ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w06 15/12 стр. 8-11
  • Се шири добрата вест на живописните Хаити

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Се шири добрата вест на живописните Хаити
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
  • Поднаслови
  • Проповедање во гратчињата
  • Добрата вест низ боите
  • Добрата вест меѓу учениците
  • Употреба на креолскиот јазик
  • Добрата вест ја слушаат во затвор
  • Разбудете се! ја носи добрата вест до мнозина
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
w06 15/12 стр. 8-11

Се шири добрата вест на живописните Хаити

ХАИТИ и Доминиканската Република го делат тропскиот остров Хиспаниола, на кој се издигнуваат највисоките планини на Карибите. Голем број планински врвови се високи над 2.400 метри. За време на „студените“ месеци, на малите планински езерца може да се појави слана и танок слој мраз.

Планините и долините во јужниот дел на Хаити се покриени со бујна тропска шума. Во останатиот дел од земјата, планините во најголем дел се оголени, изретчени, честопати длабоко избраздени — жртви на ископачување. Но, било да патуваш северно било јужно, Хаити ќе те воодушеват со своите сликовити предели. Некои од тесните, кривулести планински патчиња ќе те наградат со восхитувачки, секогаш поразлични панорамски глетки на копното и морето. Погледот ќе ти го сопрат и најразлични видови цвеќе и насекаде расфрланите живи бои.

Населението на земјата, кое брои 8,3 милиони жители, главно го сочунуваат луѓе со африканско потекло што живеат во помалите места. Иако имаат многу малку материјални добра, повеќето од нив се љубезни и гостољубиви. Веќе 60 години, Јеховините сведоци ја споделуваат добрата вест за Божјето Царство со нив и отсекогаш биле срдечно дочекани (Матеј 24:14).

Проповедање во гратчињата

Во малите гратчиња најчесто се случува она што го опиша една сестра, која е мисионерка. Таа вели:

„Еден ден во март 2003 година, појдовме да проповедаме во Казал, гратче на околу половина час пат од Кабаре, каде што моментално служиме како мисионери, кое, пак, е на 30 километри северно од главниот град Порт-о-Пренс. Последен пат Сведоците проповедале во Казал во 1999 година, па затоа кога тргнавме, утрото во 7 часот, едвај чекавме да видиме како ќе биде овој пат. Дваесет и двајца — речиси целото собрание — се стиснавме во две комбиња. Возбудено џагоревме и се смеевме додека минувавме низ стрмните правливи улици кои нѐ донесоа до една долина со огромни дрвја. Низ долината тече река, која го преполовува гратчето Казал.

Ова гратче ја започнало својата историја во почетокот на 19-тиот век, кога некои војници од Полска, дојдени на Хаити да им помогнат на поранешните робови да стекнат независност, се населиле во оваа плодна долина со своите сопруги од Хаити. Нивното потомство е една прекрасна комбинација: едни со светла кожа, други со повеќе или помалку темна, едни со зелени очи, други со темнокафеави — вистински празник за очите.

На првата врата никој не беше заинтересиран. Кога излеговме од дворот, еден човек тргна по улицата кон нас. Сакаше да знае дали постои разлика помеѓу Исус и Бог. Го замоливме да ја донесе својата Библија и го продолживме разговорот, по што беше уверен дека Исус е Божји син и дека Јехова е ‚единствениот вистински Бог‘ (Јован 17:3). Многу луѓе нѐ поканија да седнеме и да поразговараме со нив. Некои нѐ прашаа: ‚Ќе се вратите ли да ја проучувате Библијата со нас?‘

Напладне најдовме една убава сенка под која ручавме. Две сестри направиле една огромна тава со риби. Беа многу вкусни! Додека седевме, јадејќи и зборувајќи си, имавме и неколку можности да им сведочиме на минувачите. Потоа преминавме преку реката на другата страна од градот. Ни беше задоволство да разговараме со пријатните луѓе што си седеа под дрвјата пред своите скромни домови. Колку убаво беше да се слуша звукот на разџагорените дечиња што си играа, на жените што переа во реката и на бабичките што толчеа зрна од кафе!

Набрзо дојде четири часот, и сите од групата, расположени, поитавме кон комбињата за да се вратиме во Кабаре. Јас и мојот сопруг вистински уживавме во нашата прва посета на Казал, место со гостољубиви и пријателски расположени луѓе“.

Од 1945 година, кога на Хаити за првпат дошле Сведоци, бројот на објавителите на Царството постојано расте, така што сега во проповедањето учествуваат околу 14.000, а Библијата се проучува со повеќе од 22.000 луѓе. Тие заинтересирале уште 59.372 лица што присуствуваа на Спомен-свеченоста за Христовата смрт во март 2005 година, и се погрижија добрата вест да дојде до голем дел од јавноста. Разгледај некои од многуте начини на кои Јеховините сведоци им помагаат на луѓето.

Добрата вест низ боите

Повеќето луѓе на Хаити уживаат во разнобојноста. Тоа се забележува по нивната облека, по боите на нивните куќи, по разновидноста на цвеќето засадено во нивните градини и по нивната уметност. Сликарски платна во живописен локален стил на уметност познат како Лар аитиен (L’Art Haitien) се изложени по улиците низ целиот Порт-о-Пренс. Ги купуваат луѓе од сите краишта на светот.

Живите бои не се забележуваат само на сликарските платна. Улиците на Порт-о-Пренс се полни со патнички возила наречени камионети, или таб-табови, целите исцртани со креативни цртежи. Често може да се види нацртан некој настан од Библијата.

Како што си одиш по улица, одеднаш пред очи може да ти излезе некоја позната сцена — како на пример онаа со Адам и Ева во Еден. И не те лажат очите — вистина ја гледаш, нацртана на задното стакло од камионетот, кој тукушто поминува. Често можат да се видат и возила на кои со боја се испишани стихови или пораки што го содржат името Јехова, или, пак, тоа е дел од името на некоја фирма.

Добрата вест меѓу учениците

Младите сведоци на Хаити имаат убави можности да им помогнат на соучениците да научат нешто за Библијата. Следниов пример од една 17-годишна девојка што е Сведок добро го потврдува тоа.

„Еден соученик ми пријде и ме праша што значи тоа ‚блуд‘. Помислив дека сака да има нешто со мене и го игнорирав. Но, кога тој му го постави истото прашање на еден друг соученик, кој беше машко, сите од класот се заинтересираа за тоа. Така, за следниот час ја истражив темата и зборував пред целиот клас, објаснувајќи им зошто Јеховините сведоци настојуваат да бидат морално, духовно и физички чисти.

Учениците поставуваа многу прашања и се сложија со одговорите што им ги дадов на темел на Библијата. Дури и директорот, кој во почетокот се колебаше, ми постави многу прашања и договори да зборувам и во другите класови. Им ја покажав книгата Младите прашуваат — делотворни одговори,a и мнозина сакаа да ја прочитаат. Следниот ден им поделив 45 книги на соучениците. Многу од нив за кратко време ја прочитаа, а некои сега ја проучуваат Библијата со Сведоците што живеат блиску до нив. Еден ученик што живее во моето соседство сега доаѓа на сите состаноци.“

Употреба на креолскиот јазик

Луѓето и земјата се разнолики и интересни, а таков е и креолскиот јазик, кој се зборува на Хаити и е комбинација од француски зборови и западноафриканска граматика. Тој им е мајчин јазик, јазикот кој им се лепи за душа. Јеховините сведоци главно проповедаат на овој јазик, и се прави сѐ што е потребно за во иднина да има повеќе библиска литература на креолскиот јазик што се зборува на Хаити.

Во 1987 година на овој јазик беше преведена брошурата Живеј засекогаш на Земјата!, потоа следеше книгата Спознание кое води до вечен живот и потоа брошурата Што бара Бог од нас? Овие публикации многу им помогнаа на оние што сакаа да стекнат основно разбирање за Божјата реч. Од 1 септември 2002 година почна редовно да излегува и Стражарска кула. Иако сѐ уште се користи литература и на француски јазик, мнозина повеќе сакаат да ја читаат литературата на својот мајчин јазик.

Добрата вест ја слушаат во затвор

Од неодамна, Јеховините сведоци почнаа да им ја проповедаат добрата вест и на оние што се во државните затвори. Сведоците што учествуваат во ова дело се многу среќни што можат да им донесат барем некаква утеха на луѓето што се наоѓаат во ваква жална ситуација. Еден брат кажува:

„Кога првпат дојдовме во еден затвор, ги внесоа затворениците во една голема просторија за да се видат со нас. Се прашувавме како ќе реагираат. Кога им објаснивме дека сме дојдени за да им помогнеме да ја разберат Библијата, на сите 50 души им се допадна идејата. Им ги покажавме брошурите Научи да читаш и пишуваш и Живеј засекогаш на Земјата! на креолски јазик и започнавме да проучуваме со 26 од нив. Десетмина од присутните беа неписмени, но се заинтересираа кога им покажавме како да ги користат сликите во брошурите како помош да ги разберат зборовите“.

Кога Сведоците повторно се вратиле, еден човек рекол: „Брошурата ја прочитав не знам колку пати. Постојано мислам на она што го пишува во неа, и едвај чекав пак да дојдете“. Еден човек осуден за вооружен грабеж рекол дека сака да се промени, и замолил да биде пратен некој да ја проучува Библијата со неговата жена. Истото го побарал и еден друг затвореник, татко на две деца, за да може неговата жена да ја увиди разликата помеѓу вистинските и лажните верувања. Еден протестантски свештеник, виновен за проневера на голема сума пари од членовите на својата Црква, рекол дека сега ја пронашол вистината и дека, откако ќе ја одлежи казната, ќе им помага на членовите на својата Црква да станат Јеховини сведоци.

Еден друг затвореник немал свој личен примерок од брошурата Бара на креолски, па затоа ја побарал брошурата од затвореникот со кој бил во иста ќелија и го препишал целиот нејзин текст, а потоа го научил напамет. Една затвореничка им раскажувала што научила на деветте затворенички што биле со неа во ќелијата, и дури почнала да го проучува материјалот со нив. Еден затвореник ја проучил брошурата, почнал да ја проучува книгата Спознание, а во меѓувреме и им сведочел на другите затвореници. Наскоро ја проучувал Библијата со четворица од нив.

Меркониb порано ја проучувал Библијата и има роднини што се Јеховини сведоци. Тој ги поттикнува другите затвореници да ја читаат библиската литература што му ја носат роднините. Вели: „Кога им нудам литература на затворениците, ме нарекуваат Јеховин сведок. Јас им кажувам дека не сум Сведок, зашто знам што значи да се биде Сведок. Сега сакам да си ја сфатам работата сериозно, да проучувам и да се крстам. Да се угледав на моите браќа кога бев помал, немаше да лежам во затворов“.

Еден од затворениците што зел литература од Меркони им рекол на Сведоците што дошле кај него: „Минатиот понеделник, пред да дојдете, бев разочаран и планирав да си го одземам животот. Но откако ги прочитав списанијата, го молев Бог да ми прости за лошите работи што ги направив и да прати некој да ми го покаже правиот пат. Колку се израдував кога дојдовте другиот ден и се понудивте да ја проучувате Библијата со нас, затворениците! Би сакал да ме поучите како да му служам на Јехова“.

Разбудете се! ја носи добрата вест до мнозина

Разбудете се! од 8 ноември 2000 година зборуваше за медицинските сестри. Една жена набавила 2.000 примероци и им ги поделила на медицинските сестри дојдени на семинар во Порт-о-Пренс. Разбудете се! од 8 јули 2002 година, кое зборуваше за полицајците и за нивната работа, им беше поделено на голем број полицајци во Порт-о-Пренс. Тие многу го ценеа тоа, и дури и денес, некои ги запираат Сведоците на улица за да побараат уште некој примерок од тој број.

Неодамна, претставничка на Светската здравствена организација организираше програма наменета да ги запознае луѓето со проблемите на СИДА-та. Таа беше поканета во подружницата на Јеховините сведоци, каде што ѝ беа покажани информациите што досега на таа тема беа издадени во Разбудете се! Статиите што, на темел на Библијата, го образложуваат најдобриот начин за заштита од СИДА и покажуваат како да им се помогне на заразените во ситуацијата во која се наоѓаат, ѝ оставија силен впечаток. Забележа дека Разбудете се! е пред сите други во објавувањето такви информации на таа тема.

Да, на многу начини, Јеховините сведоци ја шират добрата вест за Царството на живописните Хаити, исто како и во 234 други земји низ светот. Оваа порака им дала вистинска надеж на мнозина и им помогнала да не гледаат само на моменталните животни тешкотии, туку на новиот свет, каде што сите што ќе го обожаваат вистинскиот Бог, Јехова, ќе имаат совршен и бескраен живот (Откровение 21:4).

[Фусноти]

a Публикациите чии наслови се спомнати во оваа статија се издадени од Јеховините сведоци.

b Името е сменето.

[Извор на слика на страница 9]

Заднина: ©Adalberto Rios Szalay/photodisc/age fotostock

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели