Добрата вест се шири и покрај тешкотии
КАМИОНОТ се приближи до еден контролен пункт на кој беа поставени околу 60 вооружени мажи, жени и деца. Некои од нив носеа униформа, други не. Мнозина мафтаа со автоматско оружје. Изгледаше како нас да нѐ чекаат. Во земјата владеат граѓански немири.
Патувавме веќе четири дена и носевме десет тони библиска литература. Се прашувавме дали ќе нѐ пуштат да поминеме. Ќе ни бараат ли пари? Колку време ќе ни треба за да ги увериме дека тоа што го правиме нема никаква врска со војната?
Неколку рафали испукани во воздухот ни покажаа кој е тука главен и колку добро му оди пукањето. Веднаш им фрли око на нашите мобилни телефони. Бидејќи се колебавме кога ни ги побара, ни се закани, покажувајќи со раката дека, во спротивно, ќе ни летне главата. Му ги дадовме телефоните.
Одеднаш една жена во униформа го грабна пиштолот и дојде до нас. Таа беше „секратарката“, и бараше и нејзе да ѝ дадеме нешто. Животот е тежок, па еден мал „подарок“ добро би ѝ дошол. Потоа еден војник го отвори резервоарот со гориво за да го наполни својот канистер. На нашиот приговор ладнокрвно одговори дека така му било наредено. Бевме беспомошни. Ни преостана само да се надеваме дека нема и на останатите да им текне да го направат истото.
Тогаш рампата се подигна и ние продолживме по патот. Конечно можевме да здивнеме. Колку и да ни одеа на нерви, веќе се навикнавме на ваквите пунктови. Од април 2002 год. до јануари 2004 направивме 18 тури, тргнувајќи од пристаништето Дуала, преку Камерун до Банги, главниот град на Централноафриканската Република. Овој пат, долг 1.600 километри, секогаш е преполн со ризици и изненадувања.a
„На овие патувања научивме многу“, објаснуваат возачите Жозеф и Емануел, кои редовно возат на таа релација. „Најмудро е повеќепати да се помолиш во себе и да останеш смирен. ‚На Бог се надевам. Нема да се плашам. Што може да ми направи земниот човек?‘, напишал псалмистот. И ние се трудиме да имаме ист став. Сигурни сме дека Јехова е свесен дека сме тргнале на тој пат за на луѓето да им биде пренесена пораката на надеж која многу им е потребна“ (Псалм 56:11).
Духовна храна стигнува од повеќе земји
Многу луѓе од овој дел на Африка сакаат да чујат повеќе за добрата вест за Божјето Царство. Литературата што се транспортира таму е наменета токму за да им помогне да ја задоволат таа духовна потреба (Матеј 5:3; 24:14). Камерунската подружница на Јеховините сведоци во Дуала редовно доставува литература за повеќе од 30.000 објавители на Царството и други заинтересирани што живеат во Камерун и во четири соседни земји.
Уште пред да стигне до нив, литературата минува долг пат. Најголемиот дел од неа се печати во Англија, Германија, Италија, Финска и Шпанија. Потоа се товари на брод во Франција. Оттаму пристигнува во пристаништето Дуала, обично по еден контејнер на секои две седмици.
Контејнерот со кран се товари на камион, со кој се префрла до подружницата. Работниците од одделот за литература ја редат литературата според местото каде што треба да биде испратена. Не е лесно да се однесат публикациите во толку зафрлени места. Но, и тоа е потребно за добрата вест навистина да биде пренесена „до крајот на земјата“ (Дела 1:8). За да го постигне тоа, на подружницата во голема мера ѝ помагаат самопожртвуваните доброволци кои се спремни да тргнат на вакво опасно патување со камион. Само на тој начин, милиони луѓе во Централна Африка можат да имаат постојан доток на библиска литература.
Како изгледа едно такво патување
Камионите носат литература за Габон, Екваторијална Гвинеја, Камерун, Централноафриканската Република и Чад. Ајде да се качиме во еден од тие камиони и заедно со возачите да тргнеме на пат. Замисли си како седнуваш до нив, подготвен за десетдневното возбудливо патување што следи.
На оваа релација возат шест возачи. Мора да бидат силни, способни, стрпливи и добро облечени. Носат или африканска носија или кошула и вратоврска. Се има случено царинарниците да кажат: „Какви чисти камиони и педантни возачи, баш како што се прикажани на сликите во нивните списанија!“ Но, уште поважно од нивниот изглед е тоа што се спремни да служат во интерес на другите и да појдат каде и да треба (Псалм 110:3).
Од Дуала тргнуваме околу шест часот наутро, веднаш по изгрејсонцето, за да се избегне густиот сообраќај во овој неурбанизиран град. Откако преминуваме преку мостот близу до подружницата и го пресекуваме прометниот град, се упатуваме на исток кон нашата следна цел — Јаунде, главниот град на Камерун.
Сите шест возачи се согласни дека е многу тешко да се управува со камион натоварен со десет тони книги. Првите три дена патот е асфалтиран, па затоа немаме некој посериозен проблем, иако од возачите постојано се бара максимално внимание и концентрација. Потоа одеднаш плиснува пороен дожд. И патот не е повеќе асфалтиран. Се намалува видливоста, земјата станува лизгава, а поради дупките на патот, мора да се движиме многу полека. Се смрачува. Време е да застанеме, да каснеме нешто и да се обидеме да поспиеме со нозете качени на контролната табла. Таков е животот на ваквите патувања!
Рано изутрина продолжуваме понатаму. Еден од возачите будно внимава на условите на патот и веднаш ни кажува ако премногу се приближиме до крајпатниот ендек. На сите им е јасно дека ако камионот заглави во ендекот, ќе мора со денови да се одглавува. Патот не е многу подобар ни откако ја преминуваме границата и влегуваме во Централноафриканската Република. Следните 650 километри возиме низ убави, раззеленети, ритчести предели. Деца, постари луѓе и мајки со бебиња на грбот ни мавтаат додека полека минуваме низ нивните села. Поради граѓанските немири, на патиштата во последно време има малку автомобили, па затоа луѓето љубопитно нѐ загледуваат.
Наградени со убави доживувања
Жанвие, еден од нашите возачи, ни кажува дека, и покрај тоа што немаат многу време, честопати запираат во некое од селата за малку да се одморат и да им остават на луѓето библиска литература. Ни раскажува и една случка: „Секогаш кога ќе застаневме во Бабуа, ќе појдевме за да поразговараме со еден љубезен болничар кој многу сакаше да слуша поединости од пораката за Царството, и секогаш накратко ќе објасневме некоја тема со Библијата. Еден ден дури и им ја пуштивме нему и на неговото семејство видеокасетата за Ное. Дојдоа и негови пријатели и роднини, и за кратко време куќата беше полна со возбудени гледачи. Сите имаа чуено за Ное, а сега имаа можност да ја видат приказната и на екран. Бевме трогнати од нивното ценење. Потоа, во знак на благодарност подготвија посебно јадење и нѐ тераа да преспиеме кај нив. Ние моравме веднаш да продолжиме со нашиот долг пат, но бевме среќни што можевме да им зборуваме за добрата вест на овие понизни луѓе“.
Еден друг возач по име Израел, ни раскажува што им се случило другпат кога патувеле за Банги. „Како што се приближувавме до Банги, сѐ почесто наидувавме на барикади. За среќа, многу од војниците се однесуваа пријателски кон нас и се сеќаваа на камионот од претходните патувања. Ќе нѐ повикаа да седнеме со нив и со задоволство ќе ја земеа литературата што им ја дававме. Ним многу им значи што можат да имаат книга, па затоа веднаш си го запишуваа во неа своето име, датумот кога ја добиле и името на оној што им ја дал. Некои војници имаат и роднини што се Јеховини сведоци, па и поради тоа беа пријателски расположени“.
За Џозеф, возачот со најдолго искуство, најдобриот дел од таквите патувања е пристигнувањето на целта. Тој ни раскажува што се случило на едно од патувањата: „На неколку километри од Банги им се јавивме телефонски на браќата и им кажавме дека набрзо ќе пристигнеме. Тие дојдоа со нас низ градот и ни помогнаа да ги средиме документите. Кога стигнавме во подружницата, сите беа излезени надвор и нѐ поздравија со срдечни прегратки. Дојдоа и браќа од собранијата во близина и, за само неколку часа, стотици пакети со Библии, книги, брошури и списанија беа истоварени и наредени во складиштето“.
Потоа додава: „Понекогаш во камионот носиме и подарена облека, чевли и разни работи за деца наменети за соседна Демократска Република Конго. Навистина нема поголемо задоволство од глетката на насмеаните лица на благодарните браќа!“
По еден ден одмор, го подготвуваме камионот и се враќаме по истиот пат по кој дојдовме. Нѐ очекуваат нови проблеми, но убавите доживувања ќе ги засенат сите тешкотии.
Долги растојанија, поројни дождови, лоши патишта, дупнати гуми и дефекти — сето ова може да предизвика нервоза. Не е лесно да се излезе на крај и со непредвидливите војници. Сепак, на овие возачи им причинува огромно задоволство тоа што учествуваат во пренесувањето на добрата вест до далечни места во Африка, особено кога ќе видат како таа влијае врз животот на луѓето.
На пример, благодарение на овие пратки, современ превод на Библијата може да чита и еден човек што живее во зафрлено село во Централноафриканската Република, близу до границата со Судан. Неговата жена ги проучува новите броеви на Стражарска кула, а нивните деца учат многу од книгата Учи од Големиот Учител.b Тие, како и многу други селани што живеат во ова и во околните села, добиваат духовна храна сосема исто како и нивните христијански браќа што живеат во големите градови низ светот. Навистина сме радосни што е така!
[Фусноти]
a Оттогаш до денес е сторено многу за да се зголеми безбедноста на патот од Дуала до Банги.
b Издадена од Јеховините сведоци
[Карти/слика на страница 9]
(Види во публикацијата)
КАМЕРУН
Дуала
ЦЕНТРАЛНОАФРИКАНСКА РЕПУБЛИКА
Банги
[Слика на страница 9]
Џозеф
[Слика на страница 9]
Емануел
[Слика на страница 10
Подружницата во Банги (Централноафриканска Република)
[Слика на страница 10]
Растоварање на камионот во Банги