Разговараш ли со оние што ги сакаш?
„НАШАТА способност да комуницираме со оние што ги сакаме драстично опаѓа“, се известува во полскиот неделник Polityka. Според некои проценки, во Соединетите Држави брачните другари водат изградувачки разговори еден со друг само шест минути дневно. Некои стручњаци сметаат дека половина од сите разделувања и разводи се последица на ова опаѓање.
Како е со разговорот помеѓу родителите и децата? Во поголемиот број случаи, „излегува дека тоа не е разговор туку испрашување: Како беше на училиште? Што ти прават другарите?“, забележува спомнатиот извештај. Во него се поставува прашањето: „Како ќе научат нашите деца да развијат емоционални врски?“
Бидејќи човек не станува туку-така вешт во комуникацијата, како можеме да ја подобриме нашата способност да разговараме? Христијанскиот ученик Јаков ни дава еден важен совет: „Секој човек мора да биде брз на слушање, бавен на зборување, бавен на гнев“ (Јаков 1:19). Да, за да водиме изградувачки разговори, треба внимателно да слушаме и да не го прекинуваме другиот нестрпливо ниту, пак, избрзано да донесуваме заклучоци. Треба да избегнуваме да критикуваме, зашто со тоа лесно можеме да го прекинеме разговорот. Освен тоа, Исус користел тактични прашања, не за да ги испитува туку за да дознае што има во срцето на оние што го слушаат и за да ја зајакне врската меѓу него и нив (Пословици 20:5; Матеј 16:13-17; 17:24-27).
Применувајќи ги начелата од Библијата, преземи го првиот чекор да разговараш и да комуницираш со оние што ги сакаш. Тоа може да ти помогне да имаш срдечна врска што ќе ја негуваш долги години — па дури и цел живот.