Како да направиме секој ден да вреди
„НАУЧИ нѐ да ги броиме нашите дни, да придобиеме мудро срце“ (Псалм 90:12). Овие зборови се од понизната молитва на библискиот писател Мојсеј. Што точно барал тој? Дали треба и ние, со длабока почит, да побараме такво нешто?
Во 10. стих, Мојсеј тажел затоа што животниот век на човекот е толку краток. Во една друга прилика, тој ја запишал следнава изјава на Јов: „Човек кого жена го родила е кусовечен и полн со неволји“ (Јов 14:1). Јасно е дека Мојсеј бил сосем свесен дека животот на несовршените луѓе е краток. Затоа, тој го сметал секој ден како еден скапоцен подарок. Кога му го упатил своето барање на Бог, Мојсеј ја изразил својата желба мудро да ги проживее деновите што му преостануваат, на начин кој му е угоден на Творецот. Зарем не треба и ние да го живееме секој ден од животот на начин што има смисла? Вистински ќе се трудиме да живееме така ако сакаме Бог да нѐ прифати уште денес.
Има уште нешто што ги мотивирало Мојсеј и Јов, нешто што треба да нѐ мотивира и нас. Овие двајца побожни луѓе се надевале на една идна награда— живот на земјата под подобри услови (Јов 14:14, 15; Евреите 11:26). Во тоа време, сето добро што некој го направил нема да биде прекинато со смртта. Нашиот Творец има намера оние што му се верни да живеат вечно во рајски услови на Земјата (Исаија 65:21-24; Откровение 21:3, 4). На ова може да се надеваш и ти ако ‚ги броиш твоите денови така што ќе придобиеш мудро срце‘.