Огромната задача на Ернст Глик
ПРЕД повеќе од 300 години, Ернст Глик се нафатил на една задача која малкумина во историјата се осмелиле да ја започнат. Решил да ја преведе Библијата на јазик што не го знаел.
Глик е роден во 1654 год., во малото гратче Ветин, во близина на Хале (Германија). Татко му бил лутерански пастор, и побожната атмосфера во нивниот дом кај младиот Ернст родила желба да учи за Бог. На 21 година, тој завршил теолошки факултет во Германија и се преселил во денешна Летонија. Во тоа време, поголемиот дел од тамошните жители не биле школувани и постоеле само малку книги на нивниот јазик. Глик напишал: „Кога дојдов како млад човек во оваа земја, првото нешто што ми падна в очи беше дека на летонската црква ѝ фали Библија... Тоа ме поттикна да му ветам на Бог дека ќе го изучувам тој јазик и ќе го научам како да ми е мајчин јазик“. Тој бил решен на летонците да им даде Библија на нивниот јазик.
Подготовки за преведување
Областа каде што Глик се населил тогаш се викала Ливонија и била под власта на Шведска. Тамошен претставник на кралот на Шведска бил Јохан Фишер. Тој бил заинтересиран да го подигне нивото на образование во земјата, но сакал и да заработи пари. Глик му кажал на Фишер дека сака да ја преведе Библијата на летонски јазик. Фишер поседувал печатница во главниот град Рига. Печатењето на Библијата на летонски јазик би му помогнало во неговата цел во врска со образованието, а во исто време се надевал дека ќе оствари и добра заработка. Фишер го замолил Карл XI, кралот на Шведска, да даде овластување за превод на Библијата. Кралот му дал дозвола за проектот и се понудил да го финансира. На 31 август, 1681 год., кралот потпишал една писмена одлука во врска со ова, и преведувањето можело да почне.
Во меѓувреме, Глик се подготвувал за работа. Бидејќи по потекло бил Германец, можел да го користи преводот на Мартин Лутер како основен текст за летонската Библија. Но, Глик сакал да направи што е можно подобар превод и затоа решил да преведува од изворните јазици, хебрејски и грчки. Со оглед на тоа што не ги знаел доволно овие јазици на кои била пишувана Библијата, Глик отишол во Хамбург (Германија) за да учи хебрејски и грчки. Додека бил таму, еден ливонски свештеник, кој се викал Јанис Рајтерс, најверојатно му помогнал да го научи летонскиот јазик, а и грчкиот јазик, на кој бил напишан дел од Библијата.
Години исполнети со работа и со чекање
Откако во 1680 год. завршил со изучување на јазиците, Глик се вратил во Летонија и почнал да служи како свештеник. Набрзо потоа започнал да работи на преводот на Библијата. Во 1683 год., Глик бил именуван да служи како пастор на големата парохија Алуксне, која денес е позната по тоа што таму го направил преводот.
Во тоа време, во летонскиот јазик не постоеле зборови за многу изрази и поими од Библијата. Затоа Глик користел некои германски зборови во својот превод. Но, дал сѐ од себе да ја преведе Божјата реч на летонски јазик, и стручњаците се согласуваат дека неговиот превод е со висок квалитет. Глик дури образувал и нови зборови, и некои од нив сега нашироко се користат во летонскиот јазик. Тука спаѓаат летонските изрази за „пример“, „гозба“, „џин“, „извидува“ и „сведочи“.
Јохан Фишер го известувал кралот на Шведска како напредува работата со преведувањето, и од нивните писма се гледа дека до 1683 год. Глик веќе ги имал преведено христијанските грчки списи. До 1689 год. ја превел целата Библија и така ја завршил својата огромна задача за само осум години.a Откако бил завршен преводот, долго се чекало да биде издаден, но конечно, во 1694 год., Глик ја постигнал својата цел — владата дала овластување летонската Библија да се подели во јавноста.
Некои историчари се сомневаат дека Глик го направил преводот на Библијата сам. Без сомнение, тој се служел со преводот на Лутер, а во својот текст внел и делови од Библијата која веќе постоела на летонски јазик. Но, сето ова сочинува само еден мал дел од неговиот превод. Дали биле вклучени други преведувачи? Глик имал помошник додека преведувал, а и други му помогнале да се коригира и да се провери квалитетот на преводот. Но, се чини дека тие не помагале во самото преведување. Затоа е многу веројатно Глик да бил единствениот преведувач.
Преводот на Глик бил пресвртница во развојот на пишаниот летонски јазик, но придонел и за нешто уште поважно. Конечно, летонскиот народ можел да ја чита Божјата реч на својот мајчин јазик и да ги прима нејзините животодавни поуки. Летонците не заборавиле што направил Ернст Глик за нив. Повеќе од 300 години, луѓето од Алуксне се грижеле за два даба познати како Глика озоли, или дабовите на Глик. Глик ги насадил во спомен на Библијата на летонски јазик. Во Алуксне се наоѓа еден мал музеј во кој има различни преводи на Библијата. Меѓу нив е и еден примерок од првото издание на преводот на Глик. А на грбот на градот Алуксне се наоѓа Библијата и годината 1689, кога Глик го завршил своето дело.
Неговата подоцнежна работа
Набргу откако пристигнал во Летонија, Глик почнал да го учи рускиот јазик. Во 1699 год., напишал дека му се исполнува уште една желба — да ја преведе Библијата и на тој јазик. Во едно писмо со датум од 1702 год. напишал дека почнал да ја ревидира Библијата на летонски јазик. Но, условите се менувале и веќе не биле поволни за преведување на Библијата. По многу години на мир, Летонија се претворила во бојно поле. Во 1702 год., руските војски ги поразиле Швеѓаните и ја презеле власта во Алуксне. Глик и неговото семејство биле протерани во Русија.b Во тоа бурно време, Глик ги изгубил ракописите од својата нова Библија на летонски јазик и од својот превод на руски јазик. Умрел во Москва во 1705 год.
Голема штета е што биле изгубени тие подоцнежни преводи на летонски и на руски јазик. Сепак, до ден-денес, секој што ја чита Библијата на летонски јазик извлекува корист од првобитниот превод на Глик.
Ернст Глик е само еден од многуте што се зафатиле со огромната задача да ја преведат Библијата на јазиците на обичниот народ. Како резултат на тоа, скоро секоја јазична група на Земјата може да ја чита Божјата реч и да пие од нејзините скапоцени вистини. Всушност, со помош на преводите на Библијата на преку 2.000 јазици, Јехова продолжува да им се објавува на луѓето насекаде.
[Фусноти]
a Чисто за споредба, 47 изучувачи седум години напорно работеле на преводот Authorized Version, или King James Version на англиски јазик, кој бил завршен во 1611 год.
b По смртта на Глик, неговата посвоена ќерка се омажила за рускиот цар Петар Велики. Кога Петар умрел во 1725 год., таа станала Катерина I, царица на Русија.
[Слика на страница 13]
Преводот на Глик
[Слика на страница 14]
Јеховините сведоци поучуваат за Библијата во градот каде што Глик ја превел