Обединети од љубовта кон Бог
КОГА било формирано христијанското собрание во првиот век од нашата ера, единството било една од неговите најистакнати карактеристики — и покрај тоа што во него имало најразлични луѓе. Тие обожаватели на вистинскиот Бог потекнувале од нации од Азија, од Европа и од Африка. Меѓу нив имало луѓе што потекнувале од најразлични средини — свештеници, војници, робови, бегалци, трговци, занаетчии и деловни луѓе. Едни биле Евреи, други не биле. Мнозина од нив порано биле прељубници, хомосексуалци, пијаници, крадци и изнудувачи. Меѓутоа, кога станале христијани, тие престанале со лошите навики и цврсто се обединиле во верата.
Како успеало христијанството од првиот век да ги обедини сите овие луѓе? Зошто тие можеле да бидат во мир еден со друг, а и со другите луѓе? Зошто не учествувале во бунтови и конфликти? Зошто раното христијанство толку се разликувало од големите религии што постојат денес?
Што ги зближувало членовите на собранието?
Најважниот фактор што ги обединил соверниците во првиот век бил љубовта кон Бог. Тие христијани сфатиле дека нивна првенствена обврска е да го сакаат вистинскиот Бог, Јехова, со сето срце, душа и ум. На пример, апостол Петар, кој бил Евреин, добил упатство да отиде во куќата на човек од друга националност, човек со кого тој обично не би се дружел. Љубовта кон Јехова била главното нешто кое го поттикнало да послуша. Петар и другите рани христијани биле во близок однос со Бог што се темелел на точно спознание за Неговата личност, како и на тоа што Бог сака, а што не сака. Со текот на времето, сите обожаватели сфатиле дека Јехова сака да бидат „обединети во ист ум и во ист правец на размислување“ (1. Коринќаните 1:10; Матеј 22:37; Дела 10:1-35).
Друг фактор што ги зближувал соверниците била нивната вера во Исус Христос. Тие сакале тесно да ги следат неговите стапки. Тој им заповедал: ‚Љубете се еден со друг; како што јас ве љубев . . . По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе‘ (Јован 13:34, 35). Ова не требало да биде само плитка емоција, туку самопожртвувана љубов. Каков ќе бил резултатот од таквата љубов? Во врска со оние што покажувале вера во него, Исус се молел: „Те молам . . . да бидат сите едно, како што ти, Татко, си во обединетост со мене и јас во обединетост со тебе, така и тие да бидат во обединетост со нас“ (Јован 17:20, 21; 1. Петрово 2:21).
Јехова го излеал својот свет дух, односно активна сила, врз своите вистински слуги. Овој дух помагал тие да бидат обединети. Освен тоа, им овозможил да ги разберат библиските учења и тоа разбирање било прифатено од сите собранија. Обожавателите на Јехова проповедале една иста порака — посветување на Јеховиното име преку Божјето месијанско Царство — небесна влада што ќе владее над сето човештво. Раните христијани разбрале дека не смеат да бидат „дел од овој свет“. Затоа, кога доаѓало до граѓански бунтови или воени судири, христијаните останувале неутрални. Тие се труделе да бидат во мир со сите (Јован 14:26; 18:36; Матеј 6:9, 10; Дела 2:1-4; Римјаните 12:17-21).
Сите верници ја прифатиле својата одговорност да придонесат за единството. Како? Така што воделе сметка нивното однесување да биде во склад со Библијата. Затоа, апостол Павле им напишал на христијаните: „Соблечете [ја] старата личност која се приспособува кон вашиот поранешен начин на однесување“, и „облечете [ја] новата личност“ (Ефешаните 4:22-32).
Единството се одржува
Се разбира, верниците во првиот век биле несовршени и имало ситуации кои претставувале испит за нивното единство. На пример, Дела 6:1-6 кажува дека дошло до несогласување меѓу еврејските христијани кои зборувале грчки и оние што зборувале хебрејски. Оние што зборувале грчки сметале дека се дискриминирани. Меѓутоа, штом апостолите дознале за таа работа, веднаш ја решиле на праведен начин. Подоцна, поради едно доктринарно прашање дошло до спор во врска со тоа кои обврски ги имаат не-Евреите во христијанското собрание. Била донесена одлука на темел на библиските начела, и оваа одлука била едногласно прифатена (Дела 15:1-29).
Овие примери покажуваат дека несогласувањата во христијанското собрание од првиот век не довеле до етнички поделби ниту пак до раздор предизвикан од непопустливо придржување кон извесни доктринарни гледишта. Зошто? Затоа што обединувачките фактори — љубовта кон Јехова, верата во Исус Христос, самопожртвуваната меѓусебна љубов, прифаќањето на водството од светиот дух, истото разбирање на библиските учења и спремноста да прават промени во своето однесување — биле доволно силни за раното собрание да остане во мир и единство.
Обединети во обожавањето во наше време
Дали може да се постигне исто такво единство и денес? Дали истите овие фактори сѐ уште можат да ги зближат членовите на една вера и да им помогнат да бидат во мир со сите раси во сите делови од светот? Да! Јеховините сведоци се обединети во едно светско братство што се протега во повеќе од 230 земји и острови. И нив ги обединуваат истите фактори што ги обединувале и христијаните во првиот век.
Најважно нешто што придонесува за единството на Јеховините сведоци е нивната оддаденост на Јехова Бог. Ова значи дека тие се трудат да му останат лојални под секакви околности. Сведоците на Јехова исто така практикуваат вера во Исус Христос и во неговите учења. Овие христијани покажуваат самопожртвувана љубов кон соверниците и ја проповедаат истата добра вест за Божјето Царство во сите земји каде што се активни. Тие се спремни да разговараат за Царството со луѓето од сите вери, раси, националности и општествени слоеви. Освен тоа, Јеховините сведоци остануваат неутрални во поглед на работите во светот, и ова им помага да издржат кога ќе се соочат со политички, културни, социјални и трговски притисоци кои имаат силно разединувачко влијание меѓу луѓето. Сите Сведоци ја прифаќаат одговорноста да придонесуваат за единството со тоа што се однесуваат во склад со библиските мерила.
Единството ги привлекува другите
Ова единство честопати го подбудува интересот на луѓето што не се Сведоци. На пример, Илзеa порано била калуѓерка во католички манастир во Германија. Што ја привлекло кон Јеховините сведоци? Илзе вели: „Тие се најдобрите луѓе што некогаш сум ги сретнала. Не одат во војна и не прават ништо со што би им наштетиле на другите. Сакаат да им помогнат на луѓето да живеат среќно на рајска Земја под Божјето Царство“.
Друг пример е Гинтер, кој во Втората светска војна служел како војник во германската армија стационирана во Франција. Еден ден, еден протестантски свештеник одржал богослужба за војниците во единицата на Гинтер. Свештеникот се молел за благослов, заштита и победа. По богослужбата, Гинтер бил поставен на стража. Со помош на двогледот, тој ги набљудувал непријателските војски на другата страна од фронтот кои исто така присуствувале на богослужба што ја држел некој свештеник. Подоцна Гинтер забележал: „Најверојатно и тој свештеник се молеше за благослов, заштита и победа. Се прашував како е можно христијански цркви да бидат на спротивставени страни во една иста војна“. Овие впечатоци се врежале во сеќавањето на Гинтер. Кога подоцна дошол во контакт со Јеховините сведоци, кои не учествуваат во војна, Гинтер станал член на нивното меѓународно братство.
Ашок и Фима припаѓале на една источна религија. Дома имале олтар посветен на еден бог. Кога нивното семејство било погодено од тешка болест, тие ја преиспитале својата религија. Од разговорите со Јеховините сведоци, Ашок и Фима биле импресионирани од учењата на Библијата и од љубовта меѓу Сведоците. Сега и самите се ревносни објавители на добрата вест за Јеховиното Царство.
Илзе, Гинтер, Ашок и Фима се обединети со милиони Јеховини сведоци во едно светско братство. Тие веруваат во библиското ветување дека наскоро истите фактори што ги обединуваат во обожавање нив денес, наскоро ќе го обединат целото послушно човештво. Тогаш повеќе нема да има ѕверства, раздор и поделби во името на религијата. Целиот свет ќе биде обединет во обожавањето на вистинскиот Бог, Јехова (Откровение 21:4, 5).
[Фуснота]
a Некои од имињата во оваа статија се променети.
[Слики на страници 4 и 5]
Иако имале најразлично потекло, раните христијани биле обединети