуваат на јазикот мике се собраа за да го прослават Меморијалот на Христовата смрт. Но, вкупниот број на присутни беше 1.674 — седум и пол пати повеќе од бројот на Сведоци!
Некои луѓе што ја прифаќаат вистината, сега уште од почеток можат исправно да ја разберат. Мирна се сеќава што ѝ се случувало пред да се одржуваат состаноците на јазикот маја. „Се крстив по три месеци проучување на Библијата“, вели таа. „Знаев дека треба да се крстам, но морам да признаам дека всушност не ги разбирав библиските вистини онака како што требаше. Мислам дека причината е тоа што мајчин јазик ми е маја, а шпански не разбирав добро. Ми требаше некое време за вистински да ја сфатам вистината.“ Денес, таа и нејзиниот сопруг се среќни што се дел од преведувачкиот тим на јазикот маја.
Сите во собранието се многу радосни што ги добиваат публикациите на својот јазик. Кога беше издадена новопреведената брошура Радувај се на животот засекогаш на земјата! на јазикот цоцил, една жена што почнала да присуствува на христијанските состаноци ја прегрнала брошурата и извикала: „Фала, Јехова!“ Извештаите покажуваат дека голем број луѓе што ја проучуваат Библијата побрзо напредуваат до крштавање, неактивните објавители повторно стануваат активни, а многу христијански браќа сега се чувствуваат квалификувани да прифатат одговорности во собранието. Некои станари се поспремни да прифатат и да проучуваат библиска литература на нивниот јазик.
Во еден случај, една сестра отишла да води библиска студија, но не ја нашла жената дома. Кога излегол сопругот, му понудила да му прочита нешто од една брошура. „Не сакам ништо“, одговорил тој. Сестрата му рекла на јазикот тотонак дека брошурата е на нивниот јазик. Кога го чул тоа, човекот повлекол една клупа и седнал. Додека му читала, постојано велел: „Тоа е точно. Да, така е“. Тој сега присуствува на христијанските состаноци.
Во Јукатан, сопругот на една жена Сведок се противел на вистината и понекогаш ја тепал кога си доаѓала од состанок. Кога состаноците почнале да се одржуваат на јазикот маја, таа решила да го покани. Тој дошол и навистина уживал. Сега редовно присуствува на состаноците, има библиска студија и, излишно е да се каже, повеќе не ја тепа сопругата.
Еден човек што зборува на јазикот тотонак им рекол на две сестри дека никогаш не се моли зашто католичкиот свештеник му рекол дека Бог ги слуша молитвите само на шпански. Всушност, морал да му плати на свештеникот да се моли за Тотоначаните. Сведоците му објасниле дека Бог ги слуша молитвите на сите јазици, и му дале брошура на јазикот тотонак, која тој со радост ја зел (2. Летописи 6:32, 33; Псалм 65:2).
„Kualtsin Tajtoua“
Одушевени од ваквиот развој на настаните, многу објавители на Царството се трудат да научат или да си го подобрат знаењето на некој староседелски јазик. Токму тоа го прави и еден покраински надгледник кој служи во пет собранија на јазикот нахуатл во северниот дел на државата Пуебла. Тој раскажува: „Децата што порано заспиваа на состаноците сега се сосем будни и внимателно слушаат кога зборувам нахуатл. На крајот на еден состанок, едно четиригодишно момче дојде и ми рече: ‚Kualtsin tajtoua‘ (добро зборуваш). Тогаш почувствував дека напорот навистина се исплати“.
Да, подрачјето на староседелски јазици навистина е ‚бело за жетва‘ и сите што учествуваат многу се охрабрени (Јован 4:35). Роберто, кој работел на тоа да се организираат преведувачки тимови, вака го сумира тоа: „Незаборавно искуство е да видиш како солзи радосници се слеваат по образите на нашите браќа и сестри кога ја слушаат вистината на својот мајчин јазик и ја сфаќаат смислата. Кога размислувам за тоа како да имам грутка во грлото“. Несомнено, тоа што им се помага на овие искрени луѓе да заземат став за Царството му донесува радост и на Јехова (Пословици 27:11).
[Рамка на страници 10 и 11]
Запознај се со некои од преведувачите
● „Родителите ме поучуваа за вистината од како памтам за себе. За жал, кога имав 11 години, татко ми го напушти христијанското собрание. Две години подоцна, мајка ми нѐ напушти. Бидејќи бев најстара од петте деца, морав да ги преземам одговорностите на мајка ми, иако сѐ уште одев во училиште.
Нашите духовни браќа и сестри со љубов нѐ поддржуваа, но животот беше тежок. Понекогаш се прашував: ‚Зошто мене ми се случува ова? Толку сум млада!‘ Успеав само со помошта од Јехова. Откако матурирав, станав полновремен министер и тоа многу ми помогна. Кога беше формиран преведувачкиот тим на нахуатл, бев повикана во него.
Сега татко ми е повторно во собранието, а моите помлади браќа и сестри му служат на Јехова. Се исплатеше сиот напор што го вложив за да му останам верна на Јехова. Тој многу го благослови моето семејство“ (Алисија).
● Една соученичка што беше Сведок одржала говор за потеклото на животот. Јас го испуштив тој час и бев загрижен што ќе направам на тестот, па затоа ја замолив да ми ја објасни таа тема. Отсекогаш се прашував зошто луѓето умираат. Кога ми ја понуди книгата Создавањеa и библиска студија, прифатив. Бев длабоко трогнат од намерата и љубовта на Творецот.
Кога го завршив училиштето, имав прилика да станам наставник по два јазика, шпански и цоцил. Но, ќе требаше да се преселам многу далеку, да имам часови за време на викендите и да ги пропуштам христијанските состаноци. Наместо тоа, работев како ѕидар. На татко ми, кој не беше Сведок, воопшто не му се допаѓаше мојата одлука. Подоцна, додека служев како пионер, беше формиран еден тим за преведување на библиската литература на цоцил. Бев поттикнат и јас да учествувам.
Можам да видам дека поради тоа што имаат публикации на својот јазик нашите браќа и сестри се чувствуваат ценети и почестени. Тоа е големо задоволство. Се чувствувам многу почестен што ја имам мојата доделба“ (Умберто).
● „Мајка ми нѐ напушти кога имав шест години. Кога бев тинејџерка, татко ми почна да проучува со Јеховините сведоци. Еден ден една сестра ми понуди библиска студија во која беа вклучени и совети за младите. Како тинејџерка без мајка, сфатив дека токму тоа ми беше потребно. Се крстив на 15 години.
Во 1999 татко ми беше убиен од некои злобни луѓе што ја посакуваа неговата земја. Бев скршена. Паднав во длабока депресија и мислев дека не можам понатаму. Но, продолжив да му се молам на Јехова да ми даде сила. Патувачкиот надгледник и неговата сопруга многу ме охрабрија. Набрзо станав општ пионер.
Еднаш забележав некои браќа што пешачеа шест часа само за да чујат 20-минутен говор на тотонак, иако остатокот од состанокот беше на шпански, кој тие не го разбираа. Затоа, бев воодушевена кога бев повикана да помогнам во преведувањето на библиските публикации на тотонак.
Порано му велев на татко ми дека сонувам да служам во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци. Тој ми рече дека тоа не е лесно за сама девојка на мои години. Колку само ќе биде радосен кога ќе се врати во воскресението и кога ќе дознае дека можев да го направам тоа и да преведувам библиска литература на нашиот јазик!“ (Едит).
[Фуснота]
a Животот — како настанал? Преку еволуција или преку создавање?, издадена во 1985 од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 9]
Членовите на преведувачкиот тим на цоцил дискутираат за збор што е тежок за преведување