Управување со цел да се исполни Божјата намера
„[Бог] управува со сите работи во склад со советот на својата волја“ (ЕФЕШАНИТЕ 1:11).
1. Зошто сите собранија на Јеховините сведоци ќе се состанат на 12 април 2006 година?
ВО СРЕДА навечер, на 12 април 2006 година, околу 16 милиони луѓе ќе се соберат за да ја одбележат Господаровата вечера. Секаде каде што ќе се состанат, ќе има маса на која ќе бидат поставени бесквасен леб, кој го претставува Христовото тело, и црвено вино, кое ја симболизира неговата пролеана крв. Кон крајот на предавањето во кое ќе биде објаснето значењето на Спомен-свеченоста со која се одбележува Исусовата смрт, овие симболи — најнапред лебот, а потоа и виното — ќе се подаваат од еден до друг присутен. Само во мал број собранија на Јеховините сведоци, од симболите ќе земат еден или повеќе присутни. Но, во многу случаи нема да земе никој од присутните. Зошто само мал број христијани, оние што се надеваат дека ќе живеат на небото, земаат од симболите, а повеќето, кои се надеваат дека ќе живеат вечно на Земјата, не земаат?
2, 3. а) Како создавал Јехова во склад со својата намера? б) Со која цел Јехова ги создал Земјата и луѓето?
2 Јехова е Бог кој сѐ прави со одредена намера. За да ја оствари, тој „управува со сите работи во склад со советот на својата волја“ (Ефешаните 1:11). Најнапред го создал својот единороден Син (Јован 1:1, 14; Откровение 3:14). Потоа, преку овој Син, Јехова создал една фамилија од духовни синови, а потоа и физичкиот универзум, вклучувајќи ја и Земјата и човекот на неа (Јов 38:4, 7; Псалм 103:19-21; Јован 1:2, 3; Колошаните 1:15, 16).
3 Јехова не ја создал Земјата како место на кое луѓето ќе бидат тестирани за да се види дали можат да ѝ се придружат на неговата фамилија од духовни синови на небото, како што учат многу цркви на христијанскиот свет. Тој ја создал со една јасна цел, „за живеење“ (Исаија 45:18). Бог ја создал Земјата за човекот, и човекот за Земјата (Псалм 115:16). Целата Земјина топка требало да стане рај, во кој ќе живеат праведни луѓе што ќе го обработуваат и ќе се грижат за него. На првите маж и жена никогаш не им било речено дека еден ден ќе отидат на небото (Битие 1:26-28; 2:7, 8, 15).
Оспорена Јеховината намера
4. Како бил оспорен Јеховиниот начин на владеење уште на самиот почеток на човечката историја?
4 Еден од Божјите духовни синови се побунил и решил да ја осуети Јеховината намера, злоупотребувајќи ја слободната волја што му ја дал Бог. Го нарушил мирот што го имаат сите оние што со љубов се подложуваат на Јеховината власт. Сатана ја навел првата човечка двојка да тргне по патот на независност од Бог (Битие 3:1-6). Тој не ја оспорил Јеховината моќ, туку го оспорил начинот на кој владее Јехова, а со тоа и Неговото право да владее. Значи, најважното спорно прашање во врска со тоа дали Јехова има право да владее над сѐ било покренато овде на Земјата, уште на самиот почеток од човечката историја.
5. Кое друго спорно прашање било покренато, и на кого се однесувало?
5 Во времето на Јов, Сатана покренал уште едно спорно прашање, кое е тесно поврзано со прашањето за тоа дали Јехова има право да владее со целата вселена. Сатана ги довел во прашање мотивите од кои Јеховините созданија Му се подложуваат и Му служат на Бог. Тој сакал да каже дека тоа го прават од себични причини и дека, ако бидат ставени на испит, ќе му свртат грб на Бог (Јов 1:7-11; 2:4, 5). Иако ова спорно прашање се однесувало на еден човек што му служел на Јехова, тоа се однесува и на духовните Божји синови, па дури и на Јеховиниот единороден Син.
6. Како Јехова постапил во склад со својата намера и со значењето на своето име?
6 Во склад со својата намера и со значењето на своето име, Јехова станал Пророк и Спасител.a Му рекол на Сатана: „Ќе поставам непријателство помеѓу тебе и жената, помеѓу твоето семе и нејзиното Семе: Тој ќе ти ја сотрува главата, а ти ќе Му ја сотруваш петицата“ (Битие 3:15). Преку Семето на својата „жена“, односно небесниот дел од својата организација, Јехова ќе одговори на предизвикот на Сатана и ќе им даде надеж на Адамовите потомци дека можат да се спасат и да добијат живот (Римјаните 5:21; Галатите 4:26, 31).
„Светата тајна на својата волја“
7. Која своја намера ја открил Јехова преку апостол Павле?
7 Во своето писмо до христијаните во Ефес, апостол Павле многу убаво објаснил како Јехова ги води работите за да ја исполни својата намера. Павле напишал: „Ни ја објави светата тајна на својата волја. Таа е во склад со она што му е угодно, а кое го наумил во себе за управување при потполно завршување на работите на одредените времиња, имено повторно да се состави сѐ во Христос, она што е на небесата и она на земјата“ (Ефешаните 1:9, 10). Јеховината славна намера е да завладее единство во целата вселена, во која ќе живеат суштества што со љубов му се подложуваат нему (Откровение 4:11). Така ќе биде посветено неговото име, ќе се докаже дека Сатана е лажливец и Божјата волја ќе се врши „како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10).
8. Што значи зборот што е преведен со „управување“?
8 „Она што му е угодно“ на Јехова, односно неговата намера, ќе се исполни преку едно „управување“. Павле употребил еден збор што дословно значи „водење домаќинство“. Тоа не се однесува на влада, како што е Месијанското Царство, туку на одреден начин на кој се водат работите.b Прекрасниот начин на кој Јехова ќе управува со работите за да ја исполни својата намера вклучувал една ‚света тајна‘ која требало да биде постепено откривана низ вековите (Ефешаните 1:10; 3:9).
9. Како Јехова малку по малку ја откривал светата тајна на својата волја?
9 Преку една низа сојузи, Јехова малку по малку откривал како ќе се исполни неговата намера во врска со Семето што било ветено во Еден. Сојузот што го склучил со Авраам открил дека ветеното Семе ќе дојде на Земјата од лозата на Авраам и дека преку него ќе бидат благословени „сите народи на земјата“. Тој сојуз исто така навестил дека и други ќе му се придружат на првенствениот дел од семето (Битие 22:17, 18). Од сојузот на Законот што бил склучен со Израел можело да се види дека намерата на Јехова е да постои едно „царство на свештеници“ (Излез 19:5, 6, ПСП). Сојузот со Давид покажал дека Семето ќе биде Главата на едно Царство што ќе трае вечно (2. Самоил 7:12, 13; Псалм 89:3, 4). Штом сојузот на Законот ја исполнил својата цел — да ги доведе Евреите до Месијата — Јехова открил и други аспекти од исполнувањето на својата намера (Галатите 3:19, 24). Луѓето што требало да му се придружат на првенствениот дел од семето ќе биле наречени нов, односно духовен „Израел“. Тие ќе го сочинувале претскажаното „царство на свештеници“ и со нив ќе бил склучени еден „нов сојуз“ (Еремија 31:31-34; Евреите 8:7-9).c
10, 11. а) Како Јехова открил кој е претскажаното Семе? б) Зошто Божјиот единороден Син дошол на Земјата?
10 За да се исполни Божјата намера, дошло време претскажаното Семе да се појави на Земјата. Јехова го испратил ангелот Гавриел да ѝ каже на Марија дека ќе роди син што ќе се вика Исус. Ангелот ѝ рекол: „Тој ќе биде голем и ќе биде наречен Син на Највишиот; и Јехова Бог ќе му го даде престолот на Давида, неговиот татко, и тој ќе владее како цар над Јакововиот дом засекогаш, и неговото царство нема да има крај“ (Лука 1:32, 33). Така станало јасно кој е ветеното Семе (Галатите 3:16; 4:4).
11 Јеховиниот единороден Син требало да дојде на Земјата и да биде испитан до смрт. Совршениот одговор на предизвикот на Сатана зависел од Исус. Ќе му остане ли верен на својот Татко? Ова било поврзано со една света тајна. Подоцна, апостол Павле ја објаснил улогата на Исус: „Мора да се признае дека голема е светата тајна на оваа побожна оддаденост: ‚Тој беше покажан во тело, беше прогласен за праведен во дух, им се појави на ангели, беше проповедан меѓу нациите, беше веруван во светот и беше подигнат во слава‘“ (1. Тимотеј 3:16). Да, со својата цврста верност и беспрекорност до смрт, Исус дал јасен одговор на предизвикот на Сатана. Но, требало да се откријат и некои други детали од светата тајна.
‚Светата тајна на Божјето царство‘
12, 13. а) Кој е еден аспект на ‚светата тајна на Божјето царство‘? б) Што значело тоа што Јехова избрал ограничен број луѓе да одат на небото?
12 За време на своите проповеднички патувања низ Галилеја, Исус покажал дека светата тајна е тесно поврзана со владата на неговото Месијанското Царство. На учениците им рекол: „Вам ви е дадено да ги разберете светите тајни на небесното царство [„Божјето царство“, Марко 4:11]“ (Матеј 13:11). Еден аспект на таа света тајна бил тоа што Јехова сакал да избере едно „мало стадо“ од 144.000 луѓе што ќе бидат поврзани со неговиот Син како дел од Семето за да владеат со него на небото (Лука 12:32; Откровение 14:1, 4).
13 Бидејќи луѓето биле создадени за да живеат на Земјата, било потребно Јехова да направи нешто „ново“ за да можат некои луѓе да одат на небото (2. Коринќаните 5:17). Како еден од оние што биле избрани да ја имаат оваа исклучителна небесна надеж, апостол Петар напишал: „Благословен да е Богот и Таткото на нашиот Господ Исус Христос, зашто според своето големо милосрдие ни даде ново раѓање за жива надеж преку воскресението на Исус Христос од мртвите, за наследство нераспадливо и неизвалкано и кое не вене. Тоа е сочувано на небесата за вас“ (1. Петрово 1:3, 4).
14. а) Како биле вклучени и не-Евреи во ‚светата тајна на Божјето царство‘? б) Зошто можеме да ги разбереме овие ‚длабоки работи Божји‘?
14 Друг дел од светата тајна во врска со идната влада на Царството била Божјата волја да вклучи и не-Евреи во малиот број луѓе што ќе бидат повикани да царуваат со Христос на небото. Павле го објаснил овој аспект на Јеховиното „управување“, или начин на водење на работите за да се исполни неговата намера: „Во другите генерации, оваа тајна не им беше објавена на човечките синови така како што сега преку духот им е откриена на неговите свети апостоли и пророци, имено дека луѓето од нациите треба да бидат сонаследници и членови на истото тело и соучесници со нас во ветувањето во обединетост со Христос Исус преку добрата вест“ (Ефешаните 3:5, 6). На ‚светите апостоли‘ им било дадено да го разберат овој дел од светата тајна. И денес, да не е помошта од светиот дух, ние не би ги разбрале овие ‚длабоки работи Божји‘ (1. Коринќаните 2:10; 4:1; Колошаните 1:26, 27).
15, 16. Зошто Јехова ги избрал од редовите на луѓето оние што ќе владеат заедно со Христос?
15 За оние „сто четириесет и четири илјади“ што се видени како стојат со „Јагнето“ на небесната планина Сион е речено дека се „купени од земјата“, „купени од луѓето како првина за Бог и за Јагнето“, Исус Христос (Откровение 14:1-4). Јехова го избрал првиот од своите небесни синови да стане првенствен дел од семето што било ветено во Еден, но зошто Христовите придружници ги избрал од луѓето? Апостол Павле објаснува дека овој ограничен број бил ‚повикан во склад со Јеховината намера‘, „според она што е угодно на неговата волја“ (Римјаните 8:17, 28-30; Ефешаните 1:5, 11; 2. Тимотеј 1:9).
16 Јеховината намера е да го посвети своето славно и свето име и да го оправда своето право да владее со целата вселена. Бидејќи неговото „управување“, или начин на водење на работите е неспоредливо мудар, Јехова го испратил својот првороден Син на Земјата, каде што бил испитан до смрт. Освен тоа, одлучил во состав на владата на Месијанското Царство на неговиот Син да влезат и луѓе што исто така му останале верни до смрт (Ефешаните 1:8-12; Откровение 2:10, 11).
17. Зошто можеме да бидеме радосни што Христос и неговите совладетели некогаш живееле како луѓе?
17 Јехова ја покажал својата голема љубов кон потомците на Адам со тоа што го испратил својот Син на Земјата и со тоа што од луѓето ги избрал оние што ќе бидат совладетели на неговиот Син во владата на Царството. Каква корист од тоа ќе имале другите луѓе што ќе му останеле верни на Јехова, почнувајќи од Авел па сѐ досега? Бидејќи се родени како робови на гревот и смртта, несовршените луѓе ќе треба да бидат духовно и физички излечени и да бидат доведени до совршенство, во склад со Јеховината првобитна намера со човештвото (Римјаните 5:12). За сите оние што очекуваат вечен живот на Земјата е многу утешно што знаат дека нивниот Цар ќе постапува со нив со љубов и нежно разбирање, исто како што постапувал со своите ученици додека служел на Земјата (Матеј 11:28, 29; Евреите 2:17, 18; 4:15; 7:25, 26). И колку се успокоени што сфаќаат дека царевите-свештеници што ќе бидат со него на небото и самите некогаш биле верни мажи и жени што се бореле со своите слабости и ги искусиле проблемите на животот, исто како нас! (Римјаните 7:21-25).
Јеховината намера сигурно ќе се исполни
18, 19. Зошто ни се појасни зборовите на Павле од Ефешаните 1:8-11, и што ќе разгледаме во следната статија?
18 Денес уште подобро можеме да го разбереме значењето на она што им го рекол Павле на помазаните христијани, како што е запишано во Ефешаните 1:8-11. Тој рекол дека Јехова им ја кажал „светата тајна на својата волја“, дека тие биле „поставени за наследници“ заедно со Христос, и дека биле „однапред одредени според намерата на оној кој управува со сите работи во склад со советот на својата волја“. Сфаќаме дека ова е во склад со Јеховиното прекрасно „управување“ на работите за да се исполни неговата намера. Исто така, ова ни помага да сфатиме зошто од симболите земаат само мал број од христијаните што присуствуваат на Господаровата вечера.
19 Во следната статија ќе видиме што значи Спомен-свеченоста со која се одбележува Христовата смрт за оние христијани што имаат надеж за живот на небото. Исто така, ќе дознаеме и зошто милионите што имаат надеж да живеат вечно на Земјата треба да бидат живо заинтересирани за она што е симболизирано со Спомен-свеченоста.
[Фусноти]
a Божјето име дословно значи „Тој предизвикува да стане“. Јехова може да стане сѐ што е потребно за да ја исполни својата намера (Излез 3:14).
b Павловите зборови покажуваат дека тоа „управување“ функционирало во негово време, а Светото писмо покажува дека Месијанското Царство било воспоставено дури во 1914 година.
c За подетална дискусија за овие сојузи поврзани со исполнувањето на Божјата намера, види Стражарска кула од 1 јули 1989 година, страници 12-17.
За повторување
• Зошто Јехова ги создал Земјата и човекот на неа?
• Зошто било потребно Божјиот единороден Син да биде испитан овде, на Земјата?
• Зошто Јехова ги избрал од редовите на луѓето оние што ќе владеат заедно со Христос?