Победници на еден посебен начин
ДАЛИ твојата вера наидува на противење — можеби на работа, на училиште, во семејството или, пак, поради ограничувања што ги наметнува државата? Ако да, не обесхрабрувај се. Многу Јеховини сведоци се соочиле со слични испити, па сепак на крајот излегле како победници. Еден таков пример е Ерна Лудолф.
Ерна е родена во Либек (Германија) во 1908 година. Таа била единствената во семејството која му служела на Јехова. Кога Хитлер дошол на власт во 1933 година, животот за Јеховините сведоци станал многу тежок. Колегите на работа ја поткажале Ерна дека одбива да поздрави со „Хајл Хитлер“, и затоа била уапсена од нацистите. Поминала осум години во разни затвори и во концентрационите логори Хамбург Фулсбител, Моринген, Лихтенбург и Равенсбрук. Додека била во Равенсбрук, се случило нешто што ѝ помогнало да излезе како победник.
Една посебна домашна помошничка
Професор Фридрих Холц и неговата жена, Алисе, живееле во Берлин. Не биле членови на нацистичката партија и не се согласувале со нејзината идеологија. Меѓутоа, биле роднини со еден есес-офицер со висок чин, кој бил одговорен за некои затвореници во логорот. Професорот и жена му барале домашна помошничка и овој есес-офицер им дал да си изберат една од затвореничките. Така, во март 1943 година, Алисе дошла во Равенсбрук за да си избере домашна помошничка. Кого го избрала? Ерна Лудолф. Ерна почнала да живее со семејството Холц, и тие добро се однесувале со неа. Откако завршила војната, сите заедно се преселиле во Хале на реката Зале. Таму Ерна повторно се соочила со противење, но овој пат од социјалистичките власти на Источна Германија. Во 1957 година, целото семејство било депортирано во Западна Германија, и Ерна се преселила со нив. Конечно, можела слободно да ја исповеда својата вера.
На кој посебен начин Ерна излегла како победник? Па, како резултат на нејзиното добро однесување и тактично проповедање на пораката од Библијата, Алисе Холц и петте нејзини деца се крстиле како Сведоци на Јехова. Освен тоа, 11 внуци на Алисе исто така станале Сведоци. Двајца од нив моментално служат во подружницата на Јеховините сведоци во Селтерс (Германија). „Нашето семејство е во вистината пред сѐ поради примерот на Ерна“, вели Сузане, ќерка на Алисе. Истрајноста на Ерна била богато наградена. А како е со тебе? И твојата верна истрајност под тешки околности може да биде наградена со слични резултати. Да, со своето добро однесување и тактично проповедање, и ти можеш да излезеш како победник на еден посебен начин.a
[Фуснота]
a Додека се подготвуваше оваа статија, Ерна Лудолф почина, на 96 години. Остана верна до крај.
[Слика на страница 31]
Ерна Лудолф (седи) со членови на семејството Холц