Дали е можно да го запознаеме Бог?
„За да добијат вечен живот, треба добро да [го] запознаат... единствениот вистински Бог“ (Јован 17:3).
„О ДЛАБОЧИНО на Божјето богатство, мудрост и знаење!“ — рекол апостол Павле и додал: „Колку се неистражливи неговите судови и несфатливи неговите патишта!“ (Римјаните 11:33). Дали од овие зборови треба да заклучиме дека човекот не е во состојба да најде мудрост и знаење како Божјите и, поради тоа, дека не е можно да го запознае Бог и да дознае за неговите намери?
Според приврзаниците на религиозната филозофија позната како виа негатива, одговорот е ‚да‘. Во врска со оваа филозофија, The Encyclopedia of Religion вели: „Бог го надминува сето она што може да се знае за него... На Бог не може да му се даде име или да биде опишан. Секое име или опис наметнува граници, а Бог е над... нив... Тој не треба да се запознае, бидејќи не може да се запознае“.a
Според списанието Newsweek, многумина во нерелигиозните кругови се склони кон „еден нов вид општоприфатено верување“ според кое, всушност, „постои само една вистина, и таа вистина е дека нема вистина“.
Сепак, многумина сѐ уште немаат одговор на прашањата за смислата на животот. Тие ги забележуваат тешките проблеми што ги носат сиромаштијата, болестите и насилството и можат крајно да се разочараат затоа што животот е толку несигурен. Таквите можеби очајнички би сакале да ги најдат одговорите, но ако не ги добијат, можеби ќе заклучат дека не постојат. Затоа, многумина од нив се повлекуваат од организираната религија и си бараат свој начин да му се приближат на Бог — доколку сѐ уште веруваат дека тој постои.
Гледиштето на Библијата
Оние што имаат позитивно мислење за Библијата и се склони да го прифатат Исус Христос како Божји Гласноговорник, сигурно се интересираат за гледиштето на Библијата. Можеби се сеќаваш дека Исус еднаш зборувал за два пата — едниот е „широк и простран“ и „води во пропаст“, а другиот е „тесен“ и „води во живот“. Тој објаснил како ќе се познае по кој пат оди еден човек кога рекол: „По нивните плодови ќе ги препознаете“. По какви плодови? Не по она што го зборуваат, туку по она што го прават, како што објаснил и Исус: „Не секој што ми вели: ‚Господару, Господару‘, ќе влезе во небесното царство, туку оној што ја врши волјата на мојот Татко, кој е на небесата“. Не е доволно само да тврдиме дека веруваме во Бог. Мораме да ја вршиме Божјата волја. Според тоа, логично е дека прво мораме точно да дознаеме која е Божјата волја (Матеј 7:13-23).
Исус јасно покажал дека е можно луѓето да го запознаат Бог. Тој рекол: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Од ова јасно се гледа дека можеме да ги стекнеме мудроста и знаењето што Бог ни ги открива — но само ако се трудиме да ги бараме. А на оние што ги бараат, Бог ќе им подари вечен живот, па затоа вреди да се тргне во таа потрага.
[Фуснота]
a Слични гледишта се среќаваат и во традициите на источните религии, како што се хиндуизмот, таоизмот и будизмот.
[Слика на страница 4]
Исус рекол дека еден тесен пат води во живот