ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w05 15/12 стр. 9-12
  • ‚Се проповеда ослободување на заробените‘

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • ‚Се проповеда ослободување на заробените‘
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
  • Поднаслови
  • Од зависници на дрога до христијани
  • Се менуваат закоравени криминалци
  • Јавно признание
  • Користи надвор од затворските врати
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
w05 15/12 стр. 9-12

‚Се проповеда ослободување на заробените‘

ВО ПОЧЕТОКОТ од својата служба, Исус кажал дека дел од задачата што му е доделена да ја изврши е ‚да проповеда ослободување на заробените‘ (Лука 4:18). По примерот на својот Господар, вистинските христијани им ја проповедаат добрата вест за Царството на „сите видови луѓе“, со што ги ослободуваат од духовното заробеништво и им помагаат да си го подобрат животот (1. Тимотеј 2:4).

Денес, ова дело опфаќа и проповедање на затвореници во дословна смисла — луѓе коишто се затворени поради најразлични криминални дела и кои ценат што се ослободени во духовна смисла. Уживај во овој охрабрувачки извештај за тоа како проповедаат Јеховините сведоци во затворите во Украина и на други места низ Европа.

Од зависници на дрога до христијани

Дваесет од своите 38 години живот, Сергејa ги минал зад решетки. Дури и школувањето го довршил во затвор. Тој вели: „Затворен сум пред повеќе години заради убиство, и уште ја одлежувам казната. Во затворов се однесував насилнички и останатите затвореници се плашеа од мене“. Дали тоа направило да се чувствува како да е на слобода? Не. Долги години, Сергеј им робувал на дрогата, алкохолот и тутунот.

Потоа еден од затворениците му зборувал за Библиската вистина. Како зрак светлина да пробил низ темнина. За само неколку месеци, престанал со сите свои зависности, станал проповедник на добрата вест и се крстил. Сега Сергеј е многу зафатен во затворот, бидејќи служи како полновремен проповедник. До сега им има помогнато на седуммина криминалци да се сменат и да станат негови духовни браќа. Шест од нив веќе се на слобода, но Сергеј и понатаму останува зад решетките. Тоа не го тревожи многу зашто приликата да им помага на други да се ослободат од духовното заробеништво му причинува големо задоволство (Дела 20:35).

Еден од оние што Сергеј ги поучувал за вистината е Виктор, поранешен дилер и зависник од дрога. Откако излегол од затвор, Виктор продолжил да напредува духовно и стигнал дури до таму што дипломирал на Школата за оспособување на слуги во Украина. Моментално служи како специјален пионер во Молдавија. Виктор вели: „На 8 години почнав да пушам, на 12 да пијам и на 14 да се дрогирам. Сакав да го сменам тој живот, но сите обиди ми пропаднаа. Потоа, во 1995 година, токму кога со жена ми решивме да се преселиме некаде подалеку од моето лошо друштво, таа беше до смрт избодена од манијак со склоност да убива. Животот ми стана мизерен. ‚Каде е сега жена ми? Што се случува откако некој ќе умре?‘ Постојано имав прашања на кои не можев да најдам одговор. Земав сѐ повеќе дрога за да ја потполнам празнината во себе. Бев уапсен за препродавање дрога и осуден на пет години затвор. Таму Сергеј ми помогна да го најдам одговорот на моите прашања. Многупати се обидов да се тргнам од дрогата, но само овојпат успеав, благодарение на помошта од Библијата. Божјата реч има многу силно влијание!“ (Евреите 4:12).

Се менуваат закоравени криминалци

Васил никогаш не користел дрога, но не го избегнал затворот. „Кикбоксот беше мојата страст“ објаснува. „Се извежбав да претепам некого без да му оставам модринки.“ Васил го користел ваквото насилство за да ги ограбува луѓето. „Бев во затвор трипати, поради што жена ми ме остави. Кога ја одлежував последната затворска казна од пет години, дојдов во контакт со литературата на Јеховините сведоци. Тоа ме поттикна да ја читам Библијата. Но сѐ уште бев вплеткан во она што го правев со уживање — тепачки без правила.

Сепак, по шест месеци читање на Библијата, нешто во мене се смени. Тоа што ќе победев во некоја тепачка не ми го носеше истото задоволство како порано. Почнав да си го преиспитувам животот имајќи ги на ум зборовите од Исаија 2:4 и сфатив дека, ако не го сменам начинот на којшто размислувам, целиот живот ќе ми помине во затвор. Затоа ја фрлив сета опрема за кикбокс и почнав да ја менувам својата личност. Не беше лесно, но длабокото размислување и молитвата многу ми помогнаа да се куртулам од моите лоши навики. Имаше моменти кога со солзи го преколнував Јехова да ми даде сила да се ослободам од мојата зависност. На крај, успеав.

Откако ме ослободија од затвор, ми се врати семејството. Сега работам во рудник за јаглен. Таа работа ми остава доволно време за да можам да учествувам во делото на проповедање заедно со жена  ми и да ги исполнам своите обврски во собранието.“

Микола и неговите другари имале ограбено неколку банки во Украина. Тоа му донело десетгодишна затворска казна. Пред да го приведат, во црква бил само еднаш — за да направи подготовки да ја ограбат. Планот не му успеал, но посетата го натерала да помисли дека Библијата мора да е книга полна со досадни приказни за православни свештеници, за свеќи и за религиозни празнувања. Микола вели: „Не знам точно зошто, но почнав да ја читам Библијата. Бев зачуден кога открив дека воопшто не беше така како што си мислев!“ Побарал да ја проучува Библијата и се крстил во 1999 година. Кога човек ќе го погледне сега, тешко е да поверува дека овој понизен слуга помошник некогаш бил злонамерен вооружен ограбувач на банки!

На Владимир му била пресудена смртна казна. Додека чекал да биде погубен, му се помолил на Бог и му ветил дека, ако биде поштеден, ќе му служи до крајот на својот живот. Во меѓувреме се сменил законот и смртната казна на која бил осуден била ублажена на доживотен затвор. За да си го одржи ветувањето, Владимир почнал да ја бара вистинската религија. Се вклучил во една дописна школа и добил диплома од Адвентистичката црква, но не бил задоволен.

Но, откако во затворската библиотека ги прочитал списанијата Стражарска кула и Разбудете се!, Владимир пратил писмо до подружницата на Јеховините сведоци во Украина, во кое побарал некој од нив да го посети. Кога локалните браќа дошле да го посетат, тој веќе се сметал себе си за Сведок и проповедал во затворот. Му било помогнато да ги исполни условите за да биде објавител на Царството. Додека оваа статија се подготвуваше, Владимир и уште седуммина други во тој затвор чекаа да бидат крстени. Но, имаат еден проблем. Бидејќи затворениците што отслужуваат доживотна казна ги групираат во ќелии според религиозното убедување, Владимир и другите во неговата ќелија се од иста вера. На кого би можеле да му проповедаат? Тие ја споделуваат добрата вест со затворските чувари и преку писма.

Назар се преселил од Украина во Република Чешка, каде што ѝ се придружил на една банда крадци. Ова му донело три и пол години затвор. Додека се наоѓал во затвор, ги примал Јеховините сведоци од Карлови Вари што доаѓале во затворот, ја научил вистината и од корен се променил. Кога ја видел промената кај Назар, еден од чуварите им рекол на затворениците што биле во истата ќелија со Назар: „Кога сите вие би биле како тој Украинец, конечно ќе можев да работам нешто друго“. Еден друг чувар рекол: „Овие Јеховини сведоци се вистински експерти. Примаме во затвор криминалец; ослободуваме чесен човек“. Назар сега е дома. Научи дрводелски занает и се ожени, и сега со својата сопруга служат како полновремени проповедници. Колку само е благодарен што Сведоците го посетувале затворот!

Јавно признание

Затворениците не се единствените што се благодарни за посетите од Јеховините сведоци. Мирослав Ковалски, претставник за печат на еден од затворите во Полска, рекол: „Многу го цениме тоа што ги посетуваат затворите. Некои од затворениците имаат жално минато. Најверојатно никогаш не биле третирани како човечко суштество . . . Помошта [од Сведоците] е од голема вредност бидејќи имаме недостаток на персонал и педагози“.

Управникот на еден друг затвор во Полска пратил писмо до подружницата со кое барал Сведоците уште повеќе да се ангажираат во неговиот затвор. Зошто? Како што објаснил: „Честите посети на Сведоците може да им помогнат на затворениците да развијат општествено пожелни особини, да го потиснат насилството меѓу нив“.

Во еден Украински весник пишувало за еден затвореник што бил во депресија и кој се обидел да се самоубие, но на кого потоа му помогнале Јеховините сведоци. „Моментално, овој човек емоционално закрепнува“ вели написот. „Тој се придржува за затворскиот ред и е пример за другите затвореници.“

Користи надвор од затворските врати

Користите од она што го прават Јеховините сведоци не досегаат само до затворските врати. Тие продолжуваат и откако затворениците ќе излезат на слобода. Две христијанки, Бригите и Ренате, помагаат на овој начин неколку години. Германскиот весник Main-Echo Aschaffenburg за нив пишува: „Тие се грижат за затвореничките од три до пет месеци откако ќе бидат пуштени на слобода, помагајќи им да најдат некаква цел во животот . . . Тие се официјално признаени како доброволни службеници за условна слобода . . . Покрај тоа, тие имаат конструктивни и позитивни односи со затворскиот персонал“. Многу поранешни затворенички му го предале својот живот на Јехова како резултат на ваквата помош.

Дури и затворските службеници извлекуваат корист од библиското образовно дело на Јеховините сведоци. На пример, Роман бил воен мајор и психолог во еден затвор во Украина. Кога Сведоците дошле на неговата врата, прифатил да ја проучува Библијата. Потоа дознал дека на Сведоците не им било дозволено да ги посетуваат затворениците каде што работел тој. Затоа го замолил надзорникот да добие дозвола да ја користи Библијата во својата работа со затворениците. Неговото барање било одобрено и десетина затвореници покажале интерес. Роман редовно им го пренесувал на овие затвореници она што го учел, и неговиот труд донел одлични резултати. Откако излегле од затвор, некои од нив продолжиле да напредуваат и се крстиле. Кога видел колку голема моќ има Божјата реч, Роман и самиот го сфатил посериозно своето проучување. Ја напуштил војската и продолжил да поучува за Библијата. Сега тој учествува во делото на проповедање заедно со еден поранешен затвореник.

„Овде живееме од Библијата, библиските публикации и проучувањето на Библијата,“ напишал еден затвореник. Овие зборови добро опишуваат колкава потреба за библиска литература има во некои затвори. Едно собрание во Украина известува за образовното дело на темел на Библијата што се извршува во еден локален затвор: „Управата е благодарна за литературата што им ја даваме. Им даваме по 60 примероци од секое издание на Стражарска кула и Разбудете се!“ Едно друго собрание пишува: „Под наша грижа е еден казненопоправен дом во кој има 20 малечки библиотеки. Секоја од библиотеките ја снабдивме со публикациите што главно ги користиме. Вкупно беа дадени 20 кутии литература“. Во еден затвор, стражарите се грижат секогаш да ги има новите броеви од списанијата во библиотеката за да можат затворениците да извлечат корист од секое издание.

Во 2002 година подружницата во Украина формираше оддел за врски со затворите. Досега, овој оддел контактираше со околу 120 казненопоправни домови и одреди собранија што ќе се грижат за нив. Секој месец се примаат околу 50 писма од затвореници, од кои повеќето бараат литература или да ја проучуваат Библијата. Подружницата испраќа книги, списанија и брошури сѐ додека со нив не почнат да контактираат локалните браќа.

„Имајте ги на ум оние кои се во затворски окови,“ им напишал апостол Павле на своите сохристијани (Евреите 13:3). Тој зборувал за оние што биле затворени поради својата вера. Денес, Јеховините сведоци ги имаат на ум оние што се во затвор, ги посетуваат затворите и им ‚проповедаат ослободување на заробените‘ (Лука 4:18).

[Фуснота]

a Некои имиња се променети.

[Слика на страница 9]

Затворски ѕид, Лавов (Украина)

[Слика на страница 10]

Микола

[Слика на страница 10]

Васил со сопругата, Ирина

[Слика на страница 10]

Виктор

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели