Тие си го збогатиле животот — можеш ли и ти?
МАРК, еден брат од Канада, бил вработен во фирма за изработка на роботски системи што ги користат вселенските центри. Работел со скратено работно време и служел како општ пионер. Но, еднаш шефот му понудил унапредување — да работи со цело работно време и да добива многу висока плата. Што направил Марк?
Ејми, една сестра од Филипините, служела како општ пионер додека не завршила со школувањето. Откако дипломирала, ѝ било понудено работно место кое би ѝ одземало многу време, но затоа би било добро платено. Што одлучила Ејми?
Марк и Ејми донеле различни одлуки, а исходот од нивните одлуки покажува колку е мудар советот што го добиле христијаните во древниот Коринт. Апостол Павле напишал: „Оние што го користат светот... да не го користат во потполност“ (1. Кор. 7:29-31).
Користи го светот, но не во потполност
Пред да дознаеме што се случило со Марк и со Ејми, накратко да го разгледаме значењето на зборот „свет“ (на грчки: ко́смос) што го употребил Павле кога им пишувал на Коринќаните. Во тој библиски стих, зборот ко́смос се однесува на светот во кој живееме — на човечкото општество во целина — и ги вклучува вообичаените работи што се дел од секојдневниот живот, како што се домот, храната и облеката.a За да си ги обезбедат тие неопходни работи, повеќето од нас мора да работат. Всушност, немаме друг избор освен да го користиме светот за да ги исполниме библиските обврски да се издржуваме себеси и своето семејство (1. Тим. 5:8). Меѓутоа, сфаќаме и дека „светот поминува“ (1. Јов. 2:17). Затоа, го користиме светот само онолку колку што е потребно, а не „во потполност“ (1. Кор. 7:31).
Мотивирани од библискиот совет да го користиме светот што е можно помалку, многу браќа и сестри ги преиспитале своите околности, нашле работа со скратено работно време и почнале да живеат поедноставно и поскромно. По кратко време сфатиле дека, всушност, животот им е побогат и поисполнет затоа што имаат повеќе време за семејството и за Јеховината служба. Освен тоа, бидејќи живеат поскромно, помалку зависат од светот, а повеќе од Јехова. Можеш ли и ти да го сториш истото — да живееш поскромно и поедноставно за да имаш повеќе време за службата за Јехова? (Мат. 6:19-24, 33).
„Поблиски сме со Јехова од кога и да е порано“
Марк, кого го спомнавме во почетокот, го послушал библискиот совет да не го користи светот до крај. Го одбил примамливото унапредување. По неколку дена, шефот му понудил уште повисока плата за да го убеди да ја прифати новата работа. „Тоа беше вистинско искушение“, вели Марк, „но јас повторно одбив.“ Тој објаснува зошто: „Жена ми, Пола, и јас сакавме да го градиме животот околу службата за Јехова колку што е можно повеќе. Затоа решивме да живееме поскромно и поедноставно. Го молевме Јехова да нѐ води да постапуваме мудро за да ја постигнеме нашата цел и си одредивме датум од кога ќе почнеме да му служиме во поголем обем“.
Пола вели: „Работев три дена седмично како секретарка во една болница и добивав добра плата. Во исто време бев и општ пионер. Меѓутоа, исто како Марк, и јас сакав да му служам на Јехова онаму каде што има поголема потреба од објавители на Царството. Но, кога дадов отказ, шефицата ми рече дека ги исполнувам условите да станам главна секретарка — работно место кое штотуку се отвори. Тоа беше најдобро платена секретарска работа во болницата, но јас останав на мојата одлука да дадам отказ. Кога ѝ објаснив на шефицата зошто не конкурирам за новото работно место, ме пофали за мојата вера“.
По кратко време, Марк и Пола добиле задача да служат како специјални пионери во едно мало собрание во внатрешноста на Канада. Што постигнале со таа преселба? Марк вели: „Не ми беше лесно да ја оставам добро платената работа што ја имав речиси половина од мојот живот, но Јехова ја благослови нашата служба. Неизмерно сме радосни додека им помагаме на другите да му служат на Бог. Полновремената служба ни помогна и во бракот. Нашите разговори се вртат околу теми што се навистина важни — духовни теми. Поблиски сме со Јехова од кога и да е порано“ (Дела 20:35). Пола додава: „Кога ќе ја оставиш работата и удобноста на својот дом, мора сосема да му се препуштиш на Јехова и да се потпираш на него. Ние го направивме тоа, и Јехова нѐ благослови. Драгите браќа и сестри во нашето ново собрание нѐ сакаат и потребни сме им. Силата што порано ја трошев на работата, сега ја користам за да им помагам духовно на луѓето. Пресреќна сум што служам како пионер“.
‚Имам сѐ, но не сум среќна‘
Ејми, која исто ја спомнавме во почетокот, донела поинаква одлука. Го прифатила доброто работно место што ѝ го понудиле. Таа вели: „Првата година откако се вработив бев активна во службата, но сфатив дека во животот, малку по малку, кариерата ми станува поважна од Царството. Добив примамливи понуди за унапредување и почнав да си ја трошам силата за да напредувам во кариерата. Бидејќи имав сѐ повеќе обврски на работа, посветував сѐ помалку време на службата. На крајот, сосема престанав да проповедам“.
Кога ќе помисли на тоа време, Ејми вели: „Во материјален поглед имав сѐ. Многу патував и бев многу ценета поради тоа што бев успешна на професионално поле. Сепак, не бев среќна. Иако имав пари, имав и многу проблеми. Се прашував што не е во ред. Конечно сфатив дека, напредувајќи во кариерата во овој свет, речиси ‚одлутав од верата‘. Како последица од тоа, токму како што вели Божјата реч, имав ‚многу маки‘“ (1. Тим. 6:10).
Што направила Ејми? Таа вели: „Ги замолив старешините да ми помогнат да закрепнам духовно и почнав да одам на состаноците. За време на една песна, се расплакав. Се сетив колку бев среќна петте години во кои учествував во жетвата како пионер, иако тогаш немав многу пари. Сфатив дека мора да престанам да си го трошам времето трчајќи по пари и дека треба на прво место да го ставам Царството. Побарав друго, не толку ценето работно место, што значеше дека ќе имам дупло пониска плата, и почнав повторно да проповедам“. Ејми радосно вели: „Пионер сум веќе неколку години. Сега се чувствувам исполнета, а така не се чувствував кога поголемиот дел од времето го трошев за да работам во светот“.
Можеш ли да смениш нешто за да живееш поедноставно и поскромно? Ако времето што ќе ти се ослободи го користиш за да проповедаш, и твојот живот ќе биде побогат и поисполнет (Изр. 10:22).
[Фуснота]
[Истакната мисла на страница 19]
Можеш ли да смениш нешто за да живееш поедноставно?
[Рамка/слика на страница 19]
„Веќе уживам во неа!“
Дејвид, христијански старешина од САД, сакал да биде во полновремена служба, како што биле жена му и децата. Издејствувал да работи со скратено работно време во фирмата во која бил вработен и почнал да служи како општ пионер. Дали тоа го исполнува? По неколку месеци, Дејвид му напишал на еден свој пријател: „Ништо друго не носи поголема радост и задоволство отколку максимално да му се служи на Јехова со својата фамилија. Си мислев дека ќе ми треба време за да се навикнам на пионерската служба, но јас веќе уживам во неа! Таа е вистинско освежување“.
[Слика на страница 18]
Марк и Пола проповедаат