Дали некогаш ќе имаме вистинска сигурност?
ДЕЦА среќно си играат со родителите што ги сакаат — кој не ужива кога гледа ваква сцена? Децата се чувствуваат потполно сигурни во присуство на своите грижливи родители. Сепак, многу млади речиси и немаат такви моменти на среќа. Наместо тоа, некои деца секој ден мораат да се секираат каде ќе преспијат ноќта. Има ли надеж за овие бездомни деца и за другите што живеат без сигурност?
Иако можеби иднината изгледа мрачно, Божјата реч ни дава надеж. Пророкот Исаија прорекол дека ќе дојде ден кога сите ќе живеат во потполна сигурност. Тој напишал: „Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го уживаат нивниот плод. Не ќе се гради веќе, за да живеат други, ниту ќе се сади за да уживаат други“ (Исаија 65:21, 22).
Но, дали има добар темел за оваа надеж? На крајот на краиштата, зборот „надеж“ не значи секогаш сигурност. На пример, во Бразил има една изрека: „Надежта умира последна“, што укажува дека многу луѓе се надеваат дури и кога нема вистински темел за надеж. Меѓутоа, надежта што ни ја дава живиот Бог е поинаква. Апостол Павле напишал: „Никој, кој ја положува својата вера во него, нема да се разочара“ (Римјаните 10:11). Библиските пророштва што веќе се исполниле нѐ уверуваат дека и сите други ветувања што ги дал Јехова Бог ќе се остварат. Кога тие ветувања ќе станат стварност, условите што ги принудуваат децата да живеат на улица ќе бидат минато.
Дури и денес, практичниот совет од Библијата може да им помогне на оние што се без надеж да си го подобрат животот и да најдат вистинска сигурност. Како е можно тоа? На Јеховините сведоци во твојата околина ќе им биде мило да ти помогнат да го дознаеш одговорот на ова прашање.