Прашања од читателите
Како треба христијанското собрание да гледа на лакомото јадење?
Божјата реч ги осудува и пијанството и лакомото јадење како однесување што не е прифатливо за оние што му служат на Бог. Затоа, за христијанското собрание, некој што по навика јаде лакомо е ист како некој што е хроничен пијаница. Ниту пијаница ниту човек што лакомо јаде не може да биде дел од христијанското собрание.
Пословици 23:20, 21 вели: „Не дружи се со винопијачите, ниту со месојадачите [оние што лакомо јадат месо, NW], зашто пијаницата и изедникот осиромашуваат, и дремливиот се облекува во партали“. Во Второзаконие 21:20 читаме за „опак и непокорен“ човек кој според Мојсеевиот закон заслужувал да биде убиен. Според овој стих, две обележја на тој непокорен и непокајнички човек биле ‚ништожен [изедник, NW] и пијаница‘. Јасно, во древниот Израел, за оние што сакале да му служат на Бог, лакомото јадење било неприфатлива навика.
Но, каков е тој човек што лакомо јаде, и што велат Христијанските грчки списи на оваа тема? Човек што лакомо јаде се дефинира како „некој што вообичаено се оддава на алчно и ненаситно јадење или пиење“. Според тоа, како прво, лакомото јадење е еден облик на алчност, а Божјата реч ни кажува дека ‚алчните‘ нема да го наследат Божјето Царство (1. Коринќаните 6:9, 10; Филипјаните 3:18, 19; 1. Петрово 4:3). Освен тоа, кога ги предупредил христијаните да не ги практикуваат „делата на телото“, апостол Павле спомнал „пијанки, лумпувања и слично“ (Галатите 5:19—21). Прејадувањето честопати оди заедно со пијанки и лумпувања. Освен тоа, лакомото јадење секако е вклучено во изразот на Павле „и слично“. Што се однесува до другите ‚дела на телото‘, еден христијанин што е општо познат како човек што лакомо јаде и кој тврдоглаво одбива да го смени своето алчно однесување треба да биде отстранет од собранието (1. Коринќаните 5:11, 13).a
Иако Божјата реч ги става во иста категорија, многу полесно е да се препознае пијаница отколку човек што лакомо јаде. Знаците на пијанство обично се доста видливи. Меѓутоа, многу потешко е да се одреди точката на која некој почнува да јаде лакомо по навика зашто тоа не може да се одреди само по надворешниот изглед. Затоа, кога се решаваат ситуации во врска со ова, потребни се голема внимателност и проникливост од страна на старешините во собранието.
На пример, дебелината може да биде знак на лакомо јадење, но не секогаш. Некој може да има преголема тежина како резултат на болест. И наследните фактори можат да придонесат за дебелина. Исто така, треба да имаме на ум дека дебелината е физичка состојба, додека лакомото јадење е умствен став. Дебелината се дефинира како „состојба што се карактеризира со претерана телесна угоеност“, додека лакомото јадење е „алчност или претерано да си угодуваш себеси“. Според тоа, лакомото јадење не се одредува според нечија тежина туку според неговиот став кон храната. Некој може да има нормална тежина или може да биде дури и слаб, а сепак да биде човек што лакомо јаде. Освен тоа, она што се смета за идеална тежина или фигура значително се разликува од место до место.
Кои се знаците на лакомо јадење? Еден човек што лакомо јаде постојано покажува недостиг од самосовладување, па дури и ненаситно јаде и јаде сѐ додека не почне да му се гади и да му се повраќа. Тоа што нема самосовладување покажува дека не му е гајле што со тоа му нанесува срам на Јехова и го руши добриот углед на Неговиот народ (1. Коринќаните 10:31). Од друга страна, пак, човек што се прејал во неколку прилики нема автоматски да се смета за „алчен“ (Ефешаните 5:5). Сепак, во духот на Галатите 6:1, можеби на таквиот христијанин ќе му треба помош. Павле вели: „Браќа, ако човек и направи некој погрешен чекор пред да биде свесен за тоа, вие кои имате духовни квалификации, обидете се да го исправите таквиот човек во дух на благост“.
Зошто денес е особено важен библискиот совет да не се јаде претерано? Затоа што, конкретно за нашево време, Исус предупредил: „Внимавајте на себе срцата никогаш да не ви отежнат од прејадување и прекумерно пиење и од животните грижи, и тој ден ненадејно да ве затече како замка“ (Лука 21:34, 35). Тоа што нема претерано да јадеме е еден важен начин да одбегнеме живот што е штетен во духовен поглед.
Умереноста е христијанска доблест (1. Тимотеј 3:2, 11). Затоа, Јехова сигурно ќе им помогне на сите што искрено се трудат да го применуваат библискиот совет во врска со умерените навики на јадење и пиење (Евреите 4:16).
[Фуснота]
a Види „Прашања од читателите“ во англиското издание на Стражарска кула од 1 мај 1986.