Менонитите во потрага по библиската вистина
ЕДНО утро во ноември 2000 година, двајца мисионери на Јеховините сведоци во Боливија погледнале низ прозорецот на својот мал дом и виделе група едноставно облечени мажи и жени, кои вознемирено стоеле пред вратата. Кога мисионерите им отвориле, првото нешто што го рекле посетителите било: „Сакаме да ја дознаеме вистината од Библијата“. Тие биле менонити. Мажите носеле работничка облека, жените имале темни престилки, и меѓусебе зборувале на германски дијалект. Во очите им се читал страв. Постојано се обѕрнувале за да видат да не ги следи некој. Сепак, уште додека се качувале по скалите за да влезат во куќата, еден од младите мажи рекол: „Сакам да ги запознаам луѓето што го користат Божјето име“.
Внатре, посетителите се подопуштиле кога ги послужиле со нешто за да се освежат. Дошле од една оддалечена, изолирана земјоделска колонија. Таму, шест години го добивале по пошта списанието Стражарска кула. „Прочитавме дека на Земјата ќе има рај. Точно ли е тоа?“, прашале тие. Сведоците им покажале каков одговор дава Библијата (Исаија 11:9; Лука 23:43; 2. Петрово 3:7, 13; Откровение 21:3, 4). „Гледате!“, им рекол на другите еден земјоделец. „Тоа е точно. На Земјава ќе има рај“. Другите постојано велеле: „Мислам дека ја најдовме вистината“.
Кои се менонитите? Што веруваат? За да одговориме на овие прашања, мораме да се вратиме во 16 век.
Кои се менонитите?
Во 1500-тите, подемот во преведувањето и печатењето на Библијата на јазиците на обичниот народ во Европа го обновил интересот за изучување на Библијата. Мартин Лутер и другите реформатори отфрлиле многу учења на католичката црква. Сепак, новооформените протестантски цркви задржале многу небиблиски обичаи. На пример, повеќето очекувале секое новороденче да биде крстено во црквата. Меѓутоа, некои што истражувале за да ја пронајдат библиската вистина сфатиле дека човек станува член на христијанското собрание само ако пред да се крсти донесе лична одлука темелена на спознание (Матеј 28:19, 20). Ревносните проповедници што верувале во тоа почнале да одат низ градовите и селата учејќи за Библијата и крштавајќи возрасни лица. Затоа биле наречени анабаптисти, што значи „оние што крштаваат по вторпат“.
Еден од оние што ја барале вистината кај анабаптистите бил Мено Симонс, католички свештеник во селото Витмарсум во северниот дел на Холандија. Во 1536 година тој ги прекинал сите врски со црквата и затоа почнале да го прогонуваат. Во 1542 година, лично императорот на Светото римско царство, Карло V, ветил награда од 100 гулдени за оној што ќе го фати Мено. И покрај сѐ, Мено собрал некои анабаптисти и оформил собранија. Наскоро, тој и неговите следбеници биле наречени менонити.
Менонитите денес
Со текот на времето, поради прогонството, илјадници менонити од Западна Европа отишле во Северна Америка. Тие имале прилика да продолжат со својата потрага по вистината и да им ја шират својата порака на многу други луѓе. Но, огромната ревност што ја имале нивните предци за постојано да ја проучуваат Библијата и јавно да проповедаат, во голема мера згаснала. Повеќето од нив и понатаму варувале во извесни небиблиски учења, како што се тројството, бесмртноста на човечката душа и пеколот (Проповедник 9:5; Езекиел 18:4; Марко 12:29). Денес, дејноста на мисионерите на менонитите главно се состои од медицински и општествени услуги, а не од проповедање.
Се проценува дека денес има околу 1.300.000 менонити во 65 земји. Сепак, денешните менонити се жалат дека им недостига единство, како што се жалел и Мено Симонс пред неколку века. Во текот на Првата светска војна, разликите во мислењата во врска со конфликтите во светот предизвикале големи поделби. Мнозина во Северна Америка одбивале воена служба од библиски причини. Но, во An Introduction to Mennonite History (Вовед во историјата на менонитите) стои: „Во 1914 година, одбивањето воена служба за менонитските цркви во Западна Европа главно било само минато“. Денес, некои групи менонити помалку или повеќе го прифатиле современиот начин на живот. Други сѐ уште си ја закопчуваат облеката со сусти наместо со копчиња и сметаат дека не е исправно мажите да се бричат.
Некои групи менонити, одлучни да останат одвоени од современиот свет, се преселиле во места каде што локалните власти ги оставале да си живеат без да им се мешаат. На пример, се проценува дека во Боливија 38.000 менонити живеат во бројни оддалечени колонии, и секоја од нив има посебни правила на однесување. Во некои колонии е забрането да се користат моторни возила, а дозволени се само коњи и кочии. Во други колонии се забранети радиото, телевизорот и музиката. Некои забрануваат дури и да се учи јазикот на земјата во која живеат. „За да нѐ држат под контрола, проповедниците не ни даваат да учиме шпански“, рекол еден жител на колонијата. Мнозина се чувствуваат потиснати и живеат во страв дека ќе бидат истерани од заедницата — страшна работа за некој што никогаш не живеел во надворешниот свет.
Како било посеано семето на вистината
Во вакви околности, менонитскиот фармер по име Јохан видел еден примерок од списанието Стражарска кула кај својот сосед. Семејството на Јохан се преселило од Канада во Мексико, а подоцна во Боливија. Но, Јохан одсекогаш сакал некој да му помогне да ја пронајде библиската вистина. Го замолил соседот да му го позајми списанието.
Подоцна, додека бил во градот да продава производи од својата фарма, Јохан ѝ пристапил на некоја жена Сведок што на пазарот ги нудела списанијата Стражарска кула. Таа го упатила кај еден мисионер што зборувал германски, и наскоро Јохан по пошта добивал Стражарска кула на германски јазик. Секое издание внимателно го проучувал, а потоа одело од фамилија до фамилија во неговата колонија, сѐ додека списанието не се испокинело. Понекогаш цели фамилии се собирале за да го проучуваат списанието до полноќ, и ги барале сите наведени библиски стихови. Јохан бил уверен дека Јеховините сведоци се оние што обединето ја извршуваат Божјата волја во целиот свет. Пред да умре, Јохан им рекол на жена си и на децата: „Секогаш морате да читате Стражарска кула. Таа ќе ви помогне да ја разберете Библијата“.
Некои од фамилијата на Јохан почнале да им зборуваат на своите соседи за она што го учеле од Библијата. „Земјата нема да биде уништена. Напротив, Бог ќе ја претвори во рај“, велеле тие. „Освен тоа, Бог не ги мачи луѓето во пекол.“ За овие разговори наскоро чуле проповедниците во црквата, кои му се заканиле на семејството на Јохан дека ќе ги исклучат од заедницата ако не престанат да зборуваат така. Подоцна, за време на една семејна дискусија за притисокот што им го вршеле менонитските старешини, еден млад човек отворено рекол: „Не знам зошто се жалиме од нашите старешини во црквата. Сите знаеме која е вистинската религија, а сѐ уште ништо не сме сториле во врска со тоа“. Овие зборови допреле до срцето на татко му на овој млад човек. Наскоро, десетмина од семејството тргнале на тајно патување за да ги пронајдат Јеховините сведоци, и на крајот стигнале во домот на мисионерите, како што спомнавме во почетокот.
Следниот ден, мисионерите отишле да ги посетат своите нови пријатели во колонијата. Моторното возило на мисионерите било единственото возило на патот. Додека бавно возеле крај кочиите со коњи, се погледнувале со подеднакво љубопитните локални жители. Наскоро седеле на маса со десет менонити од две семејства.
Тој ден четири часа го проучувале првото поглавје од нигата Спознание кое води до вечен живот.a За секој пасус фармерите барале дополнителни библиски стихови и сакале да знаат дали исправно ги разбираат стиховите. По секое прашање за проучување следела пауза од неколку минути, кога фармерите се конслутирале меѓусебе на германски јазик, а потоа еден од нив давал одговор на шпански јазик во името на целата група. Тоа бил незаборавен ден, но им се готвела неволја. Им претстоеле тешкотии, исто како на Мено Симонс кога тргнал во потрага по библиската вистина речиси пет века пред тоа.
Неволји поради вистината
По неколку дена, црковните старешини дошле кај семејството на Јохан условувајќи ги оние што се интересирале за Сведоците: „Чувме дека кај вас доаѓаат Јеховини сведоци. Морате да им забраните пак да доаѓаат, а ако не ни ја дадете нивната литература за да ја запалиме, ќе ве исклучиме“. Бидејќи само еднаш проучувале со Сведоците, ова било огромен испит за нив.
„Не можеме да направиме така“, одговорил еден од семејните поглавари. „Тие луѓе дојдоа да нѐ поучат за Библијата.“ Како реагирале старешините? Ги исклучиле од заедницата затоа што ја проучувале Библијата! Тоа навистина било сурова постапка. Запрежната кола што припаѓала на фабриката за сирење на колонијата поминала крај домот на едно семејство без да го собере нивното млеко, а со тоа ги лишиле од единствениот извор на приходи. Еден семеен поглавар бил отпуштен од работа. На друг не му било дозволено да купи намирници во продавницата на колонијата, а неговата десетгодишна ќерка ја избркале од училиште. Соседите се собрале околу еден дом за да му ја земат жената на еден млад човек, тврдејќи дека таа не смее да живее со маж ѝ, кој е исклучен од црквата. И покрај сево ова, фамилиите што ја проучувале Библијата не се откажале од својата потрага по вистината.
Мисионерите и понатаму патувале долго секоја седмица за да ја проучуваат Библијата со менонитите. Колку биле охрабрени од проучувањето тие фамилии! Некои од фамилиите патувале по два часа со коњ и кочија за да проучуваат и тие. Било трогателно кога семејствата првпат замолиле еден од мисионерите да се помоли. Во тие колонии, менонитите никогаш не се молат на глас, па затоа никогаш порано не чуле некој да се моли за нив. Очите на присутните се наполниле со солзи. А можеш ли да си замислиш колку биле љубопитни кога мисионерите донеле касетофон? Во нивната колонија никогаш не било дозволено да се пушта музика. Толку им се допаднале убавите Мелодии на Царството што решиле да пеат песни на Царството секојпат кога ќе завршат со проучувањето! Сепак, останало прашањето: ‚Како да преживеат во новите околности?‘
Наоѓаат братство полно со љубов
Отсечени од својата заедница, семејствата почнале самите да произведуваат сирење. Мисионерите им помогнале да најдат купувачи. Еден долгогодишен Сведок од Северна Америка што пораснал во колонија менонити во Јужна Америка чул за неволјата на ова семејство. Тој многу сакал да помогне. По само една седмица, отишол со авион во Боливија за да ги посети. Освен што духовно многу ги охрабрил, тој им помогнал да си купат комбе за да можат да одат на состаноците во Салата на Царството и за да ги носат своите производи на пазар.
„Ни беше тешко откако нѐ исклучија од заедницата. Тажни одевме во Салата на Царството“, се сеќава еден од нив, „но се враќавме радосни.“ Навистина, локалните Сведоци излегоа во пресрет и се понудија да помогнат. Некои научија германски, а неколку Сведоци што зборуваат германски јазик дојдоа од Европа во Боливија за да помогнат да се водат христијански состаноци на германски јазик. Наскоро, 14 души од менонитите почнаа да им ја проповедаат на другите добрата вест за Царството.
На 12 октомври 2001, помалку од една година по таа прва посета во мисионерскиот дом, 11 од овие поранешни анабаптисти повторно се крстија, овојпат како симбол на своето предание на Јехова. Оттогаш, и други го направија истото. Подоцна едно од тие лица рече: „Откако ја дознавме вистината од Библијата, се чувствуваме како робови што се пуштени на слобода“. Друг рече: „Многу менонити се жалат дека меѓу нив нема љубов. Но, Јеховините сведоци се грижат еден за друг. Меѓу нив се чувствувам убаво“. Ако сакаш подобро да ја разбереш вистината од Библијата, можеби и ти се соочуваш со слични проблеми. Но, ако бараш помош од Јехова и покажуваш вера и храброст како овие семејства, и ти ќе успееш и ќе бидеш среќен.
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 25]
Сите реагираа радосно кога добија библиска литература на германски јазик
[Слика на страница 26]
Иако отсекогаш им било забрането да слушаат музика, сега тие пеат секојпат кога ќе завршат со проучување на Библијата